Македонија
На Табановце се чека и по 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничниот премин Табановце има зголемена фреквенција на возила, времето на чекање за излез од државата е од 15 до 30 минути. На другите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува внимателно возење, приспособена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани-Македонска Каменица-Делчево, Виница-Берово, Гостивар-Стража, Маврово-Дебар-Струга, Демир Капија-Удово, Катланово-Велес, Крушево-Демир Хисар и Ресен-Буково.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сомненија за шверц на златен накит вреден половина милион евра на скопскиот аеродром

Oбвинителството донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, белгиски државјани, кои се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело шверцување.
Осомничените, маж и жена од Антверпен, на 6 април пристигнале во земјата со лет од Виена, па избегнувајќи ја царинската контрола на аеродромот, пренеле непријавени стоки – вкупно 209 парчиња златен накит со тежина од 1.711,1 грама и во вкупна вредност од 479.555 евра.
Откога ја поминале пасошката контрола на аеродромот во Скопје, осомничените поминале на зелениот канал, каде што поминуваат патници што немаат стока за пријавување, а второосомничениот при селекција од страна на царинскиот службеник бил упатен на преглед на личниот багаж на скенер, каде што било забележано дека двата куфера се наполнети со празни кутии за накит и други непријавени предмети. Тој појаснил дека патува со сопругата, која е првоосомничена, и дека таа ја поминала пасошката контрола. Нешто подоцна осомничената се вратила и при дополнителен царински преглед, во личниот багаж – ранецот, кој го носела, била пронајдена непријавената стока – златен накит, која ѝ била одземена.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двајцата странски државјани осомничени за шверц на стока, која е во вредност од големи размери.
Македонија
29-годишниот Aлександар е 61. жртва на пожарот: имал 35 отсто изгореници од трет степен

Александар Гавриловски, роден на 7 март 1996 година, е 61. жртва на пожарот во кочанската дискотека „Пулс“.
Тој почина денес во 11 часот како еден од покритичните пациенти што се лекувале во Литванија.
Министерот Арбен Таравари изјави дека од 4 април му била влошена состојбата, а од вчера бил ставен на хемодијализа. На телото имал 35 отсто изгореници од трет степен, како и изгореници на дишните патишта.
Во моментот меѓу повредените што се лекувата има уште двајца критични пациенти, а нивната состојба е стабилна.
Александар е вториот пациент што почина во Литванија од 193-те повредени лица во пожарот.
Министерот Таравари изрази сочувство до семејството.
Во петокот минатата недела во Литванија почина и управителот на дискотеката „Пулс“, Александар Карадакоски. Министерот Таравари рече дека неговата состојба цело време била критична, на 1 април му откажале бубрезите, 36 отсто од телото му било со изгореници, а од вдишаниот пламен, дури 90 отсто од дишните патишта му биле изгорени.
Македонија
Фетаи: Земјата ги има решено речиси сите случаи на лица без државјанство, кои произлегуваат од распадот на поранешна Југославија

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска оствари работна средба со г. Габриел Гуалано де Годој, претставник на Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) во Скопје, со кого разговараше за извонредниот напредок што го постигна Северна Македонија во елиминацијата на појавата на лица без државјанство.
За време на средбата беше истакнато дека Северна Македонија е веќе позитивен пример во рамките на глобалната алијанса за решавање на лица без државјанството позиционирајќи се како регионален и глобален лидер во оваа област. Земјата ги има решено речиси сите случаи на лица без државјанство, кои произлегуваат од распадот на поранешна Југославија, при што остануваат само уште два нерешени случаја, кои се однесуваат на граѓани од други поранешни републики што живееле на територијата на нашата земја пред распадот.
Дополнително, евидентирани се и 153 други случаи на лица без државјанство, кои главно се резултат на нерегистрирање деца по раѓањето. Од овие случаи, 90 проценти се од ромската заедница, 7 проценти се Албанци, 1 процент Македонци и 2 процента се од други етнички групи.
„Решавањето на проблемот со лицата без државјанство е многу повеќе од статистички предизвик – тоа е хуман и трансформативен чин, што директно го менува животот на луѓето“, беше потенцирано на средбата.
„Измените на Законот за државјанството имаа длабоко влијание врз животот на многу граѓани враќајќи им го човековото достоинство, кое им било скратено повеќе од три децении“, истакна Фетаи.
Заменик-претседателот на Владата ја повтори заложбата на Владата да продолжи со изградба на инклузивно општество, каде што секој граѓанин има право да постои со достоинство и да придонесува кон заедничката иднина на државата.
„Нашата заложба за измена на Законот за државјанството ги трансформира животите на овие луѓе и семејства враќајќи им го човековото достоинство, кое им беше скратено три децении по ред. Оваа заложба не запира тука. Ќе продолжиме да градиме инклузивно општество, во кое секој граѓанин има право да постои со достоинство и да придонесува кон заедничката иднина“, констатира Фетаи.