Македонија
(Видео) Кепевски: Да се прскаше навреме, Скопје немаше да се претвори во зона на масовно цицање крв
Град Скопје и градоначалникот Шилегов ја потценуваат интелигенцијата на граѓаните. Да биле навреме и воопшто да имало прскања против комарци, градот Скопје немаше да се претвори во зона на масовно цицање крв. Одговорноста целосно паѓа на грбот на Шилегов. Ако било прскано против комарци со бесчујни авиони, како што велат од Градот, тогаш зошто во Скопје има комарци како никогаш досега, зошто граѓаните се жалат, зошто аптеките и амбулантите се полни со луѓе што се жалат на убоди, отоци, алергии, изјави Томи Кепевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Шилегов ни мува, а ни комарец не го лази за проблемите на граѓаните. Сега и со стелт-технологија да прска, ефектот нема да биде доволен. Штетата, за жал, веќе е направена поради негова неспособност и неодговорност.
„Ова е премногу сериозно. Комарците, освен што предизвикуваат непријатности за граѓаните, а пред сè децата, тие се преносители и на сериозни заразни болести. Во соседството веќе се регистрирани случаи заболени од западнонилска треска, но и неколку фатални последици за животите на нивните граѓани. Оваа опасна болест, но и маларијата, зика вирусот, жолтата треска и други тешки болести се пренесуваат со убоди на заразени комарци. Кога веќе Шилегов и надлежните институции не може да не штитат, останува да му се молиме на Бога да помине летово без последици и да бидеме среќни ако поминуваме само со отоци. Градоначалникот Шилегов ако не знае како да се справува и да ги решава проблемите на граѓаните, нека остави тоа да го прави некој друг, а тој нека продолжи со тоа што најдобро го знае – само да зборува, а ништо да не работи“, рече Кепевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

