Забава
РСБСП со совети: Тргнете безбедно и подготвено на семејно патување
Доколку тргнувате на пат во услови на зголемени температури, посветете внимание на неколку работи, советува РСБСП преку соопштение.
Пред пакувањето задолжително направете проверка на возилото кај вашиот овластен сервисер
Пред да тргнете на пат, проверете ја техничката исправност на возилото, посебно на уредот за управување и застанување, состојбата на пневматиците и електроинсталацијата.
Не дозволувајте некоја скриена неисправност на возилото да ве изненади во текот на возењето – тоа може да ве чини многу кога станува збор за вашата безбедност, а секако ќе ве чини и многу пари и време. Да не зборуваме за другите непријатности и настанатите нервози.
Проверете во каква состојба ви е резервната гума и проверете дали имате прва помош во багажникот? Дали сте ставиле течност за миење на стаклата итн.?
Наспијте се
Наспијте се добро пред да седнете зад воланот и пред да тргнете на пат! Не тргнувајте на пат веднаш по работното време. Поради заморот, организмот ја намалува подготвеноста за процена на ситуација и способноста за навремена реакција во сообраќајот.
Јадете нешто лесно – бидејќи ако се прејадете, ризикувате да ви се приспие и можност стомачни проблеми.
Понесете со себе доволно вода (вода, не слатки сокови, од кои уште повеќе ќе бидете жедни).
Внимавајте што ќе облечете на себе и на нозете
Немојте да возите во лабави и лесни летни обувки, без разлика што можеби тоа воопшто не ви пречи. Обувките мора да бидат такви да не може да ви испаднат од стапалата.
Вашата гардероба треба да биде удобна, при што подобро е појасот да биде преку маица отколку на голо тело.
Никако немојте да возите боси – тоа не е дозволено и не е безбедно.
Информирајте се за предностите на ноќното и дневното возење
Доколку е возможно, избегнувајте возење во ноќните часови, без разлика на тоа што тогаш се помали турканиците, посебно на граничните премини.
Многу родители се одлучуваат за овој термин и поради тоа што ноќе децата главно го преспиваат патот.
Меѓутоа, ноќе прегледноста е послаба, имате помалку можности да застанете и да се одморите, многу ресторани, како и бензиски пумпи, не работат.
Возењето дење е неспоредливо побезбедно, а можете и да уживате во убавините на природата, да организирате попатни излети. Правете паузи од 15 минути на секои 2-3 часа возење, а при влезот во автомобилот редовно прегледувајте го возилото.
Клима-уредот користете го паметно
Водете сметка за начинот на користење на клима-уредот во возилото – разликата во надворешната температура и температурата во возилото не треба да биде поголема од 5 до 10 степени, идеално е да биде седум степени.
Не излегувајте од возилото веднаш, туку при застанувањето исклучете го клима-уредот и отворете ги прозорците бидејќи наглата промена на температурата може да предизвика колапс и несакани последици врз организмот.
И паузите користете ги паметно
На паузите се препорачува испивање поголема количина вода и безалкохолни освежителни пијалаци бидејќи недоволна хидрираност може да предизвика ослабување на подготвеноста за процена и расудување, како и губитоци во брзината на реагирање и да предизвика поспаност и умор.
Препорака е возачот во текот на 24 часа да вози девет часа, а без пауза најмногу 4 и пол часа. После тоа, се препорачува поголема пауза, минимум од 45 минути.
Врзете се – дури и ако ви пречи појасот
Врзете го појасот, без разлика на тоа што можеби ви пречи, ве гребе и слично. Казните се високи, а вашиот живот е еден и единствен! Исто така, мора да се врзат и сите други во автомобилот – совозачот и оние што седат на задните седишта.
Доколку не сте знаеле, според одредени истражувања, употребата на појасот на предните седишта го намалува ризикот од смртни последици при сообраќајни незгоди до 50 проценти, а на задните седишта до 75 проценти!
Децата на возраст до 5 години задолжително треба да се возат во безбедносно детско седиште.
Немојте да брзате
Не брзајте и не престигнувајте на места каде што тоа не е безбедно.
Најголемиот број сообраќајни незгоди се предизвикани од непочитување на правилата за ограничување на брзината, непочитување на правилото за првенството на поминување, неправилно престигнување, посебно на места каде што тоа не е дозволено и безбедно, возење под дејство на алкохол и во состојба на зголемен умор на возачот, итн.
Запомнете! Времето изгубено во евентуален сообраќаен метеж немојте да го надополнувате со брзо возење. На тој начин го зголемувате ризикот од предизвикување сообраќајна незгода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Амбер Херд сподели ретки моменти од новиот живот во Шпанија по промената на името
Амбер Херд им даде на своите следбеници ретка прилика да погледнат во нејзиниот нов живот во Шпанија, каде што се пресели за да започне ново поглавје по исцрпувачката правна битка со поранешниот сопруг Џони Деп. Ѕвездата од „Аквамен“ го напушти Холивуд и најде нов дом во Мадрид, а во неодамнешната објава за Денот на благодарноста, таа даде поглед во својот секојдневен живот.
