Економија
(Видео) Постигнат трговски договор – Трамп и Јункер ќе работат на укинување на царинските давачки

Американскиот претседател, Доналд Трамп, и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, се согласија да работат на укинување на царинските давачки и намалување на трговските бариери.
– Денес се согласивме заедно да работиме во насока на укинување на царинските давачки, нецаринските бариери и грантови за неавтомобилските индустриски производи – изјави Трамп за новинарите во Белата куќа, стоејќи веднаш до Јункер, пренесува „Ројтерс“.
Трамп, исто така, кажа дека е договорена соработка со цел да се намалат бариерите и да се зголеми трговската размена во полето на услугите, хемикалиите, фармацијата, медицинските производи, како и сојата.
Според него, „ова е одличен ден за слободна и фер трговија”, а ќе се решаваат и прашањата за „царината на челик и алуминиум“.
Јункер рече дека договорот постигнат денеска ги исполнил неговите очекувања, објави АП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши: Безбедноста и здравјето на работниците се наш фокус, дигитализацијата ќе овозможи отворање нови работни места

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска се обрати на настан по повод одбележување на „Светскиот ден на безбедност и здравје при работа“
„Во услови на длабоки промени во светот на работата, глобализацијата, технолошките промени, новите бизнис-модели и слично, еден од најзначајните предизвици на Министерството за економија и труд е да дефинира кои лица, односно работници треба да бидат предмет на заштита и да уживаат соодветна заштита во работата.Брзиот развој на технологијата и дигитализацијата на деловниот свет во последната деценија овозможи отворање на нови видови работни места, кои пред десет години не можевме ни да ги замислиме.
Заедно со отворањето нови работни места, ќе има и промени на постојните работни места, што ќе бара работниците да развијат нови вештини и да се прилагодат на новите технологии и начини на работа. Тоа е затоа што новите технологии често го менуваат начинот на кој се работи и бараат различен сет на вештини“, рече Дурмиши.
Во таа насока а со цел полесно вклучување и прилагодување на работниците на потребите на пазарот на труд, односно стекнување на компјутерски вештини и дигитална писменост, заради зголемување на вработливоста и конкурентноста на пазарот на трудот со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година се предвидуваат повеќе мерки кои се однесуваат на обуки и развој на дигитални вештини, како што се обуки за напредни ИТ вештини, специјалист за вештачка интелегенција, специјалист за мрежи, обуки за дигитален маркетинг и современите технологии засновани на вештачка интелегенција.
Сите овие обуки, според Дурмиши ќе овозможат преквалификација, доквалификација на сите кои сакаат да се стекнат но и да ги унапредат своите вештини заради зголемување на нивната конкурентност и побрза интеграција на пазарот на трудот и вклучување во новите трендови како што се дигитализација на работни места, бидејќи само на овој начин преку вложување во развој на дигитални вештини ќе отвориме нови работни места.
„Како министер, за економија и труд, кој има надлежност и улога да се грижи за унапредување на работничките права, во светот на дигитализацијата не смееме да го заборавиме работникот кој што треба да биде вклучен во секоја промена на секој технолошки развој. Мораме да бидеме свесни за тоа како технолошките промени влијаат на физичкото и менталното здравје на работниците. Односно да создадеме работна средина, работно место каде технологијата ќе служи за да ги подобри условите, но не и да го игнорира човечкото достоинство. Технологијата е тука за да ни помогне, но човечкиот фактор останува клучен. Наша задача е да осигураме дека дигиталниот напредок оди рака под рака со грижата за здравјето и благосостојбата на работниците. Напредокот и технологијата можат да создадат подобар свет, но само ако тој свет е изграден врз основа на безбедност, доверба и грижа за луѓето“, посочи Дурмиши.
Министерството во наредниот период, како што најави, ќе работи на подигнување на свеста, поттикнување на дебати и дискусии за важноста на безбедноста и здравјето при работа во оваа дигитална ера со посебен акцент на неопходноста да се има „пристап фокусиран на човекот“ при дизајнирањето, спроведувањето, управувањето и користењето на дигиталните технологии.
„Мора да ни биде јасно дека е клучно да бидеме проактивни во прилагодувањето на новите трендови и технологии за да останеме конкурентни на пазарот на трудот и да обезбедиме успешна кариера во иднина, за да можеме да ги задржиме младите во нашата земја но и да ги привлечеме оние кои се надвор од државата да се вратат и тука да ја креираат својата иднина“, истакна Дурмиши.
Економија
„Двојно поголема наплата: рекордни 247 милиони денари од концесии“, извести Министерството за енергетика

