Економија
(Видео) Трипуновски: Поради неодговорност на власта, сливите скапуваат на нивите

Додека СДСМ потпишува капитулантски договори, ги менува името на државата, нејзиниот идентитет и јазик, земјоделците во државата се соочуваат со загрозена егзистенција. Оваа година имаме рекордно производство на слива во Република Македонија, но поради неодговорноста на власта, ова е година кога сливите скапуваат на нивите, изјави Цветан Трипуновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, сезоната на откуп почна со 8 денари откупна цена на сината слива, цена која е нерентабилна и по која се откупија минимални количини, за сега воопшто да не се откупува. Половина од родот во Радовишко веќе е опаднат, а како што информираат земјоделците од терен, штетите се над 1.6 милиони евра.
,,Егзистенцијата на производителите на слива е доведена во прашање, а власта предлага мерки што нема да го решат проблемот со откупот на сливата, исто како што не го решија проблемот со откупот на лубеницата и доматите. Мерката што ја предлага СДСМ за субвенционирање на откупувачите со 2 денари од килограм нема да придонесе за постигнување рентабилна цена и решавање на проблемот со откупот.
Владата вели дека ќе субвенционира откупна цена што не е пониска од 5 денари за килограм. Почитувани, салонски политичари од власта, цена од 5 денари по килограм сина слива е потценување за земјоделецот и исмевање на неговиот труд. Со таа цена земјоделците не можат да ги покријат ни трошоците за производство, а камоли да заработат”, додава тој.
ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека цена под 12 денари за килограм сина слива е нерентабилна и не ја гарантира егзистенцијата на илјадници семејства производители.
,,Ја повикуваме Владата во договор со откупувачите да обезбеди минимална откупна цена од 12 денари по килограм, и тоа во најбрз можен рок. Над 10 000 тони слива треба да бидат откупени, а земјоделците очекуваат фер цена што ќе ја обезбеди нивната егзистенција.Оваа мерка можеби не е во полза на Кочо Анѓушев и неговите фирми, па истата можеби не е приоритет на Владата, како мерката за ослободување од царински давачки на јонско-литиумските батерии за фирмите на Анѓушев, но оваа мерка ќе ја обезбеди егзистенцијата на илјадници семејства на кои единствен приход им е продажба на сливата што ја имаат произведено. Овој хаос не смее да продолжи. СДСМ докажа дека не знае да работи. СДСМ мора да си замине”, изјави Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.