Македонија
Почесна артилериска стрелба во касарната „Илинден“

По повод Денот на Армијата на Република Македонија, денеска, во 19 часот, во касарната „Илинден“ во Скопје, од страна на единица на артилерискиот баталјон на АРМ ќе се изврши почесна артилериска стрелба со истрелување 10 плотуни од артилериски орудија.
Претходно, во периодот од 15 до 18 часот ќе се изврши пробна артилериска стрелба со еден истрел од 6 артилериски орудија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Грантови од 10.000 евра за младите земјоделци, велат од Владата

„Приоритет на Владата и министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е развој на македонското земјоделство, со посебен акцент на младите земјоделци. За таа цел објавен е јавен повик за Мерката 112 со кој обезбедуваме помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност. Вредноста на грантот изнесува 600.000 денари или 10.000 евра, односно 100% од направените трошоци“, извести Владата.
„Условите кои треба да се исполнат се:
-лицето кое аплицира да биде на возраст од 18 до 40 години,
-истиот за првпат да започнува со земјоделска активност,
-да преземе постоечко или воспостави ново земјоделско стопанство,
– и да е запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства во последните 18 месеци.
Крајниот рок за доставување на барањата е до 9 мај годинава.
Преку мерки и проекти нашата заложба како Влада е да инвестираме во развој на македонското земјоделство, истото да го направиме поконкурентно на пазарот и да отвориме нови работни места за да го зголемиме доходот на земјоделците.
Владата го враќа изгубеното достоинство на земјоделците. Нивниот труд почнува соодветно да се вреднува.
Нашиот фокус е инвестициите во земјоделството да бидат исплатливи и затоа продолжуваме со интензивна поддршка на земјоделскиот сектор.
Младите имаат одлична можност да започнат свој бизнис и да ги искористат можностите кои ги создаваме“, се наведува во соопштението на Владата.
Македонија
ЦУК: Пронајдени рачни бомби во нива во Тетовско и американска авионска бомба од минатите војни во Битолско

За пронајдени неексплодирани убојни средства известува РЦУК Тетово. Конкретно, преку 112 во ЦУК е пријавено пронаоѓање рачни бомби на приватна нива во близина на „Еко Флор Плус“ во село Боговиње.
Веднаш по примањето на пријавата, вработени од Полициската станица Камењане пристигнале на местото. Известени беа и ДЗС Тетово за случајот, а преку консултација со надлежните органи, беше утврдено дека за отстранување на рачните бомби ќе пристапат специјализирани лица од Куманово. Поради стемнувањето, акцијата е одложена за денеска, при што местото е привремено обезбедено од страна на ПС Камењане, додека не се отстранат рачните бомби, извести ЦУК.
РЦУК Битола, ја пренесува информацијата од пиротехничар од ДЗС дека на вчера има подигнато авионска бомба со 154 калибар (од американско производство) од Првата светска војна. Бомбата е безбедно отстранета, подигната во 11.45 часот во село Армаруш во општина Новаци.
Македонија
ДУИ: Прес-конференцијата на Тошковски и Коцевски – најголемата карикатура на заробената држава

„Прес-конференцијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и јавниот обвинител Љупчо Коцевски претставува најголемата карикатура на заробената држава“, велат од ДУИ.
„Наместо вистинска правда за трагедијата во Кочани, пред јавноста се демонстрира трговија со влијание – еден вид трансакциска заштита меѓу главниот виновник, министерот Тошковски, и обвинител кој се наоѓа под политички притисок, со функција што зависи од волјата на премиерот.
ДУИ им апелира на професионалците во Министерството за внатрешни работи и во Јавното обвинителство да не дозволат да бидат дел од оваа трговија со влијание и на тој начин да не ја легитимираат оваа политичка зделка.
Вистинската правда не смее да се крие зад селективни истраги и медиумски перформанси. Јавноста со право бара одговорноста за ужасната трагедија во Кочани да се утврди точно и правично.
Она што ни се прикажува не е правда – туку институционален агресивен напад, еднострански насочен кон албанскиот народ во оваа држава“, се наведува во соопштението на ДУИ.