Македонија
Светска недела на доењето

Светската недела на доење, традиционално, се одбележува од 1 до 7 август, со годинешното мото „Доењето основа на животот“. Министерството за здравство, во соработка со Клиниката за детски болести, Здравствен дом Скопје, Заводот за здравствена заштита на мајките и децата, како и останатите јавни здравствени установи реализираат повеќе активности, потенцирајќи ја важноста на доењето.
„За таа цел, годинава се отпечатени брошури и постери за бремени жени на македонски и албански јазик за важноста на доењето, воспоставување на доењето и знаци на успешно доење, по што ќе следи нивна дистрибуција преку патронажните сестри, матичните гинеколози и породилиштата. Исто така, во тек е дистрибуција на постери и флаери за важноста на доењето, преку превентивните служби, породилишта и детски болници, со цел жените уште во текот на бременост да ги добијат потребните информации“ соопшти министерството за здравство.
Во рамки на Програмата на Министерството за здравство за активна здравствена заштита на мајките и децата, во континуитет се реализираат обуки за здравствени работници (патронажни сестри, педијатри, неонатолози, медицински сестри) на актуелни теми поврзани со доењето, како што се: правилно воспоставување на доењето, справување со најчестите проблеми при доење, како и важноста на психосоцијалната поддршка на доилките.
По повод одбележување на Светската неделата за доење, на Клиниката за детски болести ќе се дистрибуираат брошури, постери и флаери, а воедно ќе бидат организирани и предавања за придобивките и предизвиците на доењето. Во рамки на предавањата, мајките ќе имаат можност да ги споделат своите искуства и ќе се дискутира за предноста и бенефитот на мајчиното млеко. На почеток на следната недела е предвидено и предавање за медицинските сестри, во делот на обезбедување помош при доењето, а воедно ќе бидат презентирани и протоколите за доење за специфични пациенти (прематурни новороденчиња, деца со хипотонија и деца со расцеп на непце).
Исто така, во организација на Здравствен дом Скопје, во соработка со невладиниот сектор е реализирана работилница за патронажни сестри, посветена на „Значењето на доењето за раниот детски развој, вештини на комуникација при советување за доење и поддршка за успешно воспоставување и одржување на доењето“, на која учествуваа патронажни сестри од целата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Земјотрес рано утринава ги разбуди граѓаните на Валандово и на околината

Утрово во 5:54 часот, земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го стресе регионот околу Валандово, информира Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија го регистрирала потресот на неколку сеизмолошки станици ширум државата, при што е утврдено дека епицентарот се наоѓа во епицентралното подрачје Валандово, оддалечено околу 120 километри југоисточно од главниот град.
Според првичните информации од Сеизмолошката опсерваторија, земјотресот бил почувствуван во Валандово и околните населени места со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала (EMS).
Засега нема информации за причинета материјална штета или повредени лица, но локалното население на социјалните мрежи известува дека потресот бил „краток, но силен“, и ги разбудил во раните утрински часови.
Сеизмолозите продолжуваат да ја следат ситуацијата и ги повикуваат граѓаните на смиреност, посочувајќи дека ваквите потреси се честа појава во сеизмички активниот регион на југоисточна Македонија.
Македонија
Колони на границите, на „Богородица“ се чека до 40 минути, на „Табановце“ до 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, но фреквенцијата на возила, особено кон граничните премини, денеска е значително зголемена, информира Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).
Најголема гужва има на Граничниот премин Табановце, каде времето на чекање за влез и излез од државата е од 15 до 30 минути. На Богородица ситуацијата е уште поинтензивна – за излез од државата се чека до 40 минути, додека на ГП Дојран времето на задржување е 20 до 30 минути.
„Состојбата на патиштата е стабилна и коловозите се суви, но фреквенцијата е зголемена. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, со прилагодена брзина и да ја почитуваат сигнализацијата, особено на делниците каде што има опасност од одрони“, велат од АМСМ.
Посебна претпазливост се препорачува на патните правци низ котлините, речните долини и клисурите – Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево – каде што постои ризик од појава на одрони.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Денес сончево со ветер, од утре повторно температурата во постепен пораст

Управата за хидрометеорологија (УХМР) за денес прогнозира претежно сончево време со умерен до засилен ветер од северен правец, кој наместа ќе достигнува брзина од 60км/ч.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Од понеделник следува период на стабилно и потопло време со постепен пораст на дневнaтa температура.