Македонија
Владата денеска ќе ја одржи редовната седница
Владата денеска ќе ја одржи својата редовна 84. седница со повеќе точки на дневен ред.
На оваа своја седница Владата ќе ја разгледа и ќе се произнесе по информацијата за имплементацијата и состојбата на проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII фаза 1 делница Куманово – Бељаковце“, која ќе ја презентира Јавното претпријатие „Македонски железници – инфраструктура“.
На денешната седница министрите во владата ќе ја разгледаат и информацијата за потребата од склучување договор за грант меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави за развојната цел: „Република Македонија како просперитетно, самоодржливо и инклузивно демократско општество“.
На предлог на Министерство за надворешни работи, на оваа седница на Владата на РМ ќе се најде и информацијата за потпишување договор меѓу генералниот секретар на Обединетите нации и Владата на Република Македонија: Обврска да се елиминира сексуалната експлоатација и злоупотреба, а Министерството за внатрешни работи ќе го претстави извештајот за извршените преговори со усогласен текст на договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за реципрочно признавање возачки дозволи.
Министерството за одбрана за оваа владина седница предлага да бидат разгледани и усвоени две предлог-одлуки за испраќање припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција на Организацијата на Обединетите нации – УНИФИЛ, во Република Либан, како и за испраќање припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Исламската Република Авганистан.
Во делот на точките за информирање на оваа седница, Владата ќе ги разгледа и информациите за задолжување на Јавно сообраќајно претпријатие „Скопје“ со државна гаранција кон меѓународна кредитна институција, за проектот-набавка на КПГ-автобуси, како и информацијата за акцискиот план за вработување млади лица, 2016 – 2020, што доаѓа како предлог на Државниот завод за статистика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

