Македонија
(Вознемирувачко видео) „Анима мунди“ бара казна за трујачите на кучиња во Охрид

По медиумските информации за присуство на многубројни бездомни кучиња во Охрид, „Анима мунди“ соопшти за низа случаи на убиства на животните во екот на туристичката сезона на прометни локации и среде бел ден.
„Податоците, слики и видеоснимки, ни пристигаат од многубројни шокирани и преплашени граѓани и туристи кои се обидувале да им помогнат на животните, но немале шанса да успеат – животните умирале во најтешки маки, а отровот што бил расфрлан бил со толку силно дејство што и со вдишување бил смртоносен. Ова видео што ви го доставуваме мора да го види целата македонска јавност за да се види со какви високотоксични/смртоносни средства се служат граѓаните, слободно и неконтролирано ги набавуваат и ги расфрлаат, без притоа некој да одговара. Ова исклучително вознемирувачко видео, за жал, треба да го гледа секој за сликовито да се долови и претпостави каков би бил отровот доколку дојде во допир со некое дете“, соопшти „Анима мунди“.
Од здружението велат дека кучињата се бездомни и не се виновни што се на улица, туку се и самите жртви на неодговорни сопственици кои ги размножуваат и напуштаат кога ќе им здодеат. „Анима мунди“ бара од општините што располагаат со финансиски средства да ги стерилизираат животните, да ги третираат хумано, без исклучок, и најстрого да го казнат неодговорното сопствеништво.
„Општините се должни да го превенираат и казнат насилството врз животните, масовното труење на животните, кое е опасно за животот на сите и за кои законот предвидува и казна затвор. Ќе се преземе ли нешто за да се фати овој сторител, како и сите други што убиваат животни? Бараме итна интервенција од Општината, Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Министерството за внатрешни работи, со цел да се стави крај на ова монструозно дивеење по улиците, парковите и тревниците преку конечно изрекување казна затвор за лицата што злоупотребуваат отровни материии, вршат кривично дело мачење животни, предизвикуваат општа опасност, пред која и луѓето и животните може да бидат жртва“, апелира „Анима мунди“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, попладнево во 16 часот и 14 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, 39 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.7.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово, Гостивар и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
МНР: Амбасадата во Прага е во координација со семејството на Чифлиганец за пренeсување на телото во Македонија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека на 2 август 2025 година, до македонската амбасада во Прага била доставена информација за тешка сообраќајна несреќа во која бил повреден македонскиот државјанин Душко Чифлиганец. Тој управувал мотор кога дошло до незгодата, по што со тешки повреди бил пренесен во болница.
На 3 август, семејството го известило дипломатско-конзуларното претставништво дека Чифлиганец им подлегнал на повредите.
Како што соопштија од МНР, Амбасадата во Прага е во континуирана комуникација со семејството со цел завршување на сите неопходни формалности и организација за пренос на телото во Македонија.
Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.