Култура
„Во агонија“ – возбудлива драма на Охридско лето

Во рамките на драмската понуда на фестивалот Охридско лето, вечерва, во предворјето на црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот, ќе биде изведена театарската претстава „Во агонија“ од Мирослав Крлежа, а во режија на Нела Кочиш, Озрен Грабариќ и Дарко Стазиќ. Станува збор за проект на ПУК Патувачки театар и Младинскиот центар „Рибњак“ – сцена „Рибњак“.
Славната драма на Крлежа, дел од трилогијата за Глембаеви, е поставена како жесток судир на тројца луѓе. Во фокусот на безвременската приказна за љубовниот триаголник и подемите и падовите во општеството се наоѓаат сензитивната и разочарана Лаура Ленбахова, која храбро ја поднесува имотната и општествената деградација работејќи во својот кројачки салон и служејќи ги муштериите, нејзиниот интимен пријател, адвокатот д-р Иван Крижовец – племенитиот, кој успеал да се снајде во новонастанатите општествени ситуации, и мажот на Лаура, пијаница и коцкар, бивши коњанички потполковник и бивши затвореник, баронот Ленбах.
– Крлежа е класичар. Претставата „Во агонија“ е играна на сите сцени во Хрватска, а со тоа нашиот предизвик и одговорност беа уште поголеми – да се создаде нешто ново и поинакво од предлогот што толку пати е режиран. Ние експериментираме, истражуваме, настојувавме да создадеме претстава што нема да биде само убава интонација и совршено изговорени реченици на Крлежа, без емотивно покритие. Нашата цел беше да создадеме возбудлива, жива, драматична претстава, што ќе биде поинаква, но сепак ќе остане на Крлежа – вели режисерката и актер во претставата Нела Кочиш.
Освен Кочиш во улогата на Лаура Ленбахова, во претствата играат и Озрен Грабариќ како Иван Крижовец – племенитиот и Дарко Стазиќ, кој ја има улогата на баронот Ленбах. Сценографија е Петра Крилетиќ, а костимографијата ја изработи Марита Ќопо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Почнува 15. јубилејно издание на музичкиот фестивал „Здраво млади“ во МКЦ

Во знак на долгогодишната посветеност кон новата музичка сцена и поддршка на млади артисти, ЈУ Младински културен центар го најавува 15-то јубилејно издание на фестивалот на нова музика „ЗДРАВО МЛАДИ“, кое ќе се одржи на 10 и 11 октомври 2025 во МКЦ.
„ЗДРАВО МЛАДИ“ е фестивал на независната и современа музичка сцена, создаден со цел да биде платформа за млади музичари, нови музички правци и иновативна програма. Овогодишната, 15-та јубилејна година, за “Здраво Млади” е “година со уште позасилена програма, многу нови и веќе познати изведувачи на домашната сцена и свежа енергија, која најавува настан на кој се поканети сите, бидејќи одамна се немаме видено.”
Првиот фестивалски ден е посветен на домашната млада алтернативна сцена, која ќе се реализира во соработка со Музичката младина на Македонија. Во рамките на овој проект, насловен “Imagine Macedonia” во кој МММ е партнер, e натпревар за млади музичари со авторска музика од сите жанрови, чија цел е здружување на млади луѓе од сите музички жанрови. “Imagine Music Experience” годинава се одржува во 9 земји (Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Македонија, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве) и е програма отворена за музичари на возраст од 13 до 21 година. Секоја година, победниците на националното финале од секоја од овие земји имаат шанса да настапуваат и да се натпреваруваат на меѓународното финале во Брисел, Белгија (11-15 декември) во салата на La Botanique.
Годинава Imagine Macedonia ќе се реализира во соработка со Малдинскиот Културен Центар во Скопје и фестивалот „Здраво Млади“ на кој ќе настапат следните млади музички состави: “LSD during war”, Големата вода, Мираж, “The Pot”, “Sunneater”, Корка, “Tsar Von Time” и “DENMV”.
