Економија
Пристапните патишта и водоводот за ТИРЗ ќе бидат готови за 15 месеци

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на Дирекцијата на Технолошко-индустриските развојни зони, Александар Младеновски, и градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, извршија увид во изградба на пристапните патишта и водовод што се гради за потребите на ТИРЗ Прилеп.
Со проектот предвидено е изградба на клучка на две нивоа, која ќе овозможи едноставно и безбедносно вклучување и исклучување на магистралниот пат Прилеп-Битола. Вкупната должина на пристапните патишта до зоната е околу 2,8 километра или вкупната инвестиција е речиси 4 милиони евра.
„Овој проект е од огромно значење за ТИРЗ Прилеп заради обезбедување соодветни услови за сегашните и идните инвеститори во зоната сè со цел да им се овозможи брз и навремен траспорт на нивните производи. Нашата цел како Влада е да овозможиме еднакви услови за сите инвеститори, да создадеме услови за што повеќе отворање нови работни места. Затоа, силно сме фокусирани на изградба на квалитетна патна и железничка инфраструктура, која ќе овозможи конкурентни услови во регионот. Само да потсетам дека за една година во Република Македонија влезени се 12 нови странски инвестиции“, изјави Сугарески.
Директорот на ТИРЗ изјави дека целиот проект ќе биде готов за 15 месеци, со што ТИРЗ Прилеп ќе стане целосно функционална зона.
„Работите почнаа да се одвиваат пред еден месец и очекувам за една и пол година да биде изградена клучката заедно со пристапните патишта и водоводот за зоната, со што ќе им ја олесниме работата на сите компании што моментно работат во оваа зона, но и на идните инвеститори“, изјави Александар Младеновски, директорт на Дирекцијата на Технолошко-индустриски развојни зони.
На новинарски прашања во однос на капиталните инвестиции, министерот Сугарески истакна дека рееализацијата на капиталните инвестиции на Министерството за транспорт и врски се во висина од 55 проценти, а значително зголемување се очекува во третиот и четвртиот квартал годинава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Булмак 2016“ уплати 58,2 милиони денари на државата и на општините Пробиштип, Крива Паланка, Кратово и Македонска Каменица за концесија

Компанијата што ги управува рудниците „Злетово“ и „Тораница“, „Булмак 2016“ извести дека во првите девет месеци од 2025 година плати вкупно 58.231.096денари концесиски надоместоци. Од нив 22% одат во државниот буџет, односно 12.810.841 денари, а останатите 78% или 45.420.255 денари одат во буџетите на Пробиштип, Крива Паланка, Кратово и Македонска Каменица.
„Нашата одговорност се гледа и во бројки и во доверба. Во првите девет месеци од 2025 година пресметавме 58.231.096 денари за концесиски надоместоци, од кои значаен дел се слеваат во четири локални буџети. Тоа се средства за улици, училишта, спорт и услуги што граѓаните ги користат секој ден. Ќе продолжиме со транспарентна комуникација, инвестиции во безбедност и модернизација на нашите рудници и со цврсто партнерство со заедниците во кои работиме,“ вели Тони Тоневски, директор на „Булмак 2016“.
Општина Пробиштип добива 21.694.615 денари, Крива Паланка – 21.817.460 денари, Кратово – 1.384.763 денари и Македонска Каменица – 523.417 денари.
Од „Булмак 2016“ велат дека остануваат посветени на навремено исполнување на сите законски обврски и на отворена комуникација со јавноста.
Економија
„Нестле“ ќе отпушти 16.000 работници

Прехранбениот гигант „Нестле“ денес објави дека ќе отпушти речиси 16.000 работници во следните две години за да ги намали трошоците.
Компанијата ќе отпушти приближно 12.000 административни работни места во сите оддели и региони во кои работи и уште четири илјади по спроведувањето мерки за подобрување на продуктивноста во производството и синџирите на снабдување.
„’Нестле’ мора да се промени побргу за да се приспособи на променливите глобални услови“, рече извршниот директор Филип Навратил додавајќи дека отпуштањето работници е тешка, но неопходна одлука.
Како дел од новиот план, менаџментот на „Нестле“ има намера да ги намали трошоците за три милијарди швајцарски франци (3,23 милијарди евра) до 2027 година. Досега тие планираа да ги намалат трошоците за 2,5 милијарди франци. Најголемата светска компанија за храна објави намалување на работните места во својот прелиминарен деловен извештај за првите девет месеци од оваа година.
Во периодот од јануари до септември приходите на „Нестле“ изнесуваа 65,9 милијарди франци (70,8 милијарди евра), што е намалување од 1,9 процент во однос на истиот период минатата година. Кога се исклучуваат флуктуациите на валутите и еднократните ставки, приходите се зголемија за 3,3 проценти.
За цела 2025 година, менаџментот на „Нестле“ очекува малку посилен органски раст од минатата година, без да прецизира бројки. Резултатите од минатата година покажаа стапка на раст од 2,2 процента, најниска за најмалку 25 години.
Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска во Вашингтон: Светската банка останува силен партнер во спроведувањето на реформите и забрзувањето на економскиот раст

Во рамки на Годишните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оствари средба со регионалната потпретседателка на Светската банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, регионалната директорка за Западен Балкан, Шиаокинг Ју, извршниот директор Јуџин Ругенаат и раководителката на Канцеларијата на Светската банка за Косово и Северна Македонија, Карол Межевав.
Разговорите беа насочени кон макроекономските и фискалните движења, напредокот во реализацијата на тековните проекти, како и можноста за нови финансиски инструменти од Светската банка за поддршка на буџетските и структурните реформи.
Главен фокус на средбата беа проектите кои во моментов се спроведуваат во Македонија и кои се насочени кон подобрување на инфраструктурата, енергетската ефикасност, дигитализацијата, управувањето со јавните финансии и развојот на човечкиот капитал.
„Владата останува посветена на фискалната дисциплина, структурните реформи и забрзувањето на економскиот раст преку инвестирање во јавната инфраструктура и човечкиот капитал“ истакна министерката.
Светската банка го поздрави напредокот на Македонија и го потврди своето партнерство во реализацијата на реформите и проектите од новата рамка на соработка.
Тоа го потврдува и најовиот редовен економски извештај на Светската банка за Западен Балкан, во кој се наведува дека се очекува растот на македонската економија да достигне 3,1% во 2025 година, што претставува подобрување во однос на претходните прогнози.
Банката нотира дека Македонија ја задржува фискалната стабилност, со буџетски дефицит под 3% и јавен долг на надолна траекторија, што создава простор за одржлив раст и поволна инвестициска клима.
На средбата се разговараше и за економските проекции и можностите за нивно дополнително подобрување преку засилување на јавните инвестиции, зголемување на продуктивноста и поддршка на извозно ориентираните компании. На средбата присуствуваше и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.