Македонија
АВМУ по 17 август ќе одлучи за дополнително рекламирање на референдумот
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) соопшти дека до 17 август трае јавната расправа за препораките на Агенцијата за медиумско претставување за време на референдумот, по што ќе биде одлучено дали ќе биде овозможено дополнително време за емитување платена јавна пропаганда, како што побараа дел од радијата и телевизиите.
„Имајќи предвид дека јавната пропаганда е започната, посочуваме дека во меѓувреме радиодифузерите треба да ги почитуваат одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, односно платената јавна пропаганда да ја емитуваат во рамки на лимитот за рекламирање од 12 минути на секој реален час, јасно одвоена од другите содржини и со јасно означен нарачател. Притоа, на сите заинтересирани субјекти треба да им се обезбедат еднакви услови за пристап до времето за рекламирање, со еднакви цени за сите“, наведе АВМУ преку соопштение.
За ваквиот свој став, Агенцијата ја известила Државната изборна комисија и писмено и на заеднички состанок.
Агенцијата додава дека тоа што Законот за референдум утврдува дека овластениот предлагач, во случајов Собранието, може да води јавна пропаганда, не значи дека има „привилегиран пристап“ до медиумите, ниту во поглед на користењето на времето, ниту во поглед на цените за рекламирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.