Македонија
МВР: Над 380 полициски службеници во Крушево спречија ескалирање на ситуацијата
Во врска со инцидентот кој се случи на 2 август 2018 година, при прославата на Илинден на Мечкин Камен, а со цел вистинито и непристрасно информирање на македонската јавност, Министерството за внатрешни работи соопштува за детали поврзани со преземените мерки и активности.
„Со оглед на тоа дека постоеа информации за групирање и тенденциозно дејствување на одредени групи, а со намера нарушување на јавниот ред и мир, се донесе одлука за ангажирање на 180 припадници на униформираната полиција, 70 полициски службеници во цивилна облека, 120 припадници на Одделот за специјални полициски операции и 10 полициски службеници од Одделот за заштита на одредени личности и објекти.
Ангажираните полициски службеници беа распоредени на неколку микро локации, согласно однапред утврден план за нивно поставување и дејствување, а главната задача е да дејствуваат во насока на превенирање на нарушување на јавниот ред и мир, а доколку се случат инциденти да се дејствува со намера групите да бидат потиснати и да биде оневозможено ескалирање на ситуацијата. Токму затоа, и дел од припадниците на специјалните полициски сили беа ангажирани за обезбедување на делегацијата на Владата на Република Македонија и преставници на други земји, и истите беа облечени во цивилна облека. Дополнително, за обезбедување на внатрешниот параметар на патеката по која се движеа делегациите беа ангажирани и припадници на Посебните единици на полицијата, од кои 30 беа во цивилна облека, а 10 во полициска униформа“ соопшти МВР.
Во текот на движењето на владината делегација како што се наведува во соопштението, имаше обиди за приближување на одредени групи и нарушување на безбедниот периметар на движење, кои заради реакцијата на припадниците на полициските сили беа оневозможени.
„Во два наврати кон делегацијата беа фрлени пластични шишиња, и истите беа одбиени од страна на припадниците на МВР. За време на движењето, кон делегацијата беа упатени вербални напади и зборови со говор на омраза“ стои во соопштението.
Министерството за внатрешни работи и понатаму продолжува со активности кои имаат за цел гарантирање на јавниот ред и мир и упатува порака до групите да не преземаат дејствија против сигурноста и безбедноста на државата и граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хрватскиот министер за надворешни и европски работи во посета на Македонија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес и утре ќе биде домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој ќе престојува во официјална посета на Македонија.
Двајцата министри ќе разговараат за билатералните односи, економската и секторската соработка, како и за европската интеграција на земјата и можностите за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон Европската Унија, соопштија од Министерството.
Во фокусот ќе бидат и соработката во рамки на НАТО, регионалните прашања и актуелните меѓународни случувања.
Македонија
„Блокадафест“ пред влезот на Усје, целодневен протест со музичка програма
Утре со почеток од 15 до 23 часот ќе се одржи целодневен протест пред влезот на фабриката Усје.
„Со нас застанаа уметници кои својот протест го изразуваат со она што најдобро го знаат – музиката. Волонтерски ќе настапат: DJ Александар Јорданов, DJ Chvare, DJ Andrew Meller, Новиот Почеток, Хајка, Луфтханза, Животни, Големата Вода, DJ Базел, DJ Emily Nas, Дина Јашари, Член 16, Зарина Првасевда и Корка. Нивната поддршка е порака дека ова не е изолиран протест, туку заедничка борба за уставно загарантираното право на чист воздух“, се вели во најавата за протестот од „Стоп за Усје“.
Од таму велат дека „Блокадафест“ е јасен повик до институциите и до Титан Усје: здравјето на граѓаните не е преговарачка категорија.
„Додека фабриката продолжува да загадува, ние излегуваме заедно да го блокираме загадувањето и да покажеме дека отпорот може да биде гласен, солидарен и креативен“, се вели во најавата.
Македонија
ВЛЕН: Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби?
„Ништо повеќе не е исто како порано. Почнува внатрешната пресметка во Мала Речица. Од една страна се Али Ахмети со групата поранешни функционери кои глумат невини и чесни, а од друга страна е Артан Груби на кого овие првите додека беше во бегство лично го натоварија за сите политички и коруптивни зла на ДУИ“, велат од ВЛЕН.
„Вистина е дека Артан Груби не е ‘обичен’ поранешен функционер, туку човекот што ги знае сите влезови и излези на системот што ДУИ го градеше со години. Тој е живата подвижна архива на една партиска шема што со години се криеше од јавноста. Кога “црната кутија” еднаш ќе падне во рацете на институциите, нема веќе простор за глума, ниту за митови. Почнува расплетот.
Затоа во ДУИ владее паничен страв. Заплетот влегува во фаза во која соопштенијата и пресовите на ДУИ повеќе не вршат работа, туку фактите. Институциите почнуваат да копаат по вистината што ДУИ со години ја закопуваше, како се кроеше моќта зад грбот на граѓаните и каде исчезнуваа буџетските пари.
Дали стравот од моментот кога сенката на Али Ахмети ќе почне да зборува и ќе почнат да излегуваат имиња, шеми и улоги, тера некого да користи мафијашки методи на заплашувања? Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби? Кој во ДУИ бара од Груби да го почитува мафијашкиот код “омертаʼ” за молчење и несоработка со институциите“, прашуваат од ВЛЕН преку соопштението.

