Македонија
Акција за собирање пластика од домовите во Лисиче

Општина Аеродром од денеска почнува акција за собирање на пластиката од домовите во населбата Лисиче, во соработка со здружението „Гоу грин“ и „Ромски информативен бизнис-центар“, а со поддршка на Град Скопје.
Акцијата вклучува 400 домаќинства во населбата Лисиче, на кои ќе им бидат доделени 2 ќеси за да ја селектираат својата пластика. Ќесите ќе бидат доделени од страна на претставници на здруженијата, кои ќе ги запознаат „домаќините“ со идејата на проектот и ќе им се понуди соработка. Една ќеса ќе се користи за тврда пластика (амбалажен отпад од јогурт, шампон, детергент, лименки), а другата кеса за ПЕТ-амбалажа (пластични шишиња за вода, сок, пиво, зејтин и оцет, односно сите оние амбалажи кои имаат знак „триаголник за рециклирање“).
Ќесите ќе се подигнуваат во одреден ден во неделата од страна на неформалните собирачи на отпад. Неформалните собирачи на отпад ќе имаат видлива идентификација.
Целта на оваа акција е да се тестира систем за услуга за собирање отпад „од врата на врата“ и да се организира собирањето отпад на формален начин за интеграција на неформалните собирачи на отпад.
Резултати што се очекуваат со реализацијата на оваа акција се намален отпад на депонии, намалено аерозагадување, заштита на животната средина и социјална и економска инклузија (вклучување) на неформалните собирачи на отпад.
Подетални информации околу акцијата граѓаните можат да го контактираат:
Рамуш Муарем (Цирко) на телефонскиoт број: 078/715192
Бојан Трајановски на телефонскиот број: 078/307716
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, попладнево во 16 часот и 14 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, 39 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.7.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово, Гостивар и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
МНР: Амбасадата во Прага е во координација со семејството на Чифлиганец за пренeсување на телото во Македонија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека на 2 август 2025 година, до македонската амбасада во Прага била доставена информација за тешка сообраќајна несреќа во која бил повреден македонскиот државјанин Душко Чифлиганец. Тој управувал мотор кога дошло до незгодата, по што со тешки повреди бил пренесен во болница.
На 3 август, семејството го известило дипломатско-конзуларното претставништво дека Чифлиганец им подлегнал на повредите.
Како што соопштија од МНР, Амбасадата во Прага е во континуирана комуникација со семејството со цел завршување на сите неопходни формалности и организација за пренос на телото во Македонија.
Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.