Македонија
ОЈО ќе го истражува поништениот тендер за реагенси распишан од Филипче
Обвинителството ќе го проверува тендерот за набавката за биореагенси и тестови на крв на Министерството за здравство, вреден 35 милиони евра. ОЈО поведе предистражна постапка по допрен глас поради постоење индиции за повреда на законот при постапки на доделување договори за јавни набавки во Министерството за здравство, наведуваат од Обвинителството во нивното соопштение. Од ОЈО велат дека предистражната постапка е како резултат на објавените написи од страна на повеќе медиуми во врска со неправилностите при спроведување на постапките за јавни набавки во Министерството.
„Предметот се однесува на постапката за јавна набавка за биореагенси и тестови на крв во износ од 35 милиони евра и за набавка на лекови од веледрогерија за потребите на јавните здравствени установи без тендерска постапка во износ од 24,6 милиони денари“, се наведува во соопштението на ОЈО.
Тендерот вреден 35 милиони евра, кој го распиша Министерството за здравство за набавка на хемиски реагенси, е поништен. Министерот Венко Филипче соопшти дека со евалуацијата е потврдено дека има недостатоци во поднесените документи од страна на економскиот оператор. На тендерот кој се однесуваше за набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациони и гасни анализи со отстапување на потребната опрема на бесплатно користење за потребите на јавните здравствени установи се јави само еден економски оператор.
Јавноста го оцени како скандалозен тендерот за набавка на реагенси кога беше објавено дека се јавила само една фирма, регистрирана безмалку во исто време кога беше отворен техничкиот дијалог за тендерот во април годинава. Единствениот понудувач беше фирмата „АХР лаб“ увоз-извоз ДООЕЛ, сопственост на Предраг Петриќ од Нови Сад, а како директор во Македонија се наведува Александар Јовановски – Жути.
Единствен контакт со компанијата, наведен во Централниот регистар, е [email protected]. Седиштето на компанијата е на иста адреса со канцеларијата на Филип Медарски, адвокатот на премиерот Зоран Заев, но Медарски демантира дека има некаква поврзаност со „АХР лаб“ увоз-извоз ДООЕЛ и нагласи дека на таа адреса има уште неколку адвокатски канцеларии.
Фичипче најави нов тендер за реагенси кога ќе се утврди зошто се јавил само еден понудувач.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

