Македонија
Владимир Талески им овозможил на фирми да вршат превоз на патници без да плаќаат надомест

Поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, им овозможил на две фирми да вршат превоз на патници без да плаќаат надомест за линиски превоз, со што го оштетил буџетот на општината за околу 800 000 денари.
Според информациите на МВР, против Талески е поднесена кривична пријава за несовесно работење во службата. Тој во периодот од 2015 до 2017 година, спротивно на Законот за локална самоуправа, дозволил две правни лица да бидат ослободени од плаќање месечен надомест за вршење линиски превоз на патници во општина Битола, со што нанел штета на општината во висина од 799 200 ден.
Покрај ова, соопшти МВР, со потпишување договори со превозници и правни лица кои користат услуги неосновано створил побарување на општината од 11.329.253 денари. Исто така, по завршување на проектот „Реконструкција на автобуски стојалишта“ не презел дејствија за вршење на надзор за одржување на автобуските постојки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Расипничко трошење пари на грѓаните во Неготино, за изградба на пазар се исплаќале астрономски суми“, велат од СДСМ

„СДСМ откри нов скандал со расипничко трошење пари на грѓаните во општина Неготино, каде што за изградба на пазар се исплаќале астрономски суми. Според достапните податоци, општина Неготино склучила договор со фирмата МАСТЕФ ДООЕЛ, омилена фирма на ДПМНЕ, во вкупна вредност од околу 420.000 евра за изградба на пазар, класифициран како ‘урбана опрема’“, велат од СДСМ.
„Она што е крајно сомнително е делот за кровопокривачки работи. За само еден квадратен метар сендвич панел, општината платила 10.000 денари, додека реалната пазарна цена, заедно со работната рака, не надминува 2.000 денари.
Тоа е разлика од 8.000 денари – или околу 130 евра – за секој квадратен метар. За 440 квадратни метри, тоа значи 60.000 евра повеќе од реалната вредност – само за покривот!
Овие податоци отвораат сериозни сомнежи за организирано испумпување пари на граѓаните. Петпати повисоки цени за само една ставка во тендер е огромен скандал.
СДСМ бара итна истрага и одговорност! Го повикуваме Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата веднаш да постапат согласно своите надлежности и да го истражат овој случај“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Борбата против корупцијата и криминалот се видливи, Царинската управа со рекордни приходи, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Борбата против корупцијата и криминалот, се меѓу првите приоритети на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните долги години јавно говореа дека еден од најголемите проблеми со кои се соочуваа, се криминалот и корупцијата. За разлика од порано, Владата и институциите се борат против корупцијата и криминалот со сите средства, а со една цел, Македонија да биде држава во која владее правдата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Еден од низата примери, во борбата против корупцијата и криминалот е Царинската управа.
Споредбено 2024 година со 2023 година, приходите во 2024 година се поголеми од 2023 година за над 7,5 милијарди денари. Почетокот на оваа година, односно во првиот квартал повторно е забележано зголемување на наплатата од скоро 30 милијарди денари. Овие пари директно влегуваат во Буџетот на државата.
Приходите од Царина се повисоки за 15,6 %, од акциза за 5,7 %, а од данок на моторни возила за 16,2 %.
Во однос на борбата против корупцијата, откриени се криминални мрежи кои се разобличени. Во периодот од декември до април оваа година, се поднесени 102 кривични пријави, додека пак минатото раководство за период од 2020 година до 2023 година има поднесено вкупно 85 кривични пријави.
Во однос на работата на царинските тимови, само во првото тромесечје се остварени над 100 заплени, за разлика од минатите 7 години, каде што просекот за една година бил од 52 до 110 заплени. Сега овој просек е надминат во првите три месеци.
Се работи и на модернизирање на граничните премини, за воведување на паметни граници преку грант од Европската Унија, се работи на реконструкција на граничен премин Делчево, на Маркова нога и се работи на нов граничен премин со Бугарија.
Борбата против криминалот и корупцијата продолжува. Зголемените приходи од Царините ќе се слеат во Буџетот, за нови градинки, училишта, болници, патишта и други економски проекти“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со претставниците на МЗ Галичник: „Галичката свадба“ може да се издигне во настан над настаните, момент за помнење и раскажување

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими Огнен Караѓозовски, претседател, Филип Филиповски, потпретседател на месна заедница Галичник и Дејан Петровски, директор на „Галичка Свадба“.
Прифаќајќи го предлогот и годинава да биде покровителка на традиционалната манифестација „Галичка свадба“, таа ја истакна важноста на негувањето на уникатните македонски обичаи, како неразделен дел од македонскиот национален идентитет.
Галичник, со својата ретка природна убавина, оригинална архитектура, богата историја и автентична култура може да биде туристички магнет и посакувана туристичка дестинација не само за време на Галичката свадба, туку и во текот на целата година, се вели во соопштението од кабинетот на претседателката.
Претставниците на месната заедница ја информираа претседателката за амбициозните планови и проекти за заживување на Галичник, укажувајќи на неопходните чекори и активности за таа цел. Реконструкцијата на патот од селото Јанче до Галичник и реновирањето на некогаш прочуената пекара, стара повеќе од еден век се неопходни претпоставки за нормален селски живот. Обновата на куќата на Ѓорѓија Пулевски и нејзината трансформација во музеј ќе ја оживее меморијата за славното село на кое жителите биле горди, а другите му завидувале. Оживувањето на умешноста на готвење, подготвување сирење, ткаење, везење, плетење, копаничарство може да го привлече интересот на многу добронамерници кои бегаат од буката и хаосот на современиот градски живот.
Обезбедувањето проодност на патот од Маврово до Галичник од доцна есен до рана пролет и покрај големите наноси од снег ќе им овозможи на Галичани, но и на сите вљубеници во снежната идила и мир бегство во бескрајната белина и неповторливо уживање во планинските предели.
Допрена од инспиративните идеи за развој на Галичник како исклучителна туристичка дестинација, Сиљановска-Давкова изрази подготвеност за лобирање и учество во организирање настани за финансиска поддршка на проектите.
„Галичката свадба“ може да се издигне во настан над настаните, момент за помнење и раскажување, уметнички чин во којшто секој ќе сака да учествува. Се разбира, манифестацијата „Галичка свадба” и годинава традиционално ќе се одржи на празникот Петровден, од 11 до 13 јули, се додава во соопштението од кабинетот на претседателката.