Македонија
ЗНМ, ССНМ и Советот за етика: Измените на Изборниот законик ја загрозуваат работата на медиумите
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) се противат на усвоените измени и дополнувања на Изборниот законик, донесени како резултат на политички договор помеѓу власта и опозицијата со оценка дека директно ја загрозуваат работата на медиумите во време на предизборна кампања и се во спротивност со претходните укажувања и ставови на еснафските здруженија.
Во заедничкото соопштение трите организации наведуваат дека овие измени се донесени на нетранспарентен начин, со партиски консензус и зад затворени врати.
„Ставот на ЗНМ, ССНМ и СЕММ што им беше познат на партиите е да се укине платеното политичкото рекламирање за време на изборни кампањи во приватните медиуми, а измените во Изборниот законик не само што го озаконуваат истото, туку и овозможуваат тоа да биде направено со јавни пари од граѓаните“, се посочува во соопштението.
Уште поголем апсурд, наведуваат, е што измените и дополнувањата во Изборниот законик ѝ даваат овластување на Државната изборна комисија, на чијашто, посочуваат, „ефикасност“ бевме сведоци во сите изборни циклуси, да ги регистрира онлајн-медиумите што ќе известуваат за изборите, како и да ја мониторира и оценува нивната работа.
„Потсетуваме дека нема европска пракса за следење на начинот на известување на онлајн-медиумите и дека со овој пристап се нарушува концептот на медиумската саморегулација. Освен ова, измените предвидуваат казни за традиционалните и онлајн-медиумите во висина од 4 000 евра, за неизбалансирано и непристрасно известување според член 181а од Изборниот законик. Прашуваме кои се тие стручни луѓе во ДИК и на каков начин ќе ја мерат неизбалансираноста и непристрасноста на известувањето на онлајн-медиумите“, нагласуваат од ЗНМ, ССНМ и СЕММ.
Потсетуваат дека Агенцијата за медиуми од ваквата обврска се откажа токму поради немањето методологија, ниту европска пракса на некоја државна институција да се занимава со (не)етичко известување. Последен обид на власта и опозицијата, се додава, да се занимаваат со професионалноста на медиумите за време на избори беше и ад-хок телото, кое се покажа како сосема неуспешно решение.
Како посебно проблематична измена на Изборниот законик ЗНМ, ССНМ и СЕММ го сметаат и членот 3 став 11, со кој на учесниците во изборниот процес им се наложува да достават медиа планови за политичко рекламирање кое потоа ќе биде платено од буџетот на РМ на приватните медиуми. Сметаат дека ова претставува упад во независноста на уредувачката политика и програмските содржини на медиумите во време на предизборна кампања, бидејќи им се наметнува програмска шема од страна на политичките партии.
„ Овие штетни измени во Изборниот законик не се во прилог на блокираните медиумски реформи и без дилема тие негативно ќе се одразат и во работата на медиумите и на севкупниот демократски амбиент во време на предизборна кампања“ додаваат од ЗНМ, ССНМ и СЕММ и најавуваат дека за овие недемократски законски мерки ќе ги известат и мисиите на странските претставништва кои се грижат за слободата на изразување и независноста на медиумите во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Каде е др. Жан Митрев и зошто Обвинителството не реагира
СДСМ вели дека додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со лажна кампања и линч против претседателот на партијата, Венко Филипче, во јавноста го нема д-р Жан Митрев.
Во соопштението се наведува дека д-р Жан се појавил на телевизија Алфа, каде што, според СДСМ, изнел лаги за Филипче, по што, како што се посочува, исчезнал од јавноста.
„Прашањето е каде е др Жан? Дали Обвинителството го повика?“, прашуваат од СДСМ, додавајќи дека кампањата против Филипче трае со недели во медиуми кои ги нарекуваат контролирани од ВМРО/Орбан, без никаква реакција од Обвинителството.
Од партијата наведуваат дека со недели поставуваат прашања кога д-р Жан ќе даде изјава пред надлежните институции, но, како што посочуваат, не добиваат одговор.
Македонија
Лани подигнати 22.000 кубни метри отпад од диви депонии, Комунална апелира поскоро да стапи во сила Законот за формирање на комунална полиција
Во текот на 2025 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале вкупно 21995 кубни метри отпад од стотици диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад е отстрането во скопските општини Центар и Чаир.
„Екипите на Претпријатието речиси секојдневно интервенираа на неколку локации каде што се одлага отпад на јавни и на сообраќајни површини, најчесто на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), на аголот со улицата Максут Садик, веднаш крај детското игралиште, каде што континуирано се отстрануваа големи количества непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад“, велат од Комунална.
Воедно, во текот на минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје врачила 607 записници за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број записници – вкупно 227, се изготвени во скопската општина Чаир.
ЈП Комунална хигиена-Скопје објави дека нема ингеренции на терен да ги санкционира прекршителите на Законот за јавна чистота и од тие причини апелира што поскоро на сила да стапи Закон за формирање комунална полиција, како најефикасен начин да се превенира загадувањето на животната средина и да се заштити јавното здравје.
Македонија
УКИМ: 82 студенти ја завршија Програмата за изучување на холокаустот
На 26 јануари 2026 година во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) се одржа Комеморативниот настан „УКИМ се сеќава“ со кој се одбележа Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.
На Комеморативниот настан се обратија амбасадорката на Израел, Вивиен Ајсен, пратеничката Рашела Мизрахи, директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикаријо и раководителот на Универзитетската програма за изучување на холокаустот, проф. д-р Мишо Докмановиќ. На настанот и зборуваше и Ефрат Барух Алтарац, снаа на последната преживеана Еврејка од Штип.
Во рамките на настанот беа доделени и сертификатите за завршените универзитетски курсеви за изучување на холокаустот на 82 студент на УКИМ, кои во изминатиот семестар ја следеа програмата организирана на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Со тоа бројот на студентите кои ја следеле оваа програма во изминатите три години се искачи на вкупно 375 студентите.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е еден од двата европски универзитети кои во 2023 година го добија престижниот грант на Конференцијата на еврејските материјални побарувања од Германија од Њујорк, што овозможува реализација на програмата на курсеви за изучување на холокаустот до 2027 година.

