Култура
Успешно 58-то издание на фестивалот „Охридско лето“

Патот кој го зацртавме на самиот почеток на фестивалот „Охридско лето“ успешно го изодевме. Реализиравме богата уметничка програма без ниту едно откажување, се покажавме како добри домаќини пред околу 800 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари од 27 земји од светот, истакна денеска на завршната прес-конференција посветена на 58-то „Охридско лето“ директорката Сузана Вренцовска.
Како што нагласи Вренцовска, според статистиката, годинава се бележи и зголемување на продажбата на билети, а он-лајн билети се купувале од бројни земји од светот.
„Настаните се исполнија до последно место, понудивме ниски цени достапни за секого, се со цел што повеќе луѓе да посетуваат културни настани. Следејќи ги светските текови реализиравме преноси на настани во живо преку нашата веб-страна, концертот на Музичката младина на Македонија во црквата Света Софија, и Свеченото отворање на Антички. Посебно внимание посветивме и на дизајнот на пропагандниот материјал како и на маркетингот и промоцијата на фестивалот. Зад сето ова стои тимот на „Охридско лето“ кој внесе огромна посветеност и професионализам. Охридско лето доби и нова брендирана билетарница за продажба на самиот кеј“, изјави Вренцовска.
Подготовките за 58-то издание, според неа, биле завршени уште пред самиот почеток на фестивалот.
Во соопштението кое беше испратено до медиумите по завршувањето на прес конференцијата беше потенцирано дека во соработка со Општина Охрид и општинските јавни претпријатија се санираат гледалиштето во предворјето на црквата „Света Софија“, со целосна замена на оштетените дрвени седишта и елементи, а започната е и постапката за реконструкција на сцената Долни Сарај, по проект финансиски поддржан од Министерството за култура вреден 1,4 милиони денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Започнаа пробите на претставата „Лов на дива свиња“

Македонскиот народен театар од Скопје и Градското позориште од Подгорица потпишаа Меморандум за соработка за продлабочување на културната и уметничката размена меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Претставувани од директорите Никола Кимовски и Сандра Вујовиќ, двете институции ја изразија својата подготвеност за заедничка работа во областа на театарот, културата и уметноста.
Меморандумот предвидува размена на театарски претстави, реализирање заеднички копродукции, спроведување едукативни програми, како и соработка во областа на техничката и логистичката поддршка, маркетингот и промоцијата на заеднички проекти. Целта е воспоставување долгорочна и одржлива соработка, со редовна комуникација и координација при реализацијата на предвидените активности.
Овој документ претставува значаен чекор кон унапредување на регионалната културна поврзаност и зацврстување на меѓународната соработка во уметничката сфера.
„Македонскиот народен театар и натаму продолжува да создава во духот на мојата визија и стратегија – создавање театар отворен за сите, современ театар кој постојано вмрежување, остварува институционални и меѓународни соработки, со цел развој на современиот театар во Македонија и регионот“, изјави директорот Никола Кимовски.
Првата меѓународна соработка започнува со реализацијата на претставата „Лов на дива свиња“, чиј автор е црногорската современа писателка Марија Сарап, а режијата е на македонската режисерка Наташа Поплавска.
Претставата ќе се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје.
Во претставата учествува актерска екипа од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова и Мина Јелушиќ Јериниќ од Македонија, како и Ѓорѓе Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.
Претставата „Лов на дива свиња“ премиерно ќе биде изведена на 19 јули во рамки на фестивалот „Скопско лето“, а премиера во Подгорица, Црна Гора, е планирана за септември.
Претставата е дел од Националната програма за култура за 2025 година и финансиски е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и од Градот Подгорица, Црна Гора, како и од компаниите: „Виталиа“ од Скопје, хотелот „Мериот“ и рестораните „Дистрикт“, „Тренд“ и „Шпајз“.
Култура
Изложба на пастели од Илија Спасов-Чендо

На 19 јуни, во 13 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје, ќе биде отворена изложбата на слики изработени во техниката пастел од академскиот сликар Илија Спасов Чендо
Илија Спасов – Чендо
Роден е во Неготино. Дипломирал на ФЛУ Скопје. Член е на ДЛУМ. Добитник е на наградата за сликарство „Лазар Личеновски„ 2011. Самостојно изложувал во Скопје, Софија, Битола , Белград, Нови Сад, Дубровник, Кавадарци и Неготино. Учесник е на повеќе групни изложби. На изложбата авторот ќе се претстави со 25 пастели изработени во последните две години.
Изложбата ќе биде отворена до 01.07.2025 година.
Култура
Промоција на поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков

Поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков во издание на „Фуснота“ ќе биде промовирана денеска во кафе-книжарница „Буква“ со почеток во 19:00 часот.
Промоторка на книгата е проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, главен уредник е Маја Којчева Величкова, лектура: Елизабета Коневска, дизајнот на корицата изработи Мите Спасовски, а извадоци од романот ќе чита Светла Јакшиќ.
Книгата е објавена со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.