Македонија
Делегација на Конгресот на САД на средба со премиерот Зоран Заев
Премиерот Зоран Заев денеска во Владата прими во посета делегација на конгресмени на Соединетите Американски Држави, предводени од нивниот колега Бил Флорес, соопшти владината прес-служба.

На средбата на која присуствувале и заменик-претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Никола Димитров, националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, и советниците во Кабинетот на премиерот Зоран Верушевски, Митко Андреевски и Бојан Маричиќ, конгресмените на САД изразиле, како што посочуваат од Владата, голема благодарност за можноста да се сретнат со премиерот и со претставници на Владата, а меѓудругото упатиле и честитки за постигнувањето на договорот со Грција, и оддале признание за досегашните реформски процеси.

Претседателот на Владата, Зоран Заев, ги информираше американските конгресмени за околностите во кои беше постигнат договорот со Република Грција, придобивките од него, како и за подготовките за претстојниот референдум и за кампањата што му претходи, се вели во соопштението на Владата.

Во контекст на договорот со Грција, како што информираат од Владата, премиерот нагласил дека освен неговото постигнување во насока на решавање на тридеценискиот спор за името којшто ги блокираше евро-атлантските аспирации на земјата, Македонија се стекнала и со нов силен пријател и поддржувач, членка на ЕУ, Република Грција, а двете земји му покажале на регионот и на светот дека со добра волја и подготвеност не постои нерешливо прашање.

Конгресмените на средбата, додаваат од Владата покажале интерес и за други прашања од стратешко-безбедносен карактер и ја истакнале улогата и учеството на Македонија во заедничките мировни мисии со САД во Авганистан и во Ирак, како активности кои ја приближуваат земјава до полноправното членство во ЕУ и НАТО, но и го потврдуваат стратешкото партнерство со САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јелиќ и Кајмакоски се разделиле околу два по полноќ пред клубот кадешто настапиле, потоа пејачот бил киднапиран
Пејачот Даниел Кајмакоски синоќа беше киднапиран на улицата Караѓорѓева во Белград, а драмата се случила пред клубот во кој настапувал. Нешто малку пред киднапирањето, со него бил Алекса Јелиќ, кој сега се огласи за „Блиц“.
Како што раскажа, вечерта била вообичаена и тие двајцата се разделиле по настапот.
„Настапувавме, но немам никакви информации, освен она што и вие го имате. Важно е дека човекот е жив, здрав, дека е како што треба. Тоа е најважно, а останатото не можам да го коментирам“ рече Алекса Јелиќ, а на прашањето дали се слушнале, додаде: „Не, се разделивме синоќа меѓу еден и пол и два часот и оттогаш не успеавме да се слушнеме“ наведе тој за „Блиц“.
Претодно со официјален допис се огласи Mиланка Рашиќ, која е задолжена за односи со јавноста за Даниел Кајмакоски. Таа рече дека утрово разговарала со него по ноќта помината во полициска станица. Потврди дека пејачот бил киднапиран синоќа во близина на „Бетон хала“ во Белград и сега е дома, но потребен му е мир.
Според досегашните информации, киднаперите се движеле во правец кон Рума, кога сообраќајната полиција се обидела да го запре возилото. Во обид да избегаат, тие удриле во банкина, излегле од автомобилот и побегнале. Даниел бил пронајден врзан, а потоа поминал неколку часа во полициска станица, давајќи искази за настанот.
Српските медуими во текот на денот објавија и видео од полициската потера, а разговараа и за мајката на Кајмакоски, која изјави дека е во шок.
Македонија
(Видео) Договорено покачување на платите за околу 11.000 административци до 2028 година
Околу 11.000 вработени во јавната администрација, судовите и обвинителствата ќе добијат покачување на платите од речиси 40 отсто до 2028 година, објави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Станува збор за нов договор меѓу Владата и синдикатите УПОЗ и САДУ, за кој Мицкоски оцени дека претставува историски момент, бидејќи, како што рече, никогаш досега немало толку јасен и временски прецизиран план за усогласување на платите и нивно достоинствено ниво.
„Ова е поширок пакет кој ќе ги опфати вработените во администрацијата, судовите и обвинителствата – вкупно околу 11.000 луѓе. Договорот има рок до 2028 година и претставува целосна регулација на односите меѓу Владата и вработените во овие институции“, изјави Мицкоски.
Тој потсети дека Владата веќе има постигнато слични договори со вработените во образованието и здравството.
Мицкоски најави дека паралелно ќе се работи и на нов општ колективен договор, во соработка со репрезентативните синдикати ССМ и КСС.
Македонија
Нелегален објект на аеродромот Стенковец, Николоски соопшти дека ќе бара конфискација
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека ќе почне постапка за конфискација на нелегално изграден објект на спортскиот аеродром Стенковец во Скопје.
„Во координација со повеќе институции – Министерството за транспорт, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Државниот градежен инспекторат и Аероклубот на аеродромот Стенковец – ќе се започне постапка за конфискација на објектот кој е целосно нелегално изграден на државно земјиште“, објави Николоски на својот фејсбук профил.
Тој информира дека ќе биде побарано од Обвинителството и Судот објектот да се одземе во корист на државата, со намера да се стави во функција на Агенцијата за цивилно воздухопловство – за обука на пилоти и други потреби поврзани со воздухопловниот сектор.
Николоски нагласи дека Министерството за транспорт, како институција надлежна за објекти од прва категорија како аеродроми, болници, универзитети, спортски сали и стадиони, „сериозно пристапува кон решавање на проблемот со нелегално изградени објекти“.
„Ова е јасна порака дека нема да се толерира нелегална градба на места каде што Министерството и Државниот градежен инспекторат имаат надлежност“, заклучи вицепремиерот.

