Свет
Алпинист спасен по четири ноќи минати на планински врв затрупан од снег
Австралиски планинар декеска со хеликоптер бил спасен од планински врв на Јужниот Остров од Нов Зеланд, каде што поминал четири ноќи. Планинарот се наоѓал на врвот Аспајринг, прекриен со снежна обвивка, бидејќи напорите на спасувачите да го извлечат оттаму биле пролонгирани поради лошите временски услови и опасноста од лавина.
Војникот Тери Харч бил веднаш пренесен во болница со полесни смрзнатини, објави новозеландската спасувачка служба.
Дваесет и деветгодишниот искусен алпинист тргнал сам да ја освојува 3 033 метри високата планина, а за него алармирал неговиот пријател кој во понеделникот добил сигнал од локаторот на Харч.
Службата за спасување до четврток попладне успеала да го пронајде човекот кој стоел на нозе и им мавтал.
Тој на планината минал речиси седум дена во натрупаниот снег и при ветришта со брзина од 60 километри на час.
Иако лошите временски услови ја одложиле евакуацијата, спасувачкиот тим постојано бил со планинарот. Тие успеале да му достават топла облека, шатор, храна и друга опрема за да се осигураат дека на суво и топло ќе ја мине последната ноќ на планината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Борис Џонсон објавува мемоари во кои го напаѓа Макрон
Поранешниот британски премиер Борис Џонсон се пресметува со францускиот претседател Емануел Макрон во своите мемоари, чии делови беа објавени во „Дејли Мејл“.
На 10 октомври, поранешниот британски конзервативен лидер објавува мемоари во кои го раскажува своето искуство во политиката, особено времето во Даунинг стрит од 2019 до 2022 година, обележано со преговорите со Европската унија за Брегзит и Ковид-19.
„Иако Макрон е шармантен лично и иако честопати се согласувавме за важни прашања, тој навистина го мислеше тоа кога рече дека Велика Британија треба да биде казнета за Брегзит“, пишува Џонсон.
Тој опширно ги опишува неговите разговори со европските лидери како што се поранешната германска канцеларка Ангела Меркел и Емануел Макрон, на чив нагласок се потсмева кога зборуваат англиски.
„Во некои теми, се плашам дека тој навистина направи штета“, вели Џонсон за Макрон.
Тој лично го критикува францускиот претседател за неговиот став за прашањето со мигрантите кои илегално го преминуваат Ла Манш за да стигнат од Франција во Обединетото Кралство, што е многу чувствителна тема за британската страна.
Во жестокото обвинение, тој сугерира дека Макрон дури бил подготвен да ги затвори очите пред бандите кои тргуваат со луѓе за да им го влоши животот на Британците кои ја напуштиле ЕУ, пишува медиумот.
„Во најмала рака, ми се чинеше можно дека тој го користи проблемот и дискретно дозволуваше доволно голем број мигранти да го преминат „каналот“ за да ги излуди Британците и да го поткопа едно од најважните прашања на Брегзит – враќањето на контролата на нашите граници“, пишува Џонсон.
Откако го напушти Даунинг стрит во летото 2022 година, Џонсон повторно стана колумнист на таблоидот „Дејли Мејл“.
Свет
Песков: Русија ги осудува убиството на лидерот на Хезболах и нападите врз Либан
Русија ги осудува убиството на лидерот на Хезболах, Хасан Насрула, и израелскиот напад врз Либан и верува дека тоа доведе до значителна дестабилизација на регионот на Блискиот Исток, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Руската страна ги осудува сличните акции. Сметаме дека тие доведоа до значително дестабилизација на ситуацијата во регионот“, рече Песков одговарајќи на новинарско прашање, пренесува „РИА новости“.
Песков изјави дека неселективното бомбардирање станбени области во Либан доведува до огромен број жртви, што ќе резултира со хуманитарната катастрофа што ја гледаме во Газа, пренесува „Танјуг“.
Од минатата недела израелските воздухопловни сили вршат масовни напади врз цели на Хезболах во Либан, пишува медиумот.
Израелски авиони извршија и неколку целни воздушни напади врз Бејрут, во кои беше убиен и лидерот на Хезболах, Хасан Насрала.
Свет
Објавено драматично видео од последиците од ураганот Хелен: „Ова е постапокалиптично“
Новите снимки откриваат огромни штети во Северна Каролина по ударот на ураганот Хелен, кој ја опустоши американската сојузна држава предизвикувајќи катастрофални поплави. Членот на градскиот совет на Шарлот, Тарик Бохари, сподели фотографија од езерото Луре преполно со отпадоци опишувајќи ја сцената како постапокалиптична.
Ураганот Хелен, кој на крајот на минатата недела ги опустоши југоисточните држави на САД, предизвика катастрофални поплави од Флорида до Вирџинија, огромни материјални штети и според последните податоци однесе најмалку 90 животи.
Жителите на југоисточните американски држави почнаа со санирање на штетите откако милиони луѓе останаа без струја, а беа уништени домови, патишта и мостови.
Најмалку 90 луѓе ги загубија животите во невремето, пресмета „Ројтерс“ врз основа на податоците на локалните власти во Јужна и Северна Каролина, Флорида, Џорџија, Вирџинија и Тенеси. Си-ен-ен, пак, јавува за вкупно 93 загинати лица.
Според последните податоци, најмногу луѓе, од кои 36, починале во Северна Каролина. Јужна Каролина пријавила 25 смртни случаи, Џорџија – 17, а Флорида – 11. Вирџинија пријавила два смртни случаја, како и Тенеси.
Се стравува дека бројот на загинати може да биде поголем. Осигурителните компании проценуваат дека штетата предизвикана од ураганот Хелен би можела да изнесува меѓу 15 и повеќе од 100 милијарди долари.