Македонија
Шилегов најави изградба на нов парк во Mалиот ринг
Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, најави уредување и изградба на нов парк на просторот зад објектот на Македонската филхармонија, кој со години беше неуреден.
„Овој простор со години се користи како нелегален див паркинг. Бидејќи станува збор за неасфалтирана површина, на ова место паркираните возила разнесуваат прашина, која дополнително го загадува воздухот, и кал во дождливите денови, која по напуштањето на паркингот, се разнесува на улиците. Притоа подземниот паркинг под МОБ и Филхармонијата, иако има огромен капацитет, стои неискористен“, рече Шилегов
Тој додаде дека на ова место ќе биде изграден парк со површина од 14.000 м2, што го прави овој парк поголем и од Паркот на жената борец. Од овие 14.000 м2, за зеленило се предвидени околу 8.000 м2, во рамките на кои, покрај постојните 23 дрвја, ќе бидат засадени уште 60-ина нови садници. Остатокот од површината ќе биде зафатен со пешачки и велосипедски патеки, клупи, канти за отпадоци, чешми, канделабри за осветление и друго.
„Овој простор е единствениот слободен простор во рамките на ДУП-от Мал ринг, што остана незафатен од мегаломанските градби на проектот ‘Скопје 2014’. Ова го правиме и ќе продолжиме да го правиме затоа што на Скопје му недостигаат паркови и зелени површини, а не згради и споменици, кои во изминатиот период беа градени и повеќе отколку што е потребно“, нагласи Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста на повторените локални избори во четири општини до 18:30 часот е 28,07 проценти
Државната изборна комисија соопшти дека излезноста на повторените избори до 18:30 часот изнесува 28,07 отсто.
По општини:
– Врапчиште: 31,76 %
– Гостивар: 28,22 %
– Маврово и Ростуше: 28,04 %
– Центар Жупа: 13,18 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека поради задоцнето отворање, ќе има продолжување на пет избирачки места, три во Гостивар и две во Маврово-Ростуше. Најдолгото продолжување на гласањето во траење од 2 часа и 45 минути ќе биде на избирачко место 503 во Гостивар.
На избирачкото место 0782 во Ќафа немало гласање бидејќи тоа воопшто не било отворено.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.

