Култура
Доделени наградите за најдобрите филмови на деветтото издание на „Македокс“
Со доделувањето на наградите за најдобрите филмови во пет категории синоќа заврши деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“.
Главна награда „Кромид“ за најдобар филм ја доби „Далечниот лаеж на кучињата“ (Данска, 2017) на режисерот Сајмон Леренг Вилмонт. Комисијата во состав Пирјо Хонкасало, Војцех Старон и Марија Чачија образложи дека станува збор за филм за екстремниот страв и безусловната љубов видени низ острото и нежно режисерско око.
„Може да се каже дека речиси физички ги почувствувавме емоциите на Олег, 10-годишно момче од Украина, чиешто детство го носи товарот на насилниот и распламтен воен фронт во близина на неговиот дом. Следејќи го секојдневниот живот на Олег и неговата сакана баба се соочуваме со злоделото на уништување на правото на детство. Вестите никогаш не ја пренесуваат оваа страна на војната“, се вели во образложението на комисијата.

Специјално признание во главната програма добија филмовите „За татковците и синовите“ (Германија, Сирија, Катар, Либан, 2017) на Талал Дерки, со приказна за храбриот и силен портрет на едно семејство што живее во пекол и „Мажи играчи“ (Словенија, Хрватска, 2017) на Матјаж Иванишин.
Филм со најдобри етички идеи на деветтото издание на „Македокс“ е „Рагу Раи, неврамен портрет“ (Финска, Индија, Норвешка, 2017) на Авани Раи. Жирито во состав Пирко Саисио, Јасна Франговска и Исмет Рамиќевиќ образложи:
„Во силната конкуренција од 15 филма, ’Рагу Раи, неврамен портрет‘ на Авани Раи ја добива наградата за етички пристап поради фасцинантната арт-филозофија што провејува низ целиот филм, поради топлината и хуманизмот во животната логика на главниот лик, индискиот фотограф Рагу Раи, и конечно поради беспрекорната убавина на визуелниот јазик на филмот“.

Во категоријата Нови автори наградата „Млад кромид“ ја доби филмот „Фамилијата“ (Словенија, Австрија, 2017) на Рок Бичек. Наградата за најдобар краток документарец „Сечкан кромид“ ја доби „Луѓето од Недојдија“ (Сирија, Германија, 2018) на Хеба Калед. Во оваа категорија Специјално признание доби и филмот „Вај-Фај плаза Куба“ (Швајцарија, Куба, Шпанија, 2017) на Адријан Келтерборн.
Наградата „Кокарче“ за најдобар студентски филм ја доби „Филм за Карлос“ (Русија, Гватемала, 2017) на Ренато Борајо Серано.

Наградените автори кои не можеа да присуствуваат на доделувањето на наградите своите пораки на благодарност ги испратија со видеообраќање, а во својот поздрав до публиката во Куршумли-ан, режисерот на најдобриот студентски филм, Ренато Борајо Серано, рече дека наградата многу му значи, бидејќи филмот му е многу важен и со него, преку лична приказна, укажува на светскиот проблем со ксенофобијата и национализмот.
Годинава фестивалот „Македокс“ имаше рекордна посетеност, траеше најдолго од сите досегашни изданија (8 дена), прикажа 71 документарен филм, дојдоа повеќе од 50 гости, се одржаа три работилници и една панел-дискусија.
Фестивалските активности се случуваа во Куршумли-ан, на платото пред Музеј на Македонија и во Музејот на современата уметност, а земја во фокус на ова издание беше Полска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.

