Култура
Филмската ѕвезда Клаудија Кардинале на отворањето на „Браќа Манаки“

Италијанската и светски позната филмска актерка Клаудија Кардинале ќе учествува на свеченото отворање на 39. издание Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и во Битола лично ќе ѝ биде врачена специјална златна „Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност.
Клаудија Кардинале е со импозантна филмографија од над 175 улоги во филмови, телевизиски серии и краткометражни филмови. Во својата богата кариера настапувала заедно со филмските партнери Марчело Мастројани, Берт Ланкестер, Ален Делон и други, соопштија од ИФФК „Браќа Манаки“ на прес-конференција во Битола.
„Клаудија Кардинале беше прогласена за една од најубавите 50 жени во филмската историја, во својата кариера има освоено над 35 награди и признанија, а веруваме дека со задоволство во своите раце, на фестивалската сцена во Битола, ќе ја држи и златната ‘Камера 300’“, истакна Гена Теодосиевска, директорка на ИФФК „Браќа Манаки“.
Организаторите на ИФФК „Браќа Манаки“ информираа дека натпреварувачкиот дел од годинешната програма ќе го оценува стручно жири предводено од Олимпија Митилинау, кинематограферка од Грција.
Фестивалот и годинава е поддржан од општина Битола затоа што, како што рече градоначалничката Наташа Петровска, фестивалот е препознатлив насекаде во светот и гордост на сите битолчани.
„Убедена сум дека фестивалот ќе ни донесе пријатни моменти во кои ќе уживаат битолчани, но и гостите. Верувам дека ова издание ќе биде одлична најава за следното јубилејно 40. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, истакна Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Воодушевувачки концерт на парискиот квартет „Модиљани“ на Охридско лето

Еден од најзначајните гудачки квартети на денешницата, „Модиљани“ од Франција вчеравечер музицираше на „Охридско лето“ воодушевувајќи ја фестивалската публика со нивната совршена изведба и внимателно избраната програма.
На репертоарот беа гудачки квартети од композиторите Хоакин Турина, Морис Равел и Лудвиг ван Бетовен.
Концертот беше во рамки на Вечерта на Европската унија што веќе осумнаесетта година по ред се организира на фестивалот со поддршка на Делегацијата на Европската унија во Р.С.Македонија.
Заменик-амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау, истакна дека преку оваа соработка македонските уметници се промовираат во светот, а најдобрите европски уметници се претставуваат пред овдешната публика.
-Навистина ми е многу мило што веќе 18 години го поддржуваме овој фестивал. Тоа е дел од нашата долгогодишна посветеност кон промовирање на музичките вредности. На тој начин се трудиме да ги промовираме македонските уметници во светот, но и обратно, да донесеме различни европски уметници овде. Морам да изразам огромна благодарност до директорот на фестивалот „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски и до селекторката на музичката програма Симона Ѓорчева затоа што направија прекрасен избор со гудачкиот квартет „Модиљани“ кои ги слушнавме во исклучителната атмосфера на црквата „Света Софија“ што претставува една од најбесценетите богатства на Р.С.Македонија, рече заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Нупнау.
Парискиот квартет „Модиљани“ во 2023 година ја прослави својата 20-годишнина. Во сезоната 2024/2025 овој гудачки состав е посветен на еден од најголемите потфати во нивната кариера, а тоа е снимањето на сите 16 гудачки квартети од Лудвиг ван Бетовен. Покрај тоа, во октомври минатата година остварија турнеја низ САД, а потоа и концерти во Хамбург, на биеналето на гудачки квартети во „Аудитори“ во Барселона, во Филхармониската сала во Стокхолм и на „Шубертијадата“ во Шварценберг.
Култура
Повикот за музичката манифестација ‘Нешто што ќе остане” трае до утре

