Регион
Курц: Балканот приоритет, да се прекинат преговорите со Турција
Австрискиот канцелар Себастијан Курц побара веднаш да се прекинат преговорите за пристапување на Турција во ЕУ.
Австрија претседава со ЕУ од 1 јули, а Курц претходно изјави дека е за прием на Балканот и за подобри односи со Русија.
„Западен Балкан е клучен приоритет на надворешната и европската политика на Австрија, како и на нашето претседавање со ЕУ“, изјави Курц во интервјуто објавено денеска на веб-страницата на атинскиот весник „Катимерини“.
Тој продолжи велејќи „ја поддржуваме линијата на комесарот за проширување Јоханес Хан бидејќи обезбедувањето чесни перспективи и веродостоен пат на земјите од Западен Балкан кон ЕУ им служи на нашите безбедносни, политички и економски интереси“.
Курц го поддржа договорот на Грција со Македонија за решавањето на спорот за името бидејќи тоа, како што вели тој, „покажува дека упорните преговори и дипломатијата даваат резултати“.
Од друга страна, пак, канцеларот рече „со години сум многу јасен дека ние треба да имаме искрен однос со Турција. Преговорите на ЕУ со Турција треба веднаш да престанат бидејќи Турција во последните неколку години постојано се оддалечува од Европа и нејзините вредности“.
„Треба да се фокусираме на истражување други форми на соработка помеѓу ЕУ и Турција како сосед“, додаде Курц.
Канцеларот изјави дека високо меѓу приоритетите на австриското претседателствување со ЕУ е проблемот со имиграцијата и заштитата на границите и предупреди дека Виена нема да прифати одлуки што уште повеќе ќе ја оптоварат Австрија.
На крајот од интервјуто Курц вети постепено нормализирање на односите на ЕУ со Москва со процена дека без Русија не може да има траен мир во Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Околу 50 маскирани лица дојдоа пред Српскиот културен центар во Загреб
Педесетина маскирани мажи, претежно млади луѓе, пристигнаа пред Српскиот културен центар во Загреб, каде што се одржува изложба.
Таму беа и неколку припадници на интервентната полиција.
Откако пееја „О Хрватска, о Хрватска, независна држава“ и скандираа „За татковината, спремни“, тие го напуштија местото на настанот.
Полицијата не интервенираше веднаш, а групата се оддалечи сама, пренесуваат хрватските медиуми.
Интервентната полиција запрела дел од групата, ги легитимирала, а потоа ги пуштила.
фото: принтскрин
Регион
Во Словенија од денеска границите ќе ги чува и војската
Припадници на словенечката војска од денес ќе учествуваат во чувањето на државната граница заедно со полицијата, откако владата еден ден претходно го активираше членот 37 од Законот за одбрана, што го дозволува ова, јавува словенечката агенција СТА. На овој начин, тие ќе и олеснат на полицијата за да можат да извршуваат задачи поврзани со управувањето со безбедносната состојба, особено во југоисточниот дел на Словенија.
Членот 37 од Законот за одбрана предвидува дека словенечките вооружени сили можат да соработуваат со полицијата во пошироката заштита на државната граница во рамките на националната територија во согласност со плановите и по претходна одлука на владата. Припадниците на словенечките вооружени сили немаат полициски овластувања при извршување на овие задачи.
Владата одлучи да го активира членот на вчерашната седница со оглед на безбедносната состојба во југоисточна Словенија, истакнува СТА. Како што изјави премиерот Роберт Голоб по седницата, полицијата може да ги повика припадниците на словенечките вооружени сили да помогнат во многу ограничен опсег на задачи на границата. На овој начин, армијата ќе им олесни на полициските единици од југоисточна Словенија.
фото: принтскрин
Регион
Хорор во Лесковац: се скарал со соседката, па ја удрил со лопата по главата и стомакот, лекарите се борат за нејзиниот живот
Денеска, во селото Губеревац во близина на Лесковац во Србија се случи обид за убиство. По расправија, 69-годишниот Ц.Ј. ја нападнал својата 61-годишна соседка со лопата, нанесувајќи и повреди опасни по живот. Напаѓачот е уапсен, а Вишото јавно обвинителство во Лесковац му одредило притвор поради сомнение за обид за убиство, објавува српски Блиц.
Според првичните информации, вербалниот конфликт меѓу соседите ескалирал во физички напад. Се сомнева дека Ц.Ј. во еден момент зграпчил лопата и ја удрил жената по главата и стомакот со металниот дел. Жената е итно пренесена во Клиничкиот болнички центар во Ниш, каде што лекарите се борат за нејзиниот живот.
„Жената се здобила со повреди во форма на фрактура на темпорална коска и хематом во пределот на абдоменот, поради што е примена на лекување во Клиничкиот болнички центар во Ниш. Истрагата ја спроведе јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Лесковац“, изјавил извор за Блиц.