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави дека наплатата на надоместоците за експлоатација на минерални суровини во првиот квартал од 2025 година достигна 247.491.155 денари. Ова претставува повеќе од двојно зголемување во однос на истиот период во 2024 година, кога беа наплатени 110.576.324 денари, извести Министерството.
„Овој значаен раст е резултат на посветените и засилени активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите“, велат од Министерството за енергетика.
„Министерството спроведе сериозни активности за зајакнување на наплатата на надоместоците, вклучувајќи:
· Испраќање писмени опомени до концесионерите со предупредување за можен раскин на концесијата доколку не ги подмират навреме обврските.
· Засилување на редовните и вонредните инспекциски контроли на терен.
· Едностран раскин на десетина договори со концесионери кои не ги почитувале законските обврски, со уште десетина постапки во тек.
· Донесување нов Тарифник за утврдување на висината на надоместоците, кој е во сила од 1 јануари 2025 година.
Со новиот Тарифник, висината на надоместоците за издавање дозволи и концесии за експлоатација на минерални суровини е зголемена до 100%, со цел да се обезбеди правична вредност за користење на природните ресурси. Клучните измени вклучуваат:
· Зголемување на надоместокот за користење простор за експлоатација за околу 30%.
· Надоместок за експлоатација на мермер: 5% од приходот од продадената суровина, наместо од претходна фиктивна цена.
· Зголемување на надоместокот за металични минерални суровини од 2% на 4%.
· Просечно зголемување над 100% за неметалични минерални суровини.
Овие измени не се однесуваат на енергетските минерали, како јагленот, со цел да се избегне дополнителен притисок врз цените на електричната енергија“, соопшти Министерството.
„Порастот на наплатата директно влијае врз зголемувањето на буџетите на општините каде што работат концесионерите, како и на буџетот на Република Македонија. Овие средствата се користат за изградба и одржување на комунална инфраструктура на
подрачјето на единиците на локалната самоуправа, проекти за одржлив развој и енергетска транзиција и за спроведување на проекти за заштита на животната средина“, се додава во соопштението на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
Ангеловска-Бежоска на средба со директорот за статистика на ММФ: Народната банка со нови достигнувања во статистиката

Директорот за статистика на ММФ, Алберт Крусе, искажа задоволство од натамошниот напредок на Народната банка во областа на статистиката, со позитивна оцена за квалитетот, обемот и навременоста на објавените податоци, коишто се во согласност со највисоките меѓународни стандарди. Притоа, беше нагласено дека Народната банка прибира, изготвува и објавува податоци според највисокиот статистички стандард СДДС плус на ММФ, транспарентно и навремено, во согласност со Календарот за објавување податоци. Ова беше истакнато на средбата која ја имаше со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерите Фадил Бајрами и Ана Митреска, одржана на маргините на Пролетните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд. На средбата се разговараше за напредокот и за идните планови на Народната банка во областа на статистиката.
Делегацијата на Народната банка ги посочи напорите за унапредување на комуникацијата со јавноста, преку визуелно појасно прикажување на податоците, медиумска активност и интеракција на социјалните мрежи. Гувернерката истакна дека Народната банка постојано работи на развивањето нови сетови статистички податоци и на нивната достапност за пошироката јавност. Така, од октомври 2024 година, сетот на податоци за финансиските сметки е збогатен со квартални и со годишни консолидирани состојби, а до крајот на 2025 година би требало да бидат објавени и податоци за финансиските текови по сектори.
На средбата се зборуваше и за подобрувањата во екстерните статистики, коишто овозможија скратување на роковите за изработка и за доставување на месечните податоци за билансот на плаќања и кварталните податоци за меѓународната инвестициска позиција до Евростат, во согласност со стандардите и барањата на ЕУ. Во областа на монетарната статистика е започната и доброволна размена на податоци за каматните стапки со Европската централна банка.
Делегацијата на Народната банка посочи дека со цел да се зајакне поддршката на известувачите и да се намали товарот за известување за статистички податоци, се продолжи со активностите за поголема дигитализација на процесот на известување. Во оваа смисла, се работи и на поедноставено известување на банките за статистички цели за платежните трансакции со странство и на усогласување со стандардите на СЕПА. Исто така, постепено се заокружуваат активностите поврзани со долгорочниот проект за воспоставување систем за детално известување за потребите на статистиката и супервизијата ИСИДОРА.
На средбата беше истакнато дека Народната банка активно соработува со ММФ на нови иницијативи во областа на статистиката и следењето на методолошките препораки заради постигнување подобар квалитет на податоците. Со цел да се направат методолошки подобрувања на податоците за дознаките и за останатите компоненти од платниот биланс, врз основа на препораките од ММФ, е изготвен предлог-модел за процена којшто е доставен до Фондот.
Од ММФ посочија дека со помош на овие постигнувања, Народната банка се издвојува како институција којашто активно се приспособува кон светските стандарди, обезбедувајќи квалитетни и навремени статистички податоци како основа за економскиот развој и стабилност.
Делегацијата на Народната банка оствари средби и со претставници од Одделот за монетарни и финансиски прашања (МЦМ) и од Правниот оддел на Меѓународниот монетарен фонд, на кои се разговараше за сегашните активности и потенцијалната понатамошна соработка во доменот на зајакнувањето на монетарната рамка, вклучително и алатките за анализа на монетарната политика и нормативната поставеност. Беше разгледана и можноста за техничка поддршка за усогласување со меѓународните добри практики и со стандардите на Фондот.