Утре, 11 октомври, главната фестивалска вечер ќе ја отвори победникот од денешниот натпревар, Imagine Macedonia. Вечерта е поделена на 3 фестивалски бини: сала “25 Мај” (Денсинг сала), на која ќе настапат легендарниот белградски бенд “Repetitor”, митскиот либиски цар на “хабиби фанкот” – Ахмед Факрун, скопскиот состав “Pedro Horizonte”, хрватскиот алт-поп бенд во подем “Ki Klop”, и новите рокенрол ѕвезди на македонската сцена – Преку ред.
Втората фестивалска бина, лоцирана во Клубот МКЦ, оваа година се реализира во соработка со здружението на граѓани за промоција на женската активност “Tiiiit.Inc” од Скопје. Бината е посветена на фестивалот “Прво па женско” и во рамките на оваа програма, ќе настапат следните артисти: “Pocket palma”, “Suze od luka”, Katerinha, Gillespie, KEM, Lelee. Оваа програма, настанува како фузија на двата фестивали – “Здраво млади” и “Прво па женско”, кое годинава ќе го доживее своето 13 издание. Фестивалот “Прво па женско” е единствен фестивал во земјата посветен на феминистичката култура и активизам, кој промовира разновидни пристапи во промислувањето и репрезентацијата на родот во уметноста и критичките пракси. Програмата која ќе ја претстават во рамките на “Здраво Млади” e дел од есенското издание на “Прво па женско 13”. Благодарение на оваа соработка, дизајнот оваа година за фестивалот го изработи младата дизајнерка Ана “Април” Попоска.
Фестивалот “Здраво Млади” е поддржан од Министерството за култура и туризам, Град Скопје, мрежата Liveurope и Тиииит.инк, а влезот е слободен.
Култура
Јубилејна 50. изведба на „Торонто експрес“ во МНТ – хит претстава која зад хуморот крие тажна приказна

На 22 октомври, во 20 часот, на малата сцена во Македонскиот народен театар ќе биде одиграна јубилејна 50-тата изведба на монодрамата „Торонто експрес“, работена според мотивите на збирката есеи „Тибам Штркот“ од Зоран Спасов-Ѕоф и во режија на Јордан Симонов. Во претставата игра Александар Микиќ.
По изведбата е предвиден коктел за публиката, заедно со екипата од претставата, музика и дружење.
„Торонто експрес“ е агенција за помош при емиграција во Канада, чија цел е да се убедат сите Македонци, колективно да се иселат во ветената земја. Адаптацијата на текстот ја направија: Благоја Бошковски, Александар Микиќ и Јордан Симонов.
Александар Микиќ со специфичен актерски израз, прецизен хумор и суптилна чувственост, остава силен и препознатлив печат во претставата. Еден од најангажираните актери на тековниот репертоар на МНТ, Микиќ, зад себе има повеќе од 60 театарски улоги на матичната сцена, 25 филмски и над 10 телевизиски остварувања. За неговото долгорочно и креативно творештво е наградуван со многубројни признанија, со што ја потврдува својата значајна позиција во македонскиот театар и филм.
„Еден од најголемите предизвици за актерите е да играат во монодрама. Се осмелив сам да застанам на сцена и досега 50 пати ја имам изведено „Торонто експрес“. Презадоволен сум од фактот дека успеавме да стигнеме до оваа бројка, што е доказ дека публиката феноменално реагира на претставата.“, вели актерот Александар Микиќ.
Првпат, на ваков начин, споени се книга и претстава, со идеја да се промовираат македонската култура, издавачите, авторите и драматурзите. Книгата и претставата имаат многу допирни точки, но не се целосно исти, крајот во двата проекта е различен. Иако се комплементарни, сепак, нудат различно доживување.
„Колегата Микиќ ми даде да го прочитам романот на Зоран Спасов, кој ја раскажува приказната за македонската емиграција во Канада, напишан на современ и хумористичен начин, многу близок на мојот сензибилитет. Сфатив дека можеме да го транформираме романот во драмска форма и така влеговме во проектот, кој беше многу инспиративен. Со Микиќ се познаваме многу долго и лесно се поврзавме, знаевме точно што сакаме да постигнеме. Процесот на подготовки траеше еден месец и, да бидам искрен, не бев свесен дека успеавме да направиме хит-претстава, која, еве, ја доживеа и 50-та јубилејна изведба.“, вели актерот и режисер Јордан Симонов.
