Македонија
Започна летниот караван на „Мрдни со прст“
Граѓанската платформа „Мрдни со прст“ одржа конференција за печат со цел да ги најави претстојните активности во рамките на летниот караван. Поводот за средба со новинарите беше најава на серија претстојни активности, кои „Мрдни со прст“ ги поддржува.
„Се работи за 13. издание на фестивалот за современи уметности ‘Акто’ оваа година насловен ‘,Општество во изградба’, потоа, серија активности за најмладите и нивните родители заедно со ‘Чекор по чекор’, серија настани со спортски карактер, каде се повикуваат граѓаните да ‘се размрдаат’ и да вежбаат со ‘Размрдај се’ и конечно главен акцент ќе биде ставен на Националната хуманитарна акција за собирање храна под името ‘Нахрани 10 000’ во соработка со платформата ‘Сите сити’. Целта е на граѓаните да им се даде можност редовно да донираат храна за ранливите категории сограѓани, кои не можат да си дозволат повеќе од еден оброк дневно“, најави Ана Зафирова, поддржувач на платформата „Мрдни со прст“.
На средбата учествуваше и Блаже Јосифовски, координатор на мрежата „Сите сити“, кој подетално проговори за претстојната хуманитарна акција „Нахрани 10 000“ за собирање храна на одбрани локации и нејзино дистрибуирање до социјално загрозени граѓани. Целта е на граѓаните да им се даде можност редовно да донираат храна до нашите сограѓани преку собирање еднаш месечно храна.
Првиот хуманитарен чин ќе се случи на 6 септември, кој ќе почне во 10 часот и ќе трае до 19 часот со амбиција овој настан да прерасне во континуирана едномесечна акција во 10 градови од земјава: Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Струмица, Радовиш, Гевгелија, Гостивар, Кочани и Виница. Дел од организациите работат со бездомници, за нив се прават посебни пакети во согласност со нивните услови за живот. За изнемоштените лица, се носи храната до нивните домови.
„Секој месец ќе се случува настанот ‘Нахрани 10 000’“. Сакаме да прерасне во редовна активност во која граѓаните ќе им помагаат на ранливите категории сограѓани, кои не можат да си дозволат повеќе од еден оброк дневно. Наша цел е оваа акција да биде дисперзирана во речиси сите градови низ земјава, не само во Скопје. Храната е основно човеково право, а јас верувам дека македонските граѓани се хумани луѓе и дека безрезервно ќе ја поддржат оваа акција да донираат за нашите сограѓани, кои не можат да си дозволат повеќе од еден оброк дневно“, изјави Блаже Јосифовски.
Во апелот од организаторите се препорачува сите хумани граѓани да донираат храна што не е лесно расиплива, како ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, супа кокошкина, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.
Според Државниот завод за статистика во Македонија, имаат проблем да обезбедат храна 445 099 луѓе и во просек имаат по еден оброк дневно. Од друга страна, годишно во Македонија се фрлаат околу 12 000 тони вишок храна, што претставува за околу 26 000 граѓани да имаат по три оброка дневно. Нејзината вредност се проценува на најмалку 11.6 милиони евра, што може да се искористи како нова програма за социјална заштита.
Од фондацијата „Чекор по чекор“ до присутните се обрати Мајда Јошевска, координатор на образовната програма, чии активности се предвидени утре, на 24 август, на тревникот до Офицерскиот дом во Битола во рамките на фестивалот „Акто“.
„Целта на настанот ‘За сите во нашата заедница, од 1 до 101 година’ е да се зајакне соработката меѓу членовите на заедницата, невладините организации и институциите преку развивање чувство за позитивен идентитет и припадност кон заедницата, за промовирање на меѓугенерациска комуникација и за промовирање вредности како што се емпатија, почит, одговорност и поддршка. Понатаму за подигнување на јавната свест за теми од општ интерес, како важноста на раниот детски развој и улогата на семејството, важноста од вклучување во различни акции во заедницата и важноста на институционалната и семејната поддршка за ментално и физичко здравје и благосостојба на возрасните. Настанот е дел од програмата на годинашниот фестивал ‘Акто’ и ќе вклучува: Совети за здрави читачки навики; Играме, учиме и се забавуваме; Драмарама; Артивизам; Танцуваме заедно и Јога за смеење!“, изјави Јошевска.
Сите овие настани ќе кулминираат со голема целодневна дружба, која ќе се реализира во Градскиот парк во Скопје на 15 септември и ќе донесе спој на низа настани поддржани од „Мрдни со прст“ . Платформата се создаде пред речиси две години и на овој голем финален настан програмски ќе биде заокружена со настан на 5 подиуми и колоритна интерактивна програма.
Мисијата на „Мрдни со прст“ е да се поттикне акција на размислување за индивидуалната одговорност и зголемување на вклученоста во решавање на општествените прашања кои сите нè засегаат, бидејќи секое мало мрдање придонесува за големи резултати и промени. Оваа платформа ја сочинуваат голем број невладини организации кои дејствуваат на различни полиња буквално низ целиот простор на земјава. Нејзината идејна цел досега ја препознаа многу респектибилни уметници, спортисти, музичари… кои инспирираат акции во кои може да се вклучи секој граѓанин“, додаде Ана Зафирова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

