Македонија
Почнаа пристапните разговори за членство во НАТО

Со посета на делегацијата на НАТО, предводена од Џејмс Мекеј, директор на Евро-атлантско и глобално партнерство во одделот за политички и безбедносни прашања во штабот на НАТО во Брисел, денеска почна реализацијата на процесот за членство во НАТО.
Работната средба на експертските групи беше посветена на запознавање со процесите и процедурите во врска со процесот за членство во алијансата, како и за обврските што Македонија треба да ги исполни, како што се финализирањето на реформите за зајакнување на владеењето на правото, реформите во одбраната и во безбедносниот сектор.
На средбата беше истакнато дека најважно во оваа фаза е имплементацијата на договорот со Грција, како договор за македонската иднина, како договор што ги гарантира македонскиот идентитет и македонскиот јазик.
Со почетокот на овие пристапни разговори, беше истакнато на состанокот, Македонија ја исполнува својата стратешка цел како повеќегенерациски успех и како успех на сите институции, сите политички партии, цивилното општество и сите граѓани и ја остварува својата цел за безбедност, стабилност и сигурност како основа за дополнителен економски развој и подобра иднина за нејзините граѓани.
Во наредниот период на секои две-три недели работни групи на НАТО во различен состав ќе ја посетуваат земјата и со националните тимови ќе ги усогласуваат неопходните политики и стандарди до конечното официјализирање на членството на земјата во НАТО.
Работната група што присуствуваше на состанокот е составена од експерти од Кабинетот на претседателот на Владата, од Министерството за одбрана, од Министерството за надворешни работи, од Министерството за внатрешни работи, од Министерството за правда, од Министерството за финансии и од Министерството за информатичко општество и јавна администрација, што ја предводеше Стево Пендаровски, национален координатор за НАТО, а го придружуваше и државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Гази Баба и Кисела Вода денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од село Инџиково од улиците: 3, 7, 14, дел од ул. 10 и дел од ул. Маџари. (Општина Гази Баба)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Студеничанска и дел од ул. Драчевска. (Општина Кисела Вода)
· од 09:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. Добре Ивановски, и дел од ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)
Македонија
Денеска максималната температура до 38 степени, од утре потопло

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток до средината на наредната седмица кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надмине 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.