Македонија
Oбвинителството бара од судот одземање на пасошите на Јакимовски и вработените

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од страна на Управата за финансиска полиција, донесе наредба за спроведување истражна постапка против пет лица за кои е поднесен предлог за определување мерки за претпазливост.
Постапката се однесува на поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, поради злоупотреба на службената положба и овластувањата, како и поради соизвршителство против М.Д., раководител на Секторот за јавни набавки, Н.Н., помошник-раководител на Секторот за финансиски прашања, С.М., раководител на Одделението за норматива во правниот сектор, и А.С., раководител на Одделението за сметководство.
„Надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје за осомничените поднесе предлог за определување мерки за претпазливост, и тоа обврска на обвинетите повремено да се јавуваат на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање на патната или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање“, соопшти Обвинителството.
Осомничените се товарат дека ја злоупотребиле својата службена положба и овластувањето во три постапки за јавни набавки, при што двајца сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл. 353, ст. 5 во врска со ст. 1 во врска со чл. 22 и во врска со чл. 45, а тројца од осомничените за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањто од чл. 353, ст. 5 во врска со ст. 1 во врска со чл. 45 од Кривичниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини, од Здравство велат дека е во стабилна состојба

Министерството за здравство со вознемиреност ја прими веста за вооружениот напад во Куманово при кој беше повреден нашиот колега, доктор Зекирија Шаини. Ја известуваме јавноста дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува, соошштија од Министерството за здравство.
Од таму велат дека ќе биде обезбедена целосна поддршка за докторот додека трае неговото опоравување и рехабилитација.
„Министерството категорично осудува било какво насилство против здравствените работници и потврдува дека нивната безбедност е приоритет. Ќе работиме на унапредување на мерките за заштита на персоналот во здравството преку соработка со здравствените установи и локалните власти. Министерството активно ќе соработува со Министерството за внатрешни работи и локалните власти во Куманово за целосно расчистување на случајот“, велат од таму.
Од Министерството повикуваат на воздржаност, почитување на приватноста и солидарност кон повредениот и неговото семејство.
„Министерството ќе ја следи состојбата на доктор Шаини и навремено ќе информира за сите значајни промени“, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски: Вооружениот инцидент во Куманово е најсериозен инцидент во пресрет на локалните избори

Последниот вооружен инцидент во Куманово е најсериозен инциден во пресрет на локалните избори кој внесува сериозна загриженост за јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните, велат од СДСМ. Од партијата бараат оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Се случува тотален распад на безбедносниот систем и фијаско на министерот Панче Тошковски. СДСМ бара од надлежните институци веднаш да го растчистат случајот и да ја информираат јавноста. Бараме и политичка одговорност од Панче Тошковски. Ова што се случува во континуитет е за секаква осуда и недозволиво. Македонските улици се претворија во Див Запад. Престрелките се секојдневие, граѓаните не се чувствуваат безбедни“, велат од СДСМ.
СДСМ предупредува дека вакви инциденти не се изолирани и ја покажуваат, како што велат, целосната неспособност на Тошковски и ДПМНЕ.
„Партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ, харањето по партиски штабов и злоупотребата на БЈБ се на директна штета на безбедноста на граѓаните. Тоа ги охрабрува криминалните структури. Уште колку луѓе треба да настрадаат, уште колку луѓе треба да бидат убиени за Тошковски конено да си поднесе оставка? Оставка на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поради очигледниот системски колапс на јавната безбедност и недоволна превенција на насилни инциденти мора да има“, велат од СДСМ.