Македонија
Дијабетичарите принудени меѓу себе да си позајмуваат инсулин бидејќи го нема во аптеките
На повидок е нова инсулинска криза во Република Македонија, дијабетичарите со месеци мака мачат да дојдат до лекот од кој им зависи животот. Резервите треба да траат до ноември, но ние веќе се соочуваме со дефицит на инсулин. Дијабетичарите се принудени меѓу себе да си позајмуваат инсулин бидејќи не може да го најдат во аптеките, вели претседателката на Здружението на лицата со дијабетес „Алегрија“, Рената Јакимовиќ, за „Макфакс“.
– Има поплаки од целата држава дека нема инсулин. За жал, во 21 век сме доведени лицата со дијабетес да немаат редовна достава на инсулин, односно не може да го подигнат инсулинот од аптеките и сето тоа се должи на паралелниот увоз и нередовната достава. Тоа предизвикува огромен проблем кај лицата со дијабетес затоа што тие живеат од лекот и не смеат да се доведат до степен да отидат во инсулинската аптека и од таму да кажат дека нема инсулин – вели Јакимовиќ.
Лицата со дијабетес, поради недостиг на инсулин, се принудени меѓу себе да си позајмуваат пенкала за да имаат за цел месец, а потоа, кога ќе стигне редовната достава, ги враќаат инсулините од каде што ги позајмиле и така во круг.
– Дијабетичарите од целата држава контактираат меѓу себе преку социјалните мрежи и на тој начин си позајмуваат инсулин. Праќаме преку луѓе што ги знаеме или преку автобуси, нешто што во никој случај не смее да биде практика, а за нас тоа е секојдневие – вели Јакимовиќ.
Според претседателката на „Алегрија“, целиот проблем настанал пред неколку години со одлуката увозот на инсулин да се врши преку паралелен увоз. Како што вели таа, со паралелниот увоз компаниите што го доставуваат увозот не може да ги извршат набавките како што треба и веќе неколку години дијабетичарите се соочуваат со истиот проблем од енормни размери како за младите така и за постарите.
Покрај недостигот на инсулин, дијабетичарите имаат уште еден дополнителен проблем, а тоа е квалитетот на глукометрите со кои се мери висината на шеќерот во крвта. Јакимовиќ вели дека во Сојузот на здруженијата на лицата со дијабетес доста се дискутира за квалитетот на глукометрите и другите помагала. Како што вели, порано дијабетичарите користеле квалитетни глукометри, но квалитетот на сегашните, кои одат преку Фондот за здравство, е и тоа како доведен во прашање.
– Глукометрите што сега се користат не ги задоволуваат последните ИСО-стандарди. Нам денот ни зависи од таа бројка што ја гледаме во тој апарат и од круцијално значење е апаратите за мерење шеќер да бидат легитимни и да работат како што треба – рече Јакимовиќ.
Како главни виновници за лошите услови во кои живеат дијабетичарите, Јакимовиќ го посочи претходното раководство на Министерството за здравство, на чело со ексминистерот Никола Тодоров, во чие време е распипшан тендерот за набавка на инсулин и глукометри.
– Секој тендер се распишува со рок на траење од две години, овој тендер што моментно трае е распишан пред две години, што значи дека виновникот треба да го бараме кај оној што го распиша – вели Јакимовиќ.
Таа истакна дека акутелнот тендер бил распишан така што сите ставки и критериуми за точност и квалитет на глукометрите и инсулините биле тргнати.
– Можам слободно да кажам дека буквално ако некој произведува инсулин и глукометри во гаража, можеше да поминат на тендерот – вели таа.
Од Сојузот на здруженијата на лицата со дијабетес упатуваат апел надлежните институции, конкретно Министерството за здравство и Националната дијабетес-комисија, да застанат на нивна страна и со набавка на квалтитетни инструменти и квалитетен инсулин да покажат дека се грижат за дијабетичарите затоа што, како што вели, од тој лек тие живеат.
– Сојузот на здруженијата на лицата со дијабетес со сите сили се труди да го реши овој проблем на долгорочен план, односно да ги превенира овие проблеми што ги имаме последните неколку години. Во меѓувреме си помагаме со тоа што си позајмуваме инсулин, па потоа го враќаме кога ќе дојде редовната достава и на тој начин се покриваме, нешто што го нема никаде во Европа, па ниту во Африка, доведени сме до ниво во една демократска држава да живееме на ваков начин – вели Јакимовиќ.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во мусаката од првата смена пронајдени бактерии, истите откриени и на чешмите во училиштето „Димо Хаџи Димов“
По стомачните тегоби кај десетици ученици во „Димо Хаџи Димов“, инспекциите утврдија нехигиена на чешмите во училниците и кујната. На Клиниката за детски болести моментално се лекуваат седум деца.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека во примерок од мусаката која се служела во првата смена биле пронајдени грам-негативни бактерии од групата Enterobacteriaceae. Исти бактерии, кои се индикатор на фекална контаминација, и предизвикуваат дијареа, повраќање, болки во стомакот, се откриени и на три чешми во училиштето – две во училниците и една во кујната.
