Култура
Панел-дискусија „Улогата на филмот во деинституционализацијата“
Панел-дискусијата „Улогата на филмот во деинституционализацијата“ заедно со Вито Флакер (професор по социјална работа од Словенија), Дамијан Ненадиќ (режисер на филмот „Денови на лудило“), Ана Замецка (режисерка на филмот „Причест“) и авторките на кратките документарни филмови на првата генерација „Докуникулци“ на „Македокс“, ќе се одржи од 14 до 16 часот во Музејот на современата уметност.
Со многу возбуда и емоции, радост и солзи, и со силни овации претходните две вечери беа проследени трите документарци на првата генерација „Докуникулци“, која произлезе од минатогодишната летна филмска школа на „Македокс“.
Краткиот документарен филм „Адолесцензура“ (Македонија, 2018, 14 мин.) на Леа Димитрова ги откри главните проблеми со кои се соочуваат младите во државата. Погледнати низ призмата на три другарки кои немаат забранети теми меѓу себе, филмот ги открива темите за кои не смеат да зборуваат пред другите и се принудени да воспостават сопствен режим на автоцензура. Филмот ги руши тие бариери.
Младата Јоана Арсовска во филмот „Поглед во очите“ (Македонија, 2018, 24 мин.) храбро зборува за својот живот пред и по ужасот наречен сексуално насилство. Во филмот се појавува уште еден анонимен протагонист, но пораката што Јоана ја испраќа по сѐ што доживеала е дека не треба да се гледа кон минатото, туку погледот на очите треба да се упати само напред, кон иднината. Премиерата на филмот беше емотивно доживеана и од авторката и од сите докуникулци кои се дел од школата на „Македокс“.
Премиерата на документарниот филм „Поинакви“ (Македонија, 2018, 24 мин.) на Розе Симоновска се одржа на 22 август во Куршумли-ан. Филмот открива дел од секојдневието на Јордан од Велес. Тој е лице со посебни потреби, но режисерката низ комуникацијата со него на гледачите им открива дела Јордан е лице со сосема вообичаени потреби – сака да рецитира поезија, да слуша музика, да игра кошарка. Но, проблемот е што не успева да најде друштво во блиската околина и осуден е по цел ден сам да седи на компјутер. Филмот „Поинакви“ отворено зборува за проблемите при социјализацијата на лицата со аутизам.
„Како што го запознавав Јордан, така се спознавав и себеси. Тоа е убава конекција која сакам сите да ја доживеете“, рече режисерката на филмот Розе Симоновска.
На премиерата на филмот беше присутен и Јордан, и беше поздравен со силни овации. Во подготовката на филмовите учествуваше целата прва генерација „Докуникулци“ на „Македокс“, која, исто така, се поклони пред публиката во Куршумли-ан.
Во Музејот на современата уметност на 22 август заврши втората работилница на темата „Режирање реалност“ со полскиот автор Војцех Старон. Во текот на трите дена беа прикажани документарните филмови „Сибирска лекција“, „Аргентинска лекција“, „Дон Жуан“ и „Браќа“. Зборувајќи за филмот „Браќа“, Старон објасни дека секогаш се обидува да направи сопствени композиција и интерпретација на приказните во своите филмови, а дека не се држи до хронологијата на настаните, туку минатото на протагонистите секогаш го става во втор или трет план. Во прикажувањето на внатрешната состојба на протагонистите често користи пејсажи од природата. Работилницата се случи со поддршка на Филмската фондација на Краков, Полска.
Со средба „Под смоквата“ со полските автори присутни на „Македокс 9“ ќе биде означен крајот на програмата – Земја во фокус, која беше најавена со „Полскиот пикник“ пред фестивалот, а во рамките на програмата беа прикажани 12 современи документарни остварувања. Средбата со Ана Гавлита, Томаж Волски, Ана Замецка и Војцех Старон ќе се случи во 18 часот.
Наградите на „Македокс 9“ ќе бидат доделени во 20 часот, во Куршумли-ан. Статуетките на сите пет награди се дело на словенечкиот академски скулптор Примож Селишкар.
По церемонијата на доделување на наградите ќе бидат прикажани филмовите „Елегии за кодахромот“ (САД, 2017, 11 мин.) на Џеј Розенблат, „Рагу Раи – Неврамен портрет“ (Финска, Индија, Норвешка, 2017, 55 мин.) на Авани Раи во терминот од 21 часот, како и филмот „Лица, места“ (Франција, 2017, 89 мин.) на шармантната 89-годишна филмаџијка Агнес Варда во терминот од 23 часот. На платото пред Куршумли-ан, во 20.30 часот, ќе биде прикажан документарниот филм „Барут и сјај“ (САД, 2017, 67 мин.) на Виктор Јаковлески.
Деветтото издание на „Македокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на РМ, Програмата МЕДИА на Креативна Европа, Фондацијата за развој на демократијата од Вашингтон (National Endowment for Democracy) и Град Скопје. Партнери на „Македокс“ се „Петра Пан“, „Кино Култура“, Младинскиот културен центар и Кинотеката на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.

