Култура
Колос Цури и Кира Гоголадзе најдобри на „Езерски бисери 2018“

Пијанистот Колос Цури од Македонија и пејачката Кира Гоголадзе од Русија се лауреати од прв степен и добитници на највисокото признание „Бисер на фестивалот“ на „Езерски бисери 2018“, информираат организаторите.
Колос Цури освои најголем број поени од интернационалното жири во програмата класика, а Кира Гоголадзе во програмата естрада.
Тие добија фестивалски статуетки, парична награда и охридски бисери од семејството Филеви.
Во соопштението од организаторите се додава дека вчера на сцената на Центарот за култура во Струга се одржа гала-концерт, каде што беа и доделени наградите.
Наградите лауреат прв степен во класика ги освоија пијанистите Леф Чефанов и Софија Берестјукова од Русија и Анастасија Кочева од Македонија.
Награди лауреат прв степен во естраден вокал добија учесници во повеќе возрасни групи од земајава и странство.
Новина, како што посочуваат организаторите, на годинешниот фестивал беше и изборот за европска убавица, а победничка беше Екатерина Рупасова од Русија, која ќе учествува на светскиот избор на убавина, кој ќе се одржи во декември во Москва.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Свечено отворени 64-тите Струшки вечери на поезијата

Со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата Т`га за југ вечерва во Домот на поезијата во Струга почна 64-тото издание на најпрестижната поетска манифестација во светот, Струшките вечери на поезијата.
Фестивалот за отворен го прогласи, покровителот на манифестацијата, претседателката на Република Македонија г-ѓа Гордана Сиљановска-Давкова, а свои обраќања имаа и министерот за култура и туризам, г Зоран Љутков и директорот на НУМ Струшки вечери на поезијата Никола Кукунеш.
Изразувајќи им топло добредојде на присутните во поетска Струга, градот, кој со широко раширени раце го прегрнува секој изговорен збор, без разлика на јазикот на кој му припаѓа, директорот на Фестивалот истакна дека вечерва сме тука да го чествуваме зборот, да му се поклониме на она што, навидум, е ништо и на она што е сѐ. Без него не би постоела колективната свест како носител на историската меморија, без него не би можеле да се радуваме, да тагуваме, да се помолиме, без него не би знаеле што е тоа идентитет и што е тоа што треба да го негуваме и чуваме.
Потсети дека неслучајно визуелниот фокус е ставен на глаголицата, нагласувајќи ја буквата „Г“, која во тоа писмо е именувана како „глаголи“ – што значи зборува/говори.
„Пред нашите очи, со сиот свој пркос, се појавува сликовната страна на старословенскиот јазик – јазикот кој го зборувале Македонците од околината на Солун, т.е. јазикот на сесловенската писменост. Јазикот за кој како по зрак светлина или душевна храна пекале Словените во Моравија и Панонија. Во еден од првите оригинални текстови на старословенски јазик, „За буквите“ – поптпишан со псевдонимот Црноризец Храбар, стои: „Порано Словените немаа букви, туку се служеа со рески и цртички, читаа и гатаа…“ Сѐ до оној момент кога браќата Свети Кирил и Методиј ја создале глаголицата, ги превеле првите книги и тргнале да ги описменат Словените на север. Тоа значи дека јазичната и културната врската меѓу Македонија и Словачка е нераскинлива цели 1162 години, очигледно е дека трае и денес, а доказ за тоа е годинешниот лауреат на „Струшките вечери на поезијата„ – словачкиот поет, г-н Иван Штрпка“, додаде Кукунеш.
Големите идеи кои потекнуваат од малите народи и малите јазични средини забележа дека се честа мета на оспорувања или присвојувања.
„Таква е судбината и на македонскиот јазик. Но, факт е дека постоењето на Охридската
книжевна школа и Светиклиментовиот универзитет не можат да бидат приграбени од никого, затоа што ги обединува глаголицата и се директно продолжување на килилометодиевската традиција – нешто со кое можат да се идентификуваат мал број средновековни писмени центри. Ова е уште еден од низата докази дека македонскиот јазик и писменост се уникатна појава и дека беспредметна е секоја полемика по ова прашање. Богатата препишувачка дејност, но пред сѐ, авторската полемична и поетска оставнина се бесмртно сведоштво дека ниту сме биле епигони, ниту сме се идентификувале со нешто туѓо“, подвлече Кукунеш.