Градоначалникот Горан Герасимовски ги повикува сите регистрирани здруженија, организации и правни субјекти што работат во полето на културата и кои имаат седиште во Општина Центар, да се пријават на јавниот повик за финансиска поддршка за реализација на музичкиот хепенинг „Нешто што ќе остане“. ж
Тој потенцира дека оваа музичка манифестација и годинава повторно ќе го размрда Паркот на франкофонијата со звуците на македонските изведувачи.
„Лани, ‘Нешто што ќе остане’ беше нашиот настан на годината. Заедно со скопјани уживавме во добра квалитетна музика, ги пеевме најпознатите македонски хитови. Културата е таа којашто не спојува, културата е душата на Центар, на Скопје. Затоа, ги повикувам сите заинтересирани да се пријават на настанот и повторно да создадеме нешто што ќе остане, што ќе го паметиме и ќе бидеме горди“, вели Герасимовски.
Општина Центар бележи континуирано зголемување на буџетот за култура, кој од 4 милиони денари на почетокот на мандатот на градоначалникот Герасимовски, денес изнесува 13 милиони денари, што претставува трикратно зголемување.
Овој повик нуди можност за финансиска поддршка до 1.840.000 денари за организација на културниот настан, со цел поддршка на македонската музика, уметници и продукција. Пријавените треба да предложат целосна четиричасовна програма со реномирани македонски изведувачи и водител, како и целокупна логистика за реализација на настанот.
Рокот за пријавување трае до утре (четврток), односно 7 дена од денот на објавувањето на повикот на веб-страницата на Општина Центар: www.centar.gov.mk
Пријавите се доставуваат во архива (барака 6) или по пошта на адреса: Општина Центар – Скопје
Сектор за јавни дејности / Одделение за култура
ул. „Михаил Цоков“ бр. 1, 1000 Скопје
со назнака: „Јавен повик за финансиска поддршка за реализација на проектот ‘Нешто што ќе остане’“
Формуларот за пријава е достапен на веб-страницата на Општината: https://www.centar.gov.mk/?p=25930, пријави се!
Култура
Утревечер, со солистички концерт на Кокан Димушевски почнува 19. издание на балканскиот етнофјужн-фестивал „Локум-фест – музика и традиција 2025“

Утревечер во познатото Пацио на НУ Завод и Музеј со солистички концерт на Кокан Димушевски, ќе започнува 19-то издание на Балканскиот етно фјужн фестивал „Локум фест-музика и традиција 2025 “.
Никола, Кокан, Димушевски, е роден во Скопје, 26. Ⅳ 1958 – клавијатурист, аранжер, композитор и продуцент. Кариерата ја започнал како клавијатурист на групата „Леб и сол”, а има напишано над 200 аранжмани за различни автори и изведувачи во Македонија и во Европа.
Автор е на музика (околу 1.500 минути) за голем број театарски претстави во Европа и во САД. Создавал музика (аудиодизајн) за повеќе радио и ТВ станици. Одржал над 1.000 концерти во целиот свет. Соработувал со Ѕамаха и Радио Франце Интернационал. Издал дваесетина ЦД и ДВД-носачи.
Локум фест е единствен ваков фестивал во Македонија и на Балканот кој ги спојува традиционалната градска музика со fusion & world music, и зад себе има преку 110 реализирани концерти на ансамбли од Македонија, Балканот и светот, а се одржува на културно-историски локации промовирајќи ги истите како сцена , што годинава е и слоган на фестивалот. „Наследството како сцена“.
Инспирацијата за Локум фест доаѓа од живото културно наследство на некогашна конзулска Битола, која била важен воено-економски центар и цивилизациска крстосница, дом на бројни етноси и амалгам на култури, каде се вкрстувале византиската, ориенталната , сефардската и европската култура. Сето тоа резултираше со неверојатно богатство на музички влијанија, обичаи, архитектура и др. Локум фест е фестивал кој повикува на средба, помеѓу културите и еден дух. Истовремено е атрактивен за туристи од земјата и странство и веќе со години промовира културен туризам као дел од локалната и национална туристичка понуда. Локум фест е член на Most music, Without borders, EFFA, и други регионални и европски фестивалски асоцијации.
За прв пат паралелно со Битола, Локум фест се случува и во Скопје. Во соработка со Public room на 18 јули таму ќе настапат грчката група Reggetiko project и русите VEDAN KOLOD, под мотото „Однадвор кон центарот“. Ова е редок пример на културна дисперзија од крајниот југозапад на државата кон центарот и ги најавува амбициите за следната година кога се одбележува 20 години Локум фест, а фестивалот ќе се дисперзира на неколку автентични локации во Македонија и регионот.
Фестивалот е една од ретките манифестации која доследно се држи до јавниот карактер и е не се приклонува кон естрадизација на културата. Се одржува на јавни простори без наплата на средства и е проект од национално значење финансиран од Министерство за култура и туризам и Општина Битола, а се одржува во склоп на Бит фест 2025 година.