Македонија
Министерството за одбрана бара да се истражи дали некој неовластено користел имиња на јавни личности

Министерството за одбрана наојостро реагира против, како што велат, лагите и тенденциозните написи објавувани деновиве на некои портали.
,,Очигледна е нивната цел постојано да пласираат лажни вести поради нервозата од курсот кој Република Македонија неповратно го зазема: исполнување на стратешките приоритети за членство во ЕУ и НАТО. Нервозни се поради добиената покана од НАТО. Нервозни се поради започнатите пристапните разговори за полноправен прием на нашата земја во Алијансата. Нервозни се и поради промените што се случуваат во насока на транспарентност.
Затоа пласираат лаги за конкурс кој за прв се распишува јавно и транспарентно во Министерството за одбрана. За разлика од праксата до 2016 година кога Министерството за одбрана доделувало парични средства на невладини и други граѓански организации преку договор во четири очи, без повик и без процедура, од оваа година за првпат тоа е направено преку јавен повик на кој можеа да се пријават сите заинтересирани. Исто така, спроведена еи целосно транспарентна постапка, а резултатот од јавниот повик беше објавен на интернет-страницата на Министерството за одбрана при што сите заинтересирани можеа да добијат увид”, се наведува во реакцијата.
Министерството за одбрана ги повикува надлежните институции да проверат дали некој неовластено користел или злоупотребувал имиња на јавни личности и во таков случај да реагираат соодветно и да обезбедат одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Грција ќе екстрадира македонски државјанин, кој се сомничи за убиство на пензионер во Германија

Апелациониот суд во Солун даде „зелено светло“ за екстрадиција во Германија на македонски државјанин обвинет за грабеж, а потоа и за убиство.
Со тоа, прифатено е барањето на германските власти за екстрадиција на 34-годишен државјанин на Северна Македонија, кој наводно учествувал во грабеж проследен со убиство, со 81-годишна жртва, јавува грчкиот сервис на „Си-ен-ен“.
Обвинетиот побара да не биде екстрадиран во Германија и да ја издржува казната во Грција, од хуманитарни причини бидејќи како што рече, неговото семејство живее во градот Велес, кој е блиску до границата на двете земји, а роднините ќе можат полесно да го посетуваат во затвор.
Како што пишуваат грчките медиуми, злосторството било извршено минатиот февруари во мал град во сојузната покраина Хесен, Германија, а жртвата е 81-годишен маж. Осомничениот бил уапсен вечерта на 27 мај на граничниот премин Евзони, и се покажало дека против него е распишана европска потерница.
Според документите на германското обвинителство, 34-годишникот наводно патувал во Германија со сограѓани од деловни причини. Се чини дека постарата жртва изнајмувала соби, а 34-годишникот и неговите сонародници престојувале во една од нив. Сторителите според обвинението го врзале и му ја затвориле устата на 81-годшниот маж, земајќи пари од неговиот дом, по што тој починал од задушување.
Македонија
Поради дефект на водоводна цевка, се суши тутунот во Прилепско Поле, алармира СДСМ

Пукната цевка во хидросистемот кој го наводнува плодното Прилепско поле, е причина што повеќе од месец и пол огромни површини засадени со тутун се наоѓаат пред сушење, велат од СДСМ Прилеп.
Сашо Јорданоски, од партиската Комисија за земјоделство во овој град рече дека прекинот со водоснабдување на земјоделските површини настанал уште во периодот на расадување на тутунот. Оттогаш па до денес, десетици хектари засадени со тутун, но и со градинарски производи, немаат видено капка вода.
„Срамота е во 21 век, во ерата на секојдневен напредок на технологијата, дефект на водоводна цевка да го сотре тутунот во најтутунарскиот регион во државата. Надлежните од „Прилепско поле“ и „Водостопанство“ креваат рамена и немаат одговор дали и кога дефектот ќе биде отстранет. Нема ништо од ветената грижа за тутунопроизводителите од страна на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, а од пратениците од власта и градоначалникот Борче Јовчески – ни трага ни глас“, изјаваи Јордановски.
Се додава дека прилепските тутунопроизводители се заборавени и препуштени сами на себе.
Македонија
Општина Центар почнува со проект за рано откривање сколиоза кај ученици од 8 до 14 години во основните училишта

Општина Центар и „Синергија Скопје“ во септември започнуваат пилот проект за рано откривање на сколиоза кај ученици од 8 до 14 години во основни училишта на подрачјето на локалната самоуправа . Проектот е договорен во рамки на месецот за подигнување на свеста за сколиоза и ќе се реализира во училиштата: „ Свети Кирил и Методиj“ и „11 Октомври“.
Прегледите ќе ги спроведуваат лиценцирани физиотерапевти и ортопеди во училишни простории, со цел навремена детекција и стручна поддршка.
„Здравјето на децата е наш приоритет. Во пубертетот, кога телото брзо се менува, важно е да се реагира навреме. Неправилното седење, мобилните телефони и тешките ранци го оптоваруваат ’рбетот , затоа секое дете треба да има можност за превентивен преглед,“ порача градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Сколиозата често се развива незабележано, а навременото откривање е клучно за детскиот развој.
„Превенцијата не е привилегија , туку потреба на секое дете. Раната дијагноза и редовно следење се клучни за да се спречат компликации.
Ако се третира навреме, децата можат да имаат целосно нормален живот “, велат од Здружението.
Општина Центар е поддржувач на кампањата за подигање на свеста за сколиозата и на настанот одржан по тој повод во Паркот на Франкофонија.