Претседателката на државата Сиљановска-Давкова навраќајќи се на почетоците на формирање на Струшките вечери на поезијата во 1961 година, пред 64 години, кога група македонски поети се собрале во Струга, за да ја одбележат 100-годишнината од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци, изрази увервање дека по 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата, Струга, но и светот ќе бидат поинакви.
„Фокусирањето на глаголицата води 1160 години назад, кон старословенскиот јазик и огромната обединувачка улога на сесловенските просветители Кирил и Методиј, кон писменоста и нејзината најблиска другарка – поезијата. Ова е вашата поетска република. Од тука, од Струга, вие сте го менувале и сѐуште можете да го менувате светот, градејќи вечни поетски мостови од неуништливи материјали: мислата и зборот, проткаени со ум и чувства“, рече претседателката на Република Македонија.
Струшката поетска приказна, според претседателката, е најдобриот пример и модел на Делчевиот културен натпревар меѓу народите, особено актуелен во ова ужасно конфликтно и воено време што не потсетува на Лорка. Говорејќи за моќта на зборот, таа посочи дека големите моќници знаеле оти поезијата не е само естетско доживување, устен или писмен запис на чувства и мисли, туку и етички став кон битните проблеми во животот и општеството.
„Ако зборовите немаат моќ, зошто моќниците од секоја историска епоха се обидувале да ги контролираат нив и нивните творци, од Овидиј, па до Лорка? Оние кои неверуваат во силата на зборот, најпрво ги потсетувам дека речта беше на почетокот, а потем на забранетите книги. Меѓу нив е и АБЕЦЕДАРОТ, издаден во 1925-тата, пред 100 години, во Атина, под притисок на Лигата на народите, којшто бил веднаш запленет и уништен,токму поради моќта на зборовите да го оживеат македонскиот јазик и идентитет кај децата – Македонци. Или, сетете се на браќата Миладиновци, но и на другите преродбеници, коишто самопрегорно ги собирале и ги запишувале народните зборови, народните песни, народните обичаи, гатанки и приказни за да ги зачуваат од заборав и исчезнување“, подвлече претседателката Сиљановска-Давкова.
Добре дојде во Струга, на присутните поети на 64-тите Струшки вечери на поезијата им посака и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
„Ова издание на фестивалот е осветлено од знакот на глаголицата, писмото што ни ја подари светлината на словото. Таа е нашата културна душа, сведоштво за нашата историја и наша врска со иднината. Затоа, во годината кога одбележуваме 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, со особена гордост се навраќаме кон првата искра, кон буквите што се претворија во корен, идентитет и вечност.За нас е голема чест што е вечерва со нас г. Иван Штрпка, легендата на словачката поезија и мајстор на зборот, кој потенцира дека „глаголицата не е само писмо, туку душа на зборот“. Поезијата и глаголицата се како два извора што паралелно течат низ времето: едниот нѐ потсетува на корените, другиот нѐ води кон бескрајот. Во секој стих, како и во секој глаголски текст, се крие светлина што ги осветлува нашите души и ги поврзува со сите генерации“, рече Љутков.
Струга и Струшките вечери на поезијата, додаде, се место каде што времето се смирува, а минатото и сегашноста се спојуваат во ритамот на поетскиот збор.
„Тоа е срцето што чука низ реченици, гласот на светот што одекнува на сите јазици, без разлика
на боја, вера, јазик или потекло. Тука, покрај Дрим, поетите не се гости туку домаќини, а стиховите не се странци туку браќа што се препознаваат меѓу себе. И секоја година фестивалот сведочи дека поезијата е вечна, а зборот најмоќниот мост меѓу луѓето, културите и времињата. Владата на Македонија и Министерството за култура и туризам и оваа година со посветеност стојат зад оваа манифестација. Зашто нејзината вредност не е само културен настан, туку и платформа за светска соработка, дијалог, едукација, културна дипломатија. Нашата обврска е да ја чуваме и да ја надградуваме оваа традиција, да создадеме услови таа да живее и во иднината, да ја привлекува младата поетска енергија и да остане простор за мултикултурна размена и духовна храна“ истакна министерот.
Манифестацијата продолжува со Меѓународното поетско читање „Меридијани“, на кое ќе настапат поети од различни меридијани и култури, пренесувајќи ја својата поетска мисла во градот на мостовите.