„Од девет земени површини, три се позитивни – чешмите во две одделенија и една од кујната. Најдени се бактерии од групата Enterobacteriaceae. Овие бактерии даваат ваква клиничка слика каква што имаат веќе заболените, и укажуваат на нехигиена. Донесени се материјали за две деца од фецес, е едно е позитивно на норовирус – вирус кој се пренесува многу лесно и долго време живее на работните површини, како што се маси, столчиња. Брисевите од грло и нос од пет деца во текот на вчерапниот ден се негативни за ковид, а се чекаат резултати за други вируси“, изјави директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска.
Од Институтот додаваат дека бројот на примероци и материјали е голем и дека анализите се во тек. ИЈЗ е во постојана координација со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Центарот за јавно здравје Скопје и Клиниката за детски болести.
Случајот започна на 26 ноември, кога околу 40 ученици се пожалија на стомачни болки. ЈП „Водовод и канализација“ претходно информираше дека водата во училиштето е санитарно исправна по направените физичко-хемиски и микробиолошки анализи.
Во меѓувреме, инспектори од АХВ спроведоа вонредни контроли во кујните на девет основни училишта во Општина Карпош, кои се снабдуваат од истиот оператор со храна, кој го стопанисува и централниот магацин во „Димо Хаџи Димов“.
Македонија
(Видео) Не тргнувајте кон Бит Пазар и Чаир: прославата на албанското знаме направи хаос во сообраќајот
Поради прославата на Денот на албанското знаме, сообраќајот во Чаир попладнево е силно отежнат, а делови од улиците кон Бит Пазар речиси се непроодни. Според граѓани кои се затекнале во областа, движењето е овозможено само во лентата резервирана за дефилето, додека останатите ленти и околни улици се блокирани со возила, што предизвикува застои и невозможност за движење.
Колоните што се движат со полициска придружба тргнуваат од пред Општина Чаир кон плоштадот Скендер-бег.
Денес, Денот на албанското знаме се одбележува во Албанија, како и меѓу Албанците во регионот и дијаспората. Празникот се слави како симбол на културна самосвест и национална припадност, со официјални манифестации.
Македонија
Жителите на Општина Кисела Вода добиваат 30 контејнери за текстилен отпад
Tриесет контејнери за текстилен отпад ќе бидат поставени на различни локации низ oпштина Кисела Вода, со што на граѓаните ќе им се овозможи правилно одлагање на употребената облека и домашниот текстил, како и активно вклучување во процесите на селектирање и рециклирање.
Ова е овозможено со денешното потпишување на договорот меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и Фаик Мифтари, управител на лиценцираната компанија ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје. Со воспоставената соработка се создава јасно дефиниран и одржлив систем за соодветно постапување со текстилен отпад, негово собирање, селектирање и рециклирање, во согласност со важечкото законодавство и највисоките еколошки стандарди.
Проектот ќе се реализира во две фази. Во првата фаза, контејнерите ќе бидат поставени на 15 локации, пред месните заедници во општината, со цел тие да бидат лесно и рамномерно достапни за сите граѓани. Во втората фаза, дополнителни 15 контејнери ќе бидат поставени пред основните училишта и детските градинки, со што иницијативата ќе добие изразена едукативна димензија, насочена кон развивање на еколошката свест кај најмладите и поттикнување одговорни навики уште од најрана возраст.
-Со поставувањето на контејнерите за текстилен отпад правиме уште еден суштински исчекор кон современо, одговорно и одржливо управување со отпадот. Ова партнерство не претставува само техничко решение, туку вложување во едукацијата, свеста и иднината на нашата заедница. Преку ваквите иницијативи испраќаме јасна порака дека заштитата на животната средина е заедничка обврска и трајна вредност. Изразувам искрена благодарност до ЕКО-ТЕКС ГРУП за нивната општествена одговорност и за посветеноста со која придонесуваат кон почиста и поздрава околина- истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје е регистриран колективен постапувач за управување со отпаден текстил, согласно Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад. Компанијата поседува значајно искуство во оваа област и претставува сигурен партнер во процесот на унапредување на системите за заштита на животната средина. Само во текот на 2024 година, истата има собрано околу 400 тони текстилен отпад на територијата на државата. Овој резултат е јасен показател за ефектите од систематското управување со текстилен отпад и за потребата од заедничко дејствување на институциите, компаниите и граѓаните во насока на одржлив развој и заштита на животната средина.

