Соопштенија
СДСМ: Владата започна процес на рехабилитација на здравството коешто 11 години беше уништувано

Здравството 11 години беше на колена поради погубните и криминални политики на ВМРО-ДПМНЕ, партијата којашто 11 години ги погазуваше правата на пациентите и го потценуваше трудот на лекарите.Владата предводена од СДСМ започна процес на рехабилитација на здравствениот систем преку кој се унапредува здравствената заштита, правата на пациентите и статусот на медицинскиот персонал, се вели во соопшението на СДСМ.
Според партијата, за нешто повеќе од една година се донесе реален и одржлив план за изградба на нов Клинички центар, стапката на смртност кај новороденчињата е намалена, а се обезбедија и повисоки надоместоци за дежурства за лекарите.
,,За жал, во изминатите години Македонија загуби премногу квалитетни и едуцирани доктори кои барајќи достојни услови за работа, тие трајно се иселија низ Европа и светот. Тоа мора да запре. Во насока на спречување на бранот иселувања на лекарите, за прв пат во Македонија се обезбедија средства за плаќање на надометок и на приватните специјализанти за нивниот труд и ангажман. Донесена е одлука за укинување на здравствена партиципација за децата од семејства коишто се корисници на социјална помош. Намален е бројот на директори со што се прави значително намалување на трошоците преку укинување на платите на организациските директори во 40 здравствени установи. Преку домаќинското и одговорно работење и направените заштеди, за очекување е веќе од наредната година да се воведе бесплатното болничко лекување, една од клучните мерки на Владата предводена од СДСМ”, се вели во соопштението.
Според партијата, за осовременување на здравството и унапредување на здравствената заштита, во буџетот на Министерството за здравство за 2018 година, обезбедени се вкупно 221 милион денари за набавка на медицинска опрема за јавните здравствени установи.
Ова се само дел од клучните мерки преземени од страна на Владата предводена од СДСМ за развој и унапредување на здравството. Владата предводена од СДСМ и ресорното министерство продолжуваат активно да работат на подобрување на здравствениот систем, унапредување на условите за работа на лекарите и поголема грижа за правата на пациентите, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Реконструкција на училишта, нови сали и современи ИТ кабинети во програмата на ЗНАМ

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денес одржа прес-конференција посветена на образованието во Куманово, нагласувајќи дека тоа е најголемата инвестиција во иднината на градот и неговите жители.
„Квалитетното образование мора да биде право, а не привилегија. Нашата цел е секој ученик и студент да има современи услови за учење и развој, а општината ќе продолжи да вложува во подобрување на наставниот процес, спортските капацитети и инклузивноста,“ беше истакнато на прес-конференцијата.
Во програмата за следниот период се предвидуваат реконструкција и доопремување на централните и подрачните училишта, со акцент на енергетска ефикасност и пристапност за лицата со попреченост, нови и реконструирани училишни спортски сали, современи ИТ кабинети и технолошки зони, уредени училишни дворови со осветлување и нова урбана опрема, целосна реконструкција на повеќе основни училишта и спортски сали низ Куманово и околните населби и промоција на инклузивна средина во сите училишта.
„Нашата визија е преку образованието да создадеме генерации подготвени за предизвиците на новото време, но истовремено свесни за своите корени, култура и вредности. Секој млад ум е искра надеж за подобро утре, а токму образованието е силата што ќе го движи Куманово напред,“ порачаа од Движењето ЗНАМ.
Соопштенија
Бујар Османи најави план за дивоградбите во Чаир

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на прес-конференција вети итни мерки за решавање на проблемот со дивоградбите, нагласувајќи дека граѓаните кои биле измамени нема да бидат жртви на урбаната мафија.
Како што појасни Османи, работа на кризниот штаб, што ќе биде формиран за таа намена, ќе биде мапирање на дивоградбите и нивна темелна проверка за да се утврди дали ги исполнуваат стандардите за безбедно домување.
„Најпрво е тестирање на структурната стабилност на тие згради, бидејќи нашите информации велат дека, брзајќи да се завршат процедурите, не се почитувале правилата на статиката, динамиката, механиката, приклучоците на електричната мрежа, пристапот до вода, и тие објекти се нестабилни. Оценките на некои архитекти се дека еден земјотрес со многу помала јачина може да ги урне. Не се преземени мерки ниту за противпожарна заштита“, рече Османи.
Тој истакна дека поради непочитувањето на принципите на градба, семејствата што живеат во овие згради поминуваат низ вистински хорор секојдневно.
„Имав можност да се сретнам со група семејства од една од зградите на Серава, која е вистинска карикатура или црна дамка на управувањето со Општината изминативе 20 години. Нивните приказни се потресни. Луѓето биле измамени со сосема поинаков приказ на зградата, висината на зградите им била претставена поинаку. Денес тие живеат таму без ниту еден документ, иако ги потрошиле целите животни заштеди. Нивните станови биле препродавани по десет пати. Тие се искачуваат до десетти кат без лифт, бидејќи не е изграден. Јавните простори и ходниците им се продадени на луѓето за комерцијални цели. И сето ова било овозможено во 2011 година, кога мојот противкандидат бил на функција за издавање дозволи“, рече Османи.
По проверките, како што појасни Османи, доколку зградите го поминат тестот на издржливост и стабилност ќе се работи на изнаоѓање начин на нивно легализирање, за граѓаните да ги добијат потребните документи и да можат мирно да спијат.
„Тоа е прво. Второ, начинот на кој се носеле овие одлуки и како се легализирале на нелегален начин е прашање за Јавното обвинителство, кое ќе го истражи тоа. Но, ние веднаш ќе направиме ревизија на сите прашања и на целата документација во секторот за урбанизам“, истакна Османи.
Соопштенија
Костадиновски вети нова спортска сала во ОУ ,,Гоце Делчев“ во Виница

Овде во ОУ ,,Гоце Делчев“, ќе изградиме спортска сала. Нашите деца заслужуваат дом на спортот, каде ќе растат здрави, силни и горди, рече кандидатот за градоначалник на Виница од ВМРО-ДПМНЕ, Митко Костадиновски.
„Со гордост секогаш стојам пред вас и со вас, затоа што знам дека само заедно можеме да ја вратиме силата на Виница. Како што нашите предци теракотни икони, симбол на вечноста, така и ние треба да оставиме нешто трајно за нашите деца. Овде во ОУ ,,Гоце Делчев“, ќе изградиме спортска сала. Нашите деца заслужуваат дом на спортот, каде ќе растат здрави, силни и горди. Виница од секогаш раѓала херои. Време е да им дадеме вистински услови на нашите деца, кои се иднина на Виница и Република Македонија“, рече тој.