Култура
Штрпка: Словачкиот и македонскиот јазик потекнуваат од иста база, нашите „мали јазици“ прават и вакви значајни дела и потребно е светот да ги види

Македонија е држава што знае да ги почитува вистинските вредности и задоволство ми е што денес сум присутен меѓу вас. Словачкиот и македонскиот јазик потекнуваат од иста база, а „малите јазици“ прават вакви значајни дела и потребно е светот да ги слушне и дознае за нив, истакна денеска на прес-конференција добитникот на највисокото признание на меѓународната поетска манифестација Струшки вечери на поезијата Иван Штрпка.
Директорот на Фестивалот Никола Кукунеш посочи дека Струга по 64-ти пат ги отвора своите врати за поезијата. „Годинашниот лауреат е поет кој успеал во својот живот да ги вкуси сите страни на битисувањето, кога станува збор за поетското творештво. Бил и човек, кој е ценет, но и поет, кој ја почуствувал репресијата на системот“, истакна Кукунеш.
Уметничкиот директор Мите Стефоски нагласи дека годинава, преку Штрпка е наградена словенската литертура, која преку изборот на поезија во тројазичното издание на лауреатот ќе овозможи поширока рецепција во македонската книжевност. „Наградуваме една словенска литертура, која и досега имала големи претставници. Дојде денот кога треба да наградиме еден голем и значаен поет, претставник на една извонредна генерација поети, член на групата „Осамени бегачи“. Со изданието ќе овозможиме поширока рецепција во македонската книжевност, но и во светската. Веруваме дека покрај оваа награда ќе следуваат и други интернационални награди. Творештвото на Штрпка со сигурност заслужува таков однос“, доаде Стефоски.
Добитникот на Златниот венец Иван Штрпка изрази задоволство што Фестивалот го избра токму него за годинашен добитник на најпрестижното признание во интернационални рамки.
„Вие сте држава што знае да ги почитува добрите вредности и задоволство ми е што денес сум присутен меѓу вас. Многу сум среќен што успеавме за краток период да изработиме едно извонредно издание од мојот вкупен поетски опус. Изборот на песни го направив лично. Благодарен што покрај македонската, со преводот на англиски јазик и меѓународната публика ќе има можност да ужива во убавиот пишан збор. Ова издание испраќа и една естетска порака во поширокиот свет на културните случувања. Изборот во книгата го сфаќам како знак на лична почит, но и воопшто на словачката модерна поезија. Добивањето на наградата е од огромно значење и за афирмацијата на словачката поетска реч во денешниот турбулентен свет. Во културната смисла на зборот и во поглед на преминот на границите словачкиот и македонскиот јазик потекнуваат од иста база. Во словенскиот свет обично зборуваат и за словачкиот и за македонскиот јазик како за „мали јазици“, но ова е една битна потврда дека бројот на говорници не е преголем, но нашите „мали јазици“ прават и вакви значајни дела и потребно е светот да ги види, да ги оцени и да ги вреднува уште повеќе. Ние немаме потреба да докажуваме дека впрочем во никаква смисла не сме мали“ рече Штрпка.
Од Струга кажа дека ќе понесе едно прекрасно доживување и една извонредна порака дека вреди светот да го гледаме со очите на поетот. Тој претходно во Паркот на поезијата засади дрвце, до кое стои табла испишана со неговото име.
„Поетското гледање на денешниот свет е речиси неминовно, бидејќи искрено доаѓа од душата. Бев почестен и со садењето дрво во Паркот на поезијата, каде ги видов дрвата и на други светски реномирани поетски бардови. Некои од нив ги познавав и лично, беа и мои пријатели. Сфатив дека сум во едно незаменливо друштво. Пресреќен сум што ме удостоивте да се најдам во таков круг на светски поетски имиња. Изразувам надеж дека во блиска иднина во паркот ќе израсне една голема шума и никој никогаш нема да се осмели да ја пресече благородна шума“, додаде Штрпка.
Во Словачка, подвлече, дека многу добро знаат оти Охрид е лулката на словенството и дека оттаму доаѓаат светите браќа Кирил и Методиј и ја носат азбуката во Велика Моравија.
„Благодарни сме што имаме подадена рака и во денешно време од вас. Испраќаме порака за значењето на подадената рака на заедништво во светот. Нашиот дух, духот на словенството што потекнува од овие простори е овоплотен и во словачката душа. Јас тоа го признавам и сум почестен што ме преведовте на вашиот македонски јазик“, рече лауреатот на 64-те Струшки вечери на поезијата.
