Македонија
Со цртежи и поезија, Домот „11 Октомври“ ќе го одбележи датумот од земјотресот
Македонско здружение за култура, обичаи и традиции ,,Гороцвет”, Домот за деца без родителска грижа ,,11 Октомври” од Скопје, Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри ( ЗМСТА ) и ИНФЕ Македонија, во знак на сеќавање и незаборав на 26 јули и жртвите од катастрофалниот земјотрес, денеска организираат добротворен настан.
Имено, од 11 до 13 часот во Домот, уметникот и химанист Живко Поповски Цветин ќе одржи ликовна работилница за децата. Во рамките на поетската програма поетесата Анита Бошковска ќе ја изведе својата пригодна песна за поетесата Даница Ручигај, која животот го загубила во катастрофалниот земјотрес на 26 јули 1963 во Скопје. Ќе настапат и актерката Аница Бебиќ и новинарката Валентина Ѓоргиевска Парго.
Целта на добротворниот настан е заедно со децата да се испрати порака за мир, хуманост и солидарност. Со уметничкото украсување и ликовната работилница која ќе се одржи во дворот на Домот и со поезијата да се испрати порака „да го разубавиме Скопје, секој во својот двор” , и да се стави акцент на екологијата. Пораката „да си помагаме” ќе ја испратат медицинските сестри и ќе потсетат дека сестринството одиграло значајна улога во лекувањето на луѓето погодени од земјотресот. Настанот е од отворен карактер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Сервисни информации
Продолжениот викенд ги наполни граничните премини
Гужви и голема фреквенција на возила утрово беше забележана на граничните премини Богородица и Табановце. Според снимките од видео-камерите на Јавното претпријатие за државни патишта забележителни беа колоните возила кои чекаа на граничните премини.
Според МВР, во периодот од 10 часот вчера до 10 утрово на ГП Богородица за влез во Република Северна Македонија вкупно се пријавиле 3.444 патници.
– За излез од Република Северна Македонија се пријавиле вкупно 12.394, а севкупниот број на патници за влез и излез е 15.838, граѓани.
Продолжениот викенд голем број граѓани од земјава ќе го искористат за посета на туристичките центри, а најфреквентен е граничниот премин за влез кај јужниот каде празнично се чека и по повеќе од час во километарски колони.
За викендите и за празниците, метежите на граничните премини Табановце и Богородица се вообичаени а гужви се очекуваат и во недела.
Македонија
Сиљановска Давкова присуствуваше на молебенот во чест на Свети Кирил: Тој им припаѓа на сите и неговата порака е хумана
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во рамки на посетата на Светиот Престол, денеска во базиликата „Сан Клементе“ присуствуваше на молебенот во чест на Свети Кирил и се поклони на гробот на сесловенскиот просветител.
Молебенот, на кој присуствуваа членовите на државно – црковната делегација, претставници од дипломатскиот кор и други гости, го отслужија Владиката Пимен и Владиката Тимотеј со претставници на Македонска православна црква — Охридска архиепископија.
По молебенот, Сиљановска Давкова упати порака за продолжување на делото на св. Кирил и рече дека посебна убавина на настанот му дало бројното присуство на припадниците на македонската дијаспора во Италија и во Австрија.
„Кирил бил со векови пред времето. Кирил го вградил, не само својот живот, туку и нашиот живот, на некој начин, во Европа пред многу многу долги векови. Тоа мораме да го почитуваме. На Кирил му било јасно значењето на зборот, на речта, на мислата, оти тоа значело обединување, разбирање, слушање, говорење“, изјави Сиљановска Давкова, која со гордост ги споменува Cветите Кирил и Методиј кои се директна врска меѓу Македонија како лулка на европската писменост и Европа.
Таа посебно ја истакна и почитта што кон делото на Св. Кирил ја имаат сите словенски народи.
„Кирил порачал дека јазикот е код за разбирање, дека треба да се разбираме, да се обидеме, да се слушаме, да се помагаме. Кога вака доаѓаме едни по други, има ли поголем доказ дека тој на ум имал обединување на сесловенскиот свет. Тој им припаѓа на сите и мислам дека неговата порака е хумана порака“, рече Сиљановска Давкова по молебенот.
Сиљановска Давкова ја посети и базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде положи венец на спомен – плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј.
Во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, Сиљановска Давкова вчеравечер во салата „Балдини“, присуствуваше на концертот на Националната установа „Камерен оркестар од Битола“ со солистот Нада Талевска – Спасовска, кои настапија со македонски народни песни во нивни аранжман, а во организација на Министерството за култура.
Попладне претседателката Сиљановска Давкова ќе оствари средба со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.
Македонија
Левица: Аманет да си го браниме јазикот од сите напади, денес ги има повеќе од било кога
Значајни за Македонија, но и за останатите словенски народи, Кирил и Методиј, основоположниците на словенската писменост имале единствена мисија: да создадат писмо за својот јазик, да шират просвета, „за слепи да прогледаат и глуви да чујат“.
Беа на страната на послабите и обесправените, во одбрана на оние кои немаа писмо и книги на свој јазик, создавајќи им слово, преведувајќи книги од грчки на словенски.
Се бореа со мудра мисла и со моќта на ЗБОРОТ. Правично, правдоборно и со факти, истакнуваат од Левица по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители.
„Користејќи го говорот на македонските Словени од околината на Солун, Кирил ја создава првата словенска азбука – глаголицата.
Нивната мисија нема само просветителска кауза, туку и политичко-културолошка, општествено-дипломатска, а меѓу другото, и во смисла на декомпонирање на јазично-теолошкиот систем на тогашното германско свештенство.
Солунските браќа се бореа и против тријазичноста:
„Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така еднакво за сите? Зарем не дишеме воздух сите еднакво? Па тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“
Кирил Филозоф своевремено ги бранеше јазикот и писмото пред многу векови. Денешните наши тенденции се да ги поттикнуваме граѓаните на критичко мислење, а особено младите. Кирил Филозоф нека биде пример пред сите нив и пред сите нас за одбрана, конструктивност и правдоборност!
Кирил и Методиј создадоа азбука, преведуваа, просветуваа. Проблемот го решија трајно, но оставија аманет.
Аманет за да си ги браниме јазикот, азбуката и просветата од сите внатрешни и надворешни напади.
Денес напади има повеќе од било кога! Но денес имаме и аргументи за одбрана повеќе од било кога.
Да се продолжи достојно влогот на Кирил и Методиј“, порачуваат од Левица.