Македонија
Oсмани: Одличната развојна соработка помеѓу Македонија и Кина ја продлабочува севкупната билатерална соработка
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска во просториите на Секретаријатот за европски прашања оствари средба со амбасадорот на Народна Република Кина, Јин Ликсијан.
Вицепремиерот Османи изрази благодарност за поддршката што Народна Република Кина ја обезбедува за Република Македонија, особено во овој клучен период за нашата земја кога партнерството и помошта од нашите најблиски билатерални партнери, како Народна Република Кина, е од огромно значење.
За време на средбата соговорниците се осврнаа на проектната соработка помеѓу двете земји во изминатата деценија, која се реализира во рамките на договорите за економска и техничка соработка, кои се потпишуваат најчесто на годишно ниво. Посебен акцент беше ставен на програмските активности за соработка во рамките на потпишаниот договор за економска и техничка соработка во декември минатата година за обезбедување грант – помош помеѓу Република Македонија и Народна Република Кина. Со овој договор беа обезбедени нови неповратни финансиски средства од владата на Народна Република Кина за поддршка на проекти во Република Македонија, при што примарен приоритет ќе биде даден на секторот здравство.
„Преку оваа соработка не само што се поддржуваат развојните цели на нашата држава туку се унапредува и севкупната соработка помеѓу Република Македонија и Народна Република Кина, што е важен сегмент во продлабочувањето на нашите меѓусебни односи“, додаде Османи.
За време на разговорот вицепремиерот Османи изрази благодарност и задоволство што покрај инфраструктурните проекти, тековно се спроведуваат и билатерални семинари во НР Кина за претставници од националните институции, во насока на зајакнување на човечките ресурси во администрацијата во разни области и дека продолжувањето со нив ќе придонесе во унапредувањето на соработката помеѓу двете земји и на ова поле.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