Оваа феноменално духовита и извонредно напишана книга, зад хуморот крие тажна приказна. Иако и книгата и претставата ги насмејуваат читателите и гледачите, пораката боли. Зборува за животот, за нас, но истовремено го поставува и прашањето: „Како дојдовме на ова дереџе? Можевме да живееме подобро, можевме да направиме подобро…“
„Торонто експрес (Тибам штркот апдејт) е документаристичка стрип-проза, фотонарација со блиц, зум и слободен кадар и фокус, „водич“ за идните печалбари и тазе имигранти.“, како што вели авторот Спасов, или литерарен прирачник за заминување, но и за враќање од Канада. Приказна што брзо и неосетно влегува под кожа: популарна, ефектна, документарна и есеизирана, приказна што „шверцува“ нашинство и носталгија во далечниот свет.
Напишана на скопски сленг, книгата нуди нова форма на битовост, на модерно печалбарство, актуализирајќи го вековниот проблем за иселувањето на нашиот народ на еден автентичен, самосвоен и читлив, ведар и духовит начин.
Новите „печалбари“ се академски музичари што разнесуваат пици, машински инженери – „конобари“ по свадби, ортопеди – експерти за гипс-картон. Нивните (не)употребливи дипломи чекаат во куферите, зафрлени во подрумите на изнајмените станови во Канада.
Публиката ја препозна приказната што сите ја носиме во себе – за заминувањето, за копнежот, за дилемата меѓу тука и таму. Како што вели и самиот автор – „Преку претставата и преку книгата успеавме да ја отвориме темата на еден духовит, но и болен начин и да ја задржиме живата врска со македонската публика.“
Култура
Доделена Нобеловата награда за литература

Нобеловата награда за литература денес му беше доделена на Ласло Краснахоркаи, објави Кралската шведска академија на науките.
Нобеловата награда за литература се доделува на писател од која било земја кој, според зборовите на тестаментот на Алфред Нобел, создал „најдобро дело со идеалистички тенденции во областа на литературата“.
Унгарскиот писател Ласло Краснахоркаи е прогласен за 121-ви добитник на најпрестижната награда во светот во областа на литературата, беше објавено на денешната прес-конференција, што ја одржа секретарот на Шведската академија.
Нобеловата награда за литература е основана во 1901 година, а првиот лауреат е француската писателка Селин Придро. Оттогаш, оваа престижна награда е доделена на вкупно 121 автор, вклучувајќи 103 мажи и 18 жени.
Најмладиот добитник беше британскиот автор Џозеф Радјард Киплинг, кој ја доби наградата во 1907 година на 41-годишна возраст. Најстарата добитничка беше Дорис Лесинг, која имаше 88 години кога ја доби наградата во 2007 година.
Франција се издвојува како земја со најголем број добитници на Нобелова награда за литература – 16 автори од оваа земја ја освоиле престижната награда. Германија е следна со 14 добитници, додека најзастапени автори се оние кои пишуваат на англиски јазик – вкупно 29. Во историјата на наградата, само двајца писатели одбиле да ја примат: Борис Пастернак (1958) и Жан-Пол Сартр (1964).
Во 2023 година, наградата ја освои јужнокорејскиот автор Хан Канг, додека претходната година лауреат беше норвешкиот автор Јун Фосе.
Добитникот на Нобеловата награда за литература, покрај златниот медал, добива и парична награда од 11 милиони шведски круни, што е нешто повеќе од еден милион долари. Оваа година, честа и износот гордо ги носеше Ласло Краснахоркаи.
Краснахоркаи, кој има 71 година, е познат по романите со силно изразени филозофски и дистописки теми, како што се „Сатантанго“ и „Меланхолијата на отпорот“. Тој веќе е награден со меѓународни награди, вклучувајќи ја Меѓународната награда Букер (2015) и Националната награда на САД за преведена литература (2019).
Фото: ЕПА