Македонија
(Видео) Скапароти понуди помош за усогласување на стандардите до членството во НАТО
Ја имате нашата поддршка како идна членка во НАТО и сме благодарни за вашата посветеност за одржување на безбедноста и стабилноста во регионот. Ова го истакна врховниот командант на НАТО-силите за Европа, генерал Скапароти, на средбата со премиерот Зоран Заев.
Заев изрази благодарност за поканата за прием во Северноатлантскиот сојуз истакнувајќи дека оваа значајна одлука на сојузниците на НАТО покажува дека алијансата е силна и посветена на политиката на отворени врати.
Потенцирајќи дека поканата за членство во НАТО е историско достигнување и сатисфакција за напорната работа и верување на сите наши граѓани, институции, политички партии и граѓанското општество во целост, премиерот ја истакна широката поддршка од јавноста и сите етнички заедници за нашата аспирација.
Двајцата соговорници истакнаа дека членството во НАТО овозможува перспективна иднина за нашата земја и се согласија дека ќе има огромни позитивни ефекти за безбедноста и просперитетот и на поширокиот регион.
Врховниот командантот на НАТО-силите за Европа, американскиот генерал Скапароти, кој претходно со делегација на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, предводена од министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во касарната „Илинден“ присуствуваше на показна вежба, на премиерот Заев му упати пофални зборови за припадниците на АРМ оценувајќи дека тие покажале голема подготвеност и дисциплина соодветна на НАТО-стандардите и процедурите.
Пренесувајќи ја силната поддршка од алијансата, Скапароти искажа отвореност за соработка и помош доколку на Македонија во наредниот период ѝ е потребна за усогласување на неопходните политики и стандарди до конечното официјализирање на членството на земјата во НАТО.
На средбата беше истакнато дека потпишувањето на договорот помеѓу Македонија и Грција е позитивен пример за земјите од целиот регион на Југоисточна Европа во насока на решавање на отворените прашања за унапредување на добрососедските односи, што придонесува кон продлабочување на економската соработка и обезбедува напредок.

Заев потенцира дека посетата на високиот претставник на НАТО и поддршката што тој ја пренесува е посебна мотивација за македонските граѓани и за институциите на претстојниот референдум да ја покажат одлучноста за продолжување по патот кој обезбедува полноправно членство во Европската Унија и НАТО, фаза што нè води поблиску до гарантираната безбедност и сигурност во друштвото на земјите членки и сојузниците во НАТО, што отвора перспективи за дополнителен економски развој на нашата земја.
Премиерот додаде дека како идна членка на НАТО, Македонија е подготвена целосно да ги сподели должностите и одговорностите за зачувување на регионалниот и меѓународниот мир и стабилност.
На крајот од состанокот, генералот Скапароти го покани премиерот Заев да ја посети централната команда на НАТО во Монс, Белгија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

