Соопштенија
(Видео) Димитријевиќ:Две години од катастрофалните поплави – не смее да се заборави за да не се повтори

Две години од катастрофалните поплави во општина Гази Баба, кои одзедоа 24 човечки животи, граѓаните од Стајковци, Сингелиќ, Црешево, Инџиково, Брњарци, Виниче, Смилковци, упатуваат порака: не смее да се заборави за никогаш да не се повтори. Невремето не можеше да се спречи, но поплавите кои однесоа голем број човечки жртви се случија поради неодговорност на првите луѓе во градот Скопје, општината, и државните институции, тогаш сите предводени од кадри на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Александар Димитријевиќ, Општинска организација на СДСМ – Гази Баба.
Според него, поранешниот градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски не ги презеде мерките за одржување на ободниот канал за одводнување.
,,Запоставени беа каналите на потегот од Камник, Сингелиќ, Стајковци, Брњарци и Арачиново.
Несредените речни корита на водотеците од Скопска Црна Гора, кои доаѓаат од Раштак, Булачани, Црешево, Виниче, Страчинци и Брњарци беа оставени на целосно негрижа.Ерозијата на земјиштето на Скопска Црна Гора се предизвика од неконтролирано сечење на дрвната маса.Владата на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски заглавена во криминални шеми за богатење на фамилијата не инвестираше во инфраструктурата и целосно погрешно дејствуваше за време на поплавите. Граѓаните беа оставени сами на себе.Бројните доброволци, граѓани, активисти, здруженија, помогнаа да не се случи уште поголема катастрофа, за што граѓаните на Гази Баба се посебно благодарни”, вели Димитриевиќ.
Според него, денеска, по промените, каналите и каналните мрежи се чисти. Општината и надлежните министерства преземаат мерки за нов ободен канал над северната заобиколница.Шумите на Скопска Црна Гора се прогласени за заштитено ерозивно подрачје со што ќе се спречи натамошната сеча.
,,СДСМ презема одговорност, никогаш да не се повтори институциите да не делуваат за заштита пред поплавите, да не се случи недостаток на инвестиции во инфраструктурата, да не се случи каналите да бидат неисчистени, да нема погрешно дејствување за време на поплава”, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Трајановски: Контрола врз загадувачите и редовно чистење на дивите депонии

Контрола врз загадувачите и редовно чистење на дивите депонии ветува Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром од ДСМ.
„Аерозагадувањето е сериозен проблем за здравјето на граѓаните, не само во Општина Аеродром, туку и на ниво на целото Скопје. Во зимскиот период, алармот за загаден воздух е многу висок. Нашите деца, повозрасните, хронично болните, сите ние ја чувствуваме оваа закана врз здравјето и квалитетот на живот. Како општина, мораме да преземеме одговорност. Затоа, планираме контрола на загадувачите и редовно чистење на дивите депонии. Ќе воспоставиме континуиран мониторинг на сите регистрирани и потенцијални извори на загадување, со транспарентни податоци достапни за граѓаните. Паралелно, ќе понудиме субвенции за граѓаните кои ќе преминат на еколошки системи за затоплување, со што директно ќе се намали емисијата на штетни честички. Општината ќе вложи и во едукација: подигање на еколошката свест преку кампањи, работилници и училишни програми. Борбата против загадувањето е заедничка задача“, вели тој.
Соопштенија
Реконструкција на училишта, нови сали и современи ИТ кабинети во програмата на ЗНАМ

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денес одржа прес-конференција посветена на образованието во Куманово, нагласувајќи дека тоа е најголемата инвестиција во иднината на градот и неговите жители.
„Квалитетното образование мора да биде право, а не привилегија. Нашата цел е секој ученик и студент да има современи услови за учење и развој, а општината ќе продолжи да вложува во подобрување на наставниот процес, спортските капацитети и инклузивноста,“ беше истакнато на прес-конференцијата.
Во програмата за следниот период се предвидуваат реконструкција и доопремување на централните и подрачните училишта, со акцент на енергетска ефикасност и пристапност за лицата со попреченост, нови и реконструирани училишни спортски сали, современи ИТ кабинети и технолошки зони, уредени училишни дворови со осветлување и нова урбана опрема, целосна реконструкција на повеќе основни училишта и спортски сали низ Куманово и околните населби и промоција на инклузивна средина во сите училишта.
„Нашата визија е преку образованието да создадеме генерации подготвени за предизвиците на новото време, но истовремено свесни за своите корени, култура и вредности. Секој млад ум е искра надеж за подобро утре, а токму образованието е силата што ќе го движи Куманово напред,“ порачаа од Движењето ЗНАМ.
Соопштенија
Бујар Османи најави план за дивоградбите во Чаир

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на прес-конференција вети итни мерки за решавање на проблемот со дивоградбите, нагласувајќи дека граѓаните кои биле измамени нема да бидат жртви на урбаната мафија.
Како што појасни Османи, работа на кризниот штаб, што ќе биде формиран за таа намена, ќе биде мапирање на дивоградбите и нивна темелна проверка за да се утврди дали ги исполнуваат стандардите за безбедно домување.
„Најпрво е тестирање на структурната стабилност на тие згради, бидејќи нашите информации велат дека, брзајќи да се завршат процедурите, не се почитувале правилата на статиката, динамиката, механиката, приклучоците на електричната мрежа, пристапот до вода, и тие објекти се нестабилни. Оценките на некои архитекти се дека еден земјотрес со многу помала јачина може да ги урне. Не се преземени мерки ниту за противпожарна заштита“, рече Османи.
Тој истакна дека поради непочитувањето на принципите на градба, семејствата што живеат во овие згради поминуваат низ вистински хорор секојдневно.
„Имав можност да се сретнам со група семејства од една од зградите на Серава, која е вистинска карикатура или црна дамка на управувањето со Општината изминативе 20 години. Нивните приказни се потресни. Луѓето биле измамени со сосема поинаков приказ на зградата, висината на зградите им била претставена поинаку. Денес тие живеат таму без ниту еден документ, иако ги потрошиле целите животни заштеди. Нивните станови биле препродавани по десет пати. Тие се искачуваат до десетти кат без лифт, бидејќи не е изграден. Јавните простори и ходниците им се продадени на луѓето за комерцијални цели. И сето ова било овозможено во 2011 година, кога мојот противкандидат бил на функција за издавање дозволи“, рече Османи.
По проверките, како што појасни Османи, доколку зградите го поминат тестот на издржливост и стабилност ќе се работи на изнаоѓање начин на нивно легализирање, за граѓаните да ги добијат потребните документи и да можат мирно да спијат.
„Тоа е прво. Второ, начинот на кој се носеле овие одлуки и како се легализирале на нелегален начин е прашање за Јавното обвинителство, кое ќе го истражи тоа. Но, ние веднаш ќе направиме ревизија на сите прашања и на целата документација во секторот за урбанизам“, истакна Османи.