Во пресрет на годинашното издание, утрово директорите на Фестивалот и лауреатот положија цвеќе пред Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга. Свеченото отворање на Фестивалот ќе се одржи вечер со палење на фестивалскиот оган и читање на антологиската Т`га за југ на Константин Миладинов во Домот на поезијата.. Настанот ќе продолжи со Меѓународното поетско читање „Меридијани“, на кое ќе настапат поети од различни меридијани и култури, пренесувајќи ја својата поетска мисла во градот на мостовите.
Од денеска па сè до 25 август, на 64-тото издание на оваа престижна меѓународна поетска манифестација ќе учествуваат 70 поети од различни делови на светот, кои во духот на традицијата, преку низа поетски читања ќе изградат мостови на разбирање, емпатија и креативен дијалог. Фокусот на годинашното издание е глаголицата, а фетивалската сценографија ја оживеа и ѝ даде нова димензија, преку современо визуелно обликување.
Култура
По смртта на Сретен Перовиќ: Последен поздрав за големиот поет и пријател

На 17 август, на деведесет и тригодишна возраст, почина Сретен Перовиќ, великиот црногорски поет и пријател на Македонија.
Долги години тој беше во контакт со нашата книжевна и, воопшто, со нашата културна средина, секогаш присутен на големите книжевни манифестации кај нас – на Струшките вечери на поезијата, на Рациновите средби и, исто така, како претседател на Црногорскиот ПЕН центар, на конференциите на Македонскиот ПЕН. Комуникацијата меѓу двата ПЕН-а беше постојана. Посебна љубов, енергија и знаење Сретен низ годините посвети на преведувањето и афирмацијата на македонската литаратура на црногорски и на српско-хрватски јазик, посебно на поезијата. Ненадминливи се неговите препеви на поезијата на Конески, на Јаневски, на Шопов, на Матевски и понатаму на делата на помладите генерации македонски писатели. Во 2012 година издавачката куќа „Слово“ од Скопје ја објави неговата книга „Македонија екумена“, книга со текстови за Македонија и пред се за македонските книжевни дејци и нивните дела, која некои критичари ја нарекоа „ода на македонскиот национален и државен идентитет“. Неговата креативна работа беше виоко ценета и препознаена кај нас. Перовиќ е втемелувач и подоцна претседател на Друштвото за црногорско-македонско пријателство и почесен член на повеќе институции, хуманитарни здруженија и невладини организации во земјата и во странство. Сретен беше избран за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за уметност.
За своето книжевно творештво, пак, Перовиќ е добитник на бројни награди, како и на најзначајните национални и високи меѓународни приз-нанија. Тој објави дваесеттина книги лирска поезија, четири книги од доменот на книжевната историја и критика, четири тетролошки книги,
има приредено десетина и објави неколку десетици книги на преводи и препеви. Како поет е застапен во бројни антологии и негоивите дела се преведувани и објавувани на триесетина јазиици во светот. Книжевната соработка продолжува меѓу македонските и црногорските писатели и издавачи и убаво е да се задржи ритамот и квалитетот на таа соработка што го воспостави Сретен, великиот поет и пријател.
Димитар Башевски
СРЕТЕН ПЕРОВИЌ
МАКЕДОНИЈА ЕКУМЕНА
Exaudi Domine
Да те видам да провидам да не превидам
од незорливата ѕвезда од гребените на Ловќен
од непримерната зора на судната Црна Гора
Да те отмам среде медузите
Загнати по раните што те печат
на испостеното лице
Македонијо мајко со солзи внатре што ти течат
Macedonia erudita Macedonia elevata
Macedonia efemerida Macedonia efeminata
Macedonia ekumena Macedonia errata
Macedonia enologena Macedonia elidirata.
Ти високо стебло со лисје прогризани
ти молњо во грлото на божилакот што бега
ти тишино на огнот и на звукот на праските
окопнува ли твојата премрзната рака сега?
Macedonia egida Macedonia exudata
Maceodnia elodeja Macedonia expulziata
Јадосана мајко со солзи внатре што ти течат
ја глодаат ли насилници твојата става?
Те ставаат ли на крст како Христа
дали со силата на огнот молитва ти дават?
Makedonija ateknija Makedonija anoftalmija
Makedonija aksenija Makedonija atelija
Makedonija eudemonija
Господе, дај да биде!
Клетвата што мојот род ја пратил
а мевлен е за секој што пати
душманот до оборче да го фати:
О јаду се своме забавио!
Пасју душу по свијету носио!
У манити лик ударио!
На крвничка врата хљеб просио!
Људи му – и смрт презирали!
Macedonia adjustata Macedonia aboliata
Macedonia beata
A m e n!
(Препев: Петар Т. Бошковски)