Македонија
Адеми: Ќе се гради ново училиште во Студеничани и ќе се санираат седум други училишта

Министерството за образование и наука продолжува континуирано да инвестира во унапредувањето на образовната инфраструктура, а заради непречена и квалитетна реализација на воспитно образовниот процес. Ова го истакна министерот за образование и наука, Арбер Адеми, на презентацијата на капиталните инвестиции во образованието.
Како поприоритетни, ги издвои активностите за изградба на нов училишен објект во општина Студеничани, во кој настава ќе можат да следат 300 ученици од населените места Батинци и Љубош. За оваа намена во тек е јавна набавка, а издвоени се 55,4 милиони денари. Министерот за образование и наука информираше и дека Министерството планира темелна реконструкција на подрачниот училишен објект на ОУ „11 Октомври” во Ново Село во општина Боговиње, кој целосно изгоре во пожар на крајот од минатата 2017 година. „Во моментов, Комисијата за јавни набавки при МОН врши евалуација на пристигнатите понуди по однос на тендерот за изработка на техничката документација, по што, веднаш по изборот на најповолната, ќе пристапиме и кон објава на тендер за избор на градежна компанија што ќе ги реализира градежните активности на терен“, рече Адеми, додавајќи дека согласно со очекувањата, објектот ќе биде ставен во функција на почетокот на второто полугодие од новата учебна година.
Паралелно, како што информираше Адеми, во тек е и јавна набавка која предвидува санациони и реконструктивни активности во седум училишни објекти за кои има подготвена техничка документација. Инвестицијата е во вкупна вредност од речиси 78 милиони денари. Предвидено е реконструксија на ПОУ „Димката Ангелов – Габерот“ во с. Прждево, општина Демир Капија; ученичкиот дом во состав на СОУ,,Кочо Рацин“ во општина Свети Николе; ОУ„Јосип Броз Тито“ во с. Радожда општина Струга; ОУ „Единство“ во струшко Октиси; СОУ ,,Ѓошо Викентиев“ во општина Кочани; СУ ,,Гостивар“ во општина Гостивар; ОУ „Васил Главинов“, во општина Чаир. Министерот Адеми додаде дека во текот на септември годинава се очекува да завршат активностите за реконструкција на блоковите В и Г во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје за што се инвестираат 162 милиони денати, а дополнително за август најави и отпочнување на постапка за набавка на нов мебел во 18 ученички домови во земјата за што се издвоени 50 милиони денари.
По однос на изградбата на училишните спортски сали, рече дека до септември ќе биде завршена изградбата на 4 објекти (СОУ ,,Перо Наков“ – Куманово, ОУ ,,Тодор Хаџи Тефов“ – Кавадарци, ОУ ,,Мустафа Ататурк“ – Гостивар и ОУ ,,Сабедин Бајрами,, с.Камењане), додека во тек се и активности за изградба на спортските сали во Чашка, Виница, Јосифово, Черкези, Шипковица и Лабуниште и истите ќе бидат готови следната календарска година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвиение за омраза кон директорот на Фондот на Холокаустот на Евреите во Македонија: Извикувал нацистички поздрави и пцуел на германски јазик

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против едно лице за кривично дело предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз основа на национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.
Во спроведената претходна постапка, јавниот обвинител обезбеди докази со кои се потврдува основаноста на сомненијата дека обвинетиот го извршил делото кон припадник на еврејската заедница – директор на Фондот на Холокаустот на Евреите во Македонија.
На 26.12.2024 година, пред просториите на Фондот на улицата „11-ти Март“ во Скопје, додека оштетениот ги извршувал своите работни задачи, пред влезот поминал обвинетиот кој бил агресивен. Тој со гнев и омраза го свртел погледот кон оштетениот и започнал да гестикулира и да извикува нацистички поздрави, да пцуе и да упатува навредливи зборови на германски јазик.
Потоа се обидел да замине, но оштетениот веднаш пристапил кон полициското возило во близина и го пријавил. Кога полициските службеници му пристапиле на обвинетиот 59-годишник за да го легитимираат, тој продолжил да се заканува, па оштетениот почувствувал загрозување, несигурност и страв и се повлекол во просториите на музејот.
Македонија
Искршен штаб на СДСМ во Градско, партијата бара Тошковски веднаш да постапи

Синоќа се искршени стаклата на изборниот штаб на СДСМ во Градско. Според партијата, овој насилнички и вандалски чин го покажува стравот на власта од изборен пораз во Градско.
„Бидејќи нема што да им понуди на граѓаните ДПМНЕ прибегнува кон валкани методи и кршење на демократските стандарди. СДСМ порачува дека било какви обиди за заплашување на граѓаните или членовите се јалови и неуспешни. Му порачуваме на ДПМНЕ дека никој не им се плаши. Ги повикуваме јавно, барем еднаш, истрчајте чиста изборна трка, без подметнувања, без инциденти“, велат од СДСМ.
Од партијата бараат МВР и Панче Тошковски да не ги штитат насилниците, туку веднаш да постапат, без партиски директиви МВР да го расчисти случајот до крај и сторителите да одговараат.
„СДСМ ќе продолжи достоинствено, мирно и храбро да ја води кампањата затоа што оваа борба е за нашата држава, за нашиот дом, за Македонија. Од народната волја бегање нема а изборен пораз не се брани со камења, тоа досега требаше да го научите“, велат од СДСМ.
Македонија
Од почетокот на годинава 18.458 казни за возење без возачка дозвола

Во периодот од 1 јануари до 30 септември во рамки на континуираните полициски активности во делот на сообраќајот во сите Сектори за внатрешни работи, вклучително и активностите на Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, санкционирани се 18.458 возачи кои учествувале во сообраќајот без возачка дозвола.
Притоа најмногу вакви прекршоци се евидентирани на подрачјата на Секторите за внатрешни работи Струмица и Скопје, 3.275 и 3.202 прекршоци, понатаму на територија на СВР Битола санкционирани се 2.811 возачи за возење без возачка дозвола, на подрачје на СВР Тетово изречени се 2.086 мерки, а во СВР Куманово санкционирани се 1.660 возачи за управување без возачка дозвола.
Во првата недела од октомври, односно заклучно со 07.10.2025 година во рамки на сообраќајните контроли досега констатирани се 373 прекршоци за учество во сообраќај без возачка дозвола.
„Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и со тоа сите да придонесеме за посигурни и побезбедни патишта за сите нас“, велат од МВР.