Економија
Прифатени барањата на пазарџиите за условите и начинот на организирање на зелените пазари
Министерот за економија, Крешник Бектеши, одржа работна средба со претседателот на Комората на трговците на Република Македонија, Екрем Долек, на кого му ги претстави донесените подзаконски акти од Законот за трговците на зелените пазари, со кои се регулираат условите и начинот на организирање на зелените пазари.
„Трговците на зелените пазари засекогаш ќе го решат својот досега нерешен статус, граѓаните ќе знаат дека купуваат здрав и квалитетен производ, а ние како Влада со изнаоѓање решение за поедноставна регистрација на дејноста на овие лица, ќе ги намалиме бројот на невработени и нелојалната конкуренција, а со тоа ќе придонесеме за сузбивање на сивата економија“, рече министерот за економија, Крешник Бектеши, по работната средба со претседателот на Комората на трговците, на кого му ги претстави донесените подзаконски акти од Законот за трговците на зелените пазари.

Имено, со потпишувањето на подзаконските акти, конечно, ќе се регулираат условите и начинот на организирање на зелените пазари, развојот на трговијата во самите пазари, ќе се утврдат субјектите што може да продаваат на зелените пазари, начинот на нивно регистрирање, како и нивните права и обврски. Воспоставена е едноставна постапка за регистрација, обврска за плаќање во согласност со прописите за даноци, како и надзор над работењето. Решавањето на статусот на физичките лица преку регистрација на својата дејност во Комората на трговците овозможува тие да бидат составен дел од бизнис-заедницата, а со тоа да ги користат поволностите што важат за бизнис-секторот, информираа од кабинетот на министерот Бектеши по завршувањето на средбата.
Министерот Бектеши истакна дека на овој начин се воведува ред и во однос на безбедноста на храната, квалитетот на земјоделските производи и здравјето на растенијата. Задоволство за изнаоѓањето решение за овој долгогодишен проблем на трговците на зелените пазари изрази и претседателот на Комората на трговците, Екрем Долек.

„Со потпишување на подзаконските акти, дефинитивно, се заокружи процесот на реализација на Законот за зелените пазари донесен во почетокот на оваа година и ова претставува голем чекор во оваа сфера, која не беше регулирана од осамостојувањето на Република Македонија. Пазарџиите имаа нерешен статус, секој работеше на своја рака и беше извор на нелојална конкуренција и сива економија. Многу бргу сите овие негативни економски појави ќе станат минато, а со нашиот ангажман во соработка со пазарџиите ќе продолжиме кон подобрување на услугите кон граѓаните, за снабдување со производи со подобар квалитет, а од страна на организаторите на пазарите цврсто ќе бараме подобрување на условите за работа на пазарџиите“, изјави Долек за време на средбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