По завршувањето на нејзиното судење за клевета, кое резултираше со пресуда од 10,35 милиони долари за Деп и 2 милиони долари за Херд, актерката се пресели со својата ќерка прво на Мајорка, а потоа во Мадрид. Додека беше на Мајорка, „Ел Диарио де Мајорка“ објави дека наводно го користела името Марта Џејн Канари – вистинското име на легендарната американска хероина Каламити Џејн.
Откако се пресели, Херд во голема мера се држеше подалеку од центарот на вниманието, по нејзината последна филмска улога пред неколку години во „Аквамен и изгубеното кралство“. Сепак, таа неодамна сподели серија фотографии на социјалните мрежи од прославите за Денот на благодарноста низ годините, вклучувајќи и дел од нејзиното готвење.
„Здравица за Денот на благодарноста низ годините. Се навраќам на сите полни срца и чинии што ги споделив. Се надевам дека сте добро снабдени со обете оваа година“, напиша таа во објавата.
Херд повремено споделува делови од својот живот во Шпанија, како што се фотографии за Ноќта на вештерките, а претходно го најави доаѓањето на нејзините близнаци, Агнес и Оушн, на социјалните мрежи.
Актерката неодамна се врати на сцената, во претстава наречена „Духот на народот“. Претставата се прикажуваше неколку ноќи во Масачусетс, а драматургот Џереми О. Харис откри дека продукцијата била половина на шпански, што совршено ѝ одговарало на Херд, со оглед на тоа што таа течно го зборува јазикот.
Еден од нејзините соседи изјави за MailOnline дека Херд и нејзиното семејство се „целосно интегрирани во заедницата“ и живеат на место каде што „никој никого не вознемирува“. Иако папараците повремено се појавуваат пред нејзината куќа, повеќето локални жители не ја вознемируваат. Соседот додаде дека „никој овде навистина не знае која е таа“, истакнувајќи дека и познати фудбалери живеат во истата област и уживаат во својата приватност.
фото/инстаграм
Забава
(Фото) Шведска министерка го започна денот во Скопје со симит погача: „Енергичен појадок пред нејзината прва средба“
Министерката за европски прашања на Шведска, Јесика Розенкранц, која вчера и денес престојува во работна посета на Македонија, утрото го започна со симит погача.
„Започнување на денот во Скопје со локален специјалитет! Нашата министерка за ЕУ, Јесика Розенкранц, започна напорен ден со енергичен појадок пред нејзината прва средба со 🇲🇰 министерот за ЕУ, Муртезани, и МЕА. Солено „лепче во лепче“ – Симит погача, типично скопско пециво, и каде е подобро да се ужива во него отколку во срцето на главниот плоштад во градот, со поглед на еден од најзначајните погледи во градот: Камен мост, Тврдина Кале, Стара чаршија, Црква „Св. Димитрија“, Даут-пашин амам, Мустафа-пашина џамија. Сè во еден кадар – поглед што совршено ја раскажува приказната за богатото мултикултурно наследство на Скопско и живописното општество на Северна Македонија. 🇸🇪 + 🇲🇰 = Заедно посилни“, се вели во објавата на шведската амбасада на „Фејсбук“.
Забава
(Видео) Амбасадорката на САД во Грција се појави во проѕирен фустан, наиде на осуда
Новата амбасадорка на САД во Грција, Кимберли Гилфојл, предизвика доста внимание со својот моден избор на вечерата за Денот на благодарноста што се одржа во Атина во вторникот.
Поранешната водителка на „Фокс њуз“ и поранешна свршеница на Доналд Трамп помладиот се појави во тесен, речиси проѕирен црн фустан од чипка, што предизвика лавина коментари на социјалните мрежи.
US Ambassador in Athens sparks a stir with a sheer dress
The new US Ambassador to Greece, Kimberly Guilfoyle, became the unexpected star of a Thanksgiving event hosted by the American-Hellenic Chamber of Commerce. The focus wasn’t on her speech but on her outfit — a sheer… pic.twitter.com/XPmsi8yYXg
— NEXTA (@nexta_tv) November 27, 2025
Гилфојл (56) едвај се движеше во тесниот фустан, па дури и ѝ требаше помош за да се качи на сцената за да им се обрати на гостите. Нејзината облека многумина ја споредија со стилот на сестрите Кардашијан, сметајќи ја за несоодветна за дипломат.
„Ова е дипломатска грешка, таа ја претставува својата земја, а не своето тело“, „Ова ми е убаво“, „Потребен ѝ е стилист“, „Изгледа како изгубена сестра Кардашијан“, се само дел од коментарите на социјалната мрежа X.
фото/принтскрин

