Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе иницијатива за подигнување спомен обележје за настраданите во поплавите

СДСМ е во очај штом одлучи некрофилски да ја злоупотребува трагедијата со која што пред две години се соочија жителите на Општина Гази Баба. Повеќе од очигледно е дека Зоран Заев нема одговор за ниеден скандал или афера во која што се навлезени членовите на криминалниот картел, штом дал насока политички да манипулираат со загубените човечки животи.
СДСМ немилите настани како што се поплавите во општина Гази Баба од пред две години најбрутално ги злоупотребува за да го покрие капитулантскиот договор, потценувајќи ја јавноста, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на
Александар Димитријевиќ.
Според опозициската партија, СДСМ се уште се однесува како да е опозиција и заборава дека скоро година ипол се на власт. ,,ВМРО-ДПМНЕ за време на овој немил настан максимално ги ангажираше сите расположливи ресурси и механизација за нормализирање на состојбата и надминување на последиците од катастрофалното невреме во погодениот регион.
Во оваа година ипол на власт СДСМ нема асфалтирано ниту една улица. За разлика од нив ВМРО-ДПМНЕ направи фекална канализација во Стајковци и Ченто и колектор до Вардар, а асфалтираше и 106 улици. Благодарение на одлуката на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и финансиските средства што беа обезбедени се направи комплетна реконструкција на улиците, водоводната и фекалната мрежа, училиштата и игралиштата.
СДСМ во обид да собере политички поени ја злоупотребува болката и трагедијата на граѓаните и затоа ќе бидат казнети од граѓаните кои знаат и се сеќаваат кој помагаше и кој беше со нив кога им беше најпотребна помошта и поддршката. Каналите на подрачјето на Општина Гази Баба сега се запоставени, неискосени и неисчистени”, се вели во реакцијата.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ во Општина Гази Баба ќе поднесе иницијатива до Советот на Општина Гази Баба за подигнување на спомен обележје во чест на настраданите од поплавите од 6-ти август 2016 година. Спомен обележјето Советничката Група на ВМРО-ДПМНЕ, предлага да се изгради во населено место Стајковци кое заедно со Ченто беше најпогодено од поплавите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Трајановски: Контрола врз загадувачите и редовно чистење на дивите депонии

Контрола врз загадувачите и редовно чистење на дивите депонии ветува Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром од ДСМ.
„Аерозагадувањето е сериозен проблем за здравјето на граѓаните, не само во Општина Аеродром, туку и на ниво на целото Скопје. Во зимскиот период, алармот за загаден воздух е многу висок. Нашите деца, повозрасните, хронично болните, сите ние ја чувствуваме оваа закана врз здравјето и квалитетот на живот. Како општина, мораме да преземеме одговорност. Затоа, планираме контрола на загадувачите и редовно чистење на дивите депонии. Ќе воспоставиме континуиран мониторинг на сите регистрирани и потенцијални извори на загадување, со транспарентни податоци достапни за граѓаните. Паралелно, ќе понудиме субвенции за граѓаните кои ќе преминат на еколошки системи за затоплување, со што директно ќе се намали емисијата на штетни честички. Општината ќе вложи и во едукација: подигање на еколошката свест преку кампањи, работилници и училишни програми. Борбата против загадувањето е заедничка задача“, вели тој.
Соопштенија
Реконструкција на училишта, нови сали и современи ИТ кабинети во програмата на ЗНАМ

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денес одржа прес-конференција посветена на образованието во Куманово, нагласувајќи дека тоа е најголемата инвестиција во иднината на градот и неговите жители.
„Квалитетното образование мора да биде право, а не привилегија. Нашата цел е секој ученик и студент да има современи услови за учење и развој, а општината ќе продолжи да вложува во подобрување на наставниот процес, спортските капацитети и инклузивноста,“ беше истакнато на прес-конференцијата.
Во програмата за следниот период се предвидуваат реконструкција и доопремување на централните и подрачните училишта, со акцент на енергетска ефикасност и пристапност за лицата со попреченост, нови и реконструирани училишни спортски сали, современи ИТ кабинети и технолошки зони, уредени училишни дворови со осветлување и нова урбана опрема, целосна реконструкција на повеќе основни училишта и спортски сали низ Куманово и околните населби и промоција на инклузивна средина во сите училишта.
„Нашата визија е преку образованието да создадеме генерации подготвени за предизвиците на новото време, но истовремено свесни за своите корени, култура и вредности. Секој млад ум е искра надеж за подобро утре, а токму образованието е силата што ќе го движи Куманово напред,“ порачаа од Движењето ЗНАМ.
Соопштенија
Бујар Османи најави план за дивоградбите во Чаир

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на прес-конференција вети итни мерки за решавање на проблемот со дивоградбите, нагласувајќи дека граѓаните кои биле измамени нема да бидат жртви на урбаната мафија.
Како што појасни Османи, работа на кризниот штаб, што ќе биде формиран за таа намена, ќе биде мапирање на дивоградбите и нивна темелна проверка за да се утврди дали ги исполнуваат стандардите за безбедно домување.
„Најпрво е тестирање на структурната стабилност на тие згради, бидејќи нашите информации велат дека, брзајќи да се завршат процедурите, не се почитувале правилата на статиката, динамиката, механиката, приклучоците на електричната мрежа, пристапот до вода, и тие објекти се нестабилни. Оценките на некои архитекти се дека еден земјотрес со многу помала јачина може да ги урне. Не се преземени мерки ниту за противпожарна заштита“, рече Османи.
Тој истакна дека поради непочитувањето на принципите на градба, семејствата што живеат во овие згради поминуваат низ вистински хорор секојдневно.
„Имав можност да се сретнам со група семејства од една од зградите на Серава, која е вистинска карикатура или црна дамка на управувањето со Општината изминативе 20 години. Нивните приказни се потресни. Луѓето биле измамени со сосема поинаков приказ на зградата, висината на зградите им била претставена поинаку. Денес тие живеат таму без ниту еден документ, иако ги потрошиле целите животни заштеди. Нивните станови биле препродавани по десет пати. Тие се искачуваат до десетти кат без лифт, бидејќи не е изграден. Јавните простори и ходниците им се продадени на луѓето за комерцијални цели. И сето ова било овозможено во 2011 година, кога мојот противкандидат бил на функција за издавање дозволи“, рече Османи.
По проверките, како што појасни Османи, доколку зградите го поминат тестот на издржливост и стабилност ќе се работи на изнаоѓање начин на нивно легализирање, за граѓаните да ги добијат потребните документи и да можат мирно да спијат.
„Тоа е прво. Второ, начинот на кој се носеле овие одлуки и како се легализирале на нелегален начин е прашање за Јавното обвинителство, кое ќе го истражи тоа. Но, ние веднаш ќе направиме ревизија на сите прашања и на целата документација во секторот за урбанизам“, истакна Османи.