Македонија
По деветти пат Школа за млади лидери на претседателот Иванов
Вкупно 40 учесници и триесетина предавачи од Македонија, Европа и светот ќе бидат дел од деветтата по ред Школа за млади лидери, што од 20 до 30 август 2018 година ќе се одржи во Струга.
Школата за млади лидери е лична иницијатива на pретседателот Ѓорге Иванов и опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.
Идејата е да се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.
На свеченото отворање на школата, во понеделник, на 20 август о Струга, покрај Иванов, свое обраќање ќе има поранешниот претседател на Република Латвија, Валдис Затлерс.
Меѓу предавачите на годинешната Школа за млади лидери се Дејвид Голдсмит, еден од водечките експерти за бизнис менаџмент и лидерство, Озгур Торт, главен извршен директор на MIGROS Group, Штефан Петер, Претседател на Извршниот Одбор на ЕВН Македонија, Пинар Ајваз Арикан, Генерален директор на Turkish Airlines во Скопје, Есер Џевахир, директор на Џевахир холдинг, Сани Шенер, Извршен директор на ТАВ аеродроми, Бајбарс Алтунташ, претседател на Инвестициониот форум за светски бизнис ангели, Дејвид Бекет, TEDx тренер, Снежана Живчевска – Сталперс, Менаџер на проекти во IBM.
Оваа година програмата на школата ќе биде фокусирана на најдобрите практики и знаења за развој на еко-системи за поттикнување на старт-ап, мали и средни претпријатија, како и деловното истражување и иновациите воопшто.
Во изминатите осум години на школата учествуваа 320 млади луѓе и над 180 реномирани предавачи, меѓу кои поранешниот Генерален секретар на ОН, г. Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешка и на Латвија, Вацлав Клаус и Ваира Вике – Фреиберга, поранешните претседатели на Србија, на Бугарија и на Албанија, Борис Тадиќ, Георги Прванов, Петар Стојанов, Бамир Топи и Реџеп Меидани, поранешниот потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија, Франко Фратини, претседателите на Светската и на Европската академија на науките и уметностите, Иво Шлаус и Феликс Унгер, како и голем број амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.
Школата за млади лидери беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот форум на бизнис ангели. Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, коешто низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани, овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиохирурзите Колев и Џелили на обука во Клиниката за кардиохирургија во Бордо, Франција
Кардиохирурзите при ЈЗУ Клиника за кардиохирургија, Скопје, Александар Колев и Кујтим Џелили престојуваат на Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, Франција, каде учествуваат на работилница за запознавање и обука со некои од најиновативните техники во совремата кардиохирургија.

-Заедно со мојот колега Кујтим Џелили имавме одлична можност да учествуваме на едукативна работилница во Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, организирана од Петерс.
Под менторство на водечките професори Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, се запознавме со некои од најнапредните техники во современата кардиохирургија. Меѓу нив најсофистицирана и најпрефинета беше употребата на роботскиот систем на Да Винчи за поправка на митралниот вентил, како и други минимално инвазивни кардиохируршки процедури. Преку практични тренинг сесии, вежбавме креирање на анастомози на реални модели, користејќи некои од најновите помошни хируршки апарати, напиша кардиохирургот Колев на неговиот фејсбук профил.

Тој особено го потенцира фактот дека кардиохирургија, како една од поновите гранки на медицината, продолжува да се развива и брзо напредува.
-За нас, како кардиохирурзи кои доаѓаат од мала земја како Македонија, од особено значење е да останеме во тек со овие иновации, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на третман за нашите пациенти, наведува д-р. Колев.
Македонија
Ѓорѓиевски на фејсбук објави дека најдоброто за Скопје допрва доаѓа
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук објави видео од активностите што се преземаат за чистење на главниот град, согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот.
-Скопје го правиме заедно, ви го дадов мојот збор! Се чисти кејот на реката Вардар. Се поставуваат украсни канделабри на плоштадот „Македонија“. Најдоброто, доаѓа!, објави Ѓорѓиевски попладнево на неговиот фејсбук-профил.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна завчеравечер по примеопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши утревечер.
Деновиве со механизација и рачно се чисти коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Во акцијата се вклучени луѓе и опрема од комуналното претпријатие на Скопје, како и механизација и екипи од ЈП „Улици и патишта”- Скопје.
Македонија
Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми
Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.
-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.
Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.
Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

