Македонија
Нова кампања на РСБСП: „Одличен 5 ако внимаваш на децата во сообраќајот”
Како што петката е цел на секој добар и успешен ученик, така подобрувањето на безбедноста на децата во сообраќајот и подобрувањето на сообраќајното поведениe на учесниците во сообраќајот е цел на новата кампања на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, која ќе се реализира во наредниот период, информираат од таму.
Во рамките на кампањата, додаваат од РСБСП, за поголема безбедност на децата во сообраќајот ќе бидат реализирани голем број сообраќајно-едукативни активности и настани, а нивното мото и порака во оваа кампање е: „Секоја грешка и секое незнаење имаат своја цена, но незнаењето и грешките во сообраќајот чинат загубени човечки животи. Крајно време е сите ние како заедница и секој одделно да го преземеме својот дел од одговорноста и да го дадеме својот придонес за поголема безбедност на децата во сообраќајот“.
„Безбедноста на децата во сообраќајот е сериозен предизвик на сите современи општества и врвен приориотет во работата на РСБСП. Во таа насока, традиционално, со почетокот на секоја учебна година, Советот реализира сообраќајно-превентивни активности за помалку настрадани деца во сообраќајот. Потребата да се реализираат кампањи за поголема безбедност на децата во сообраќајот произлегува од фактот дека само во 2015 година 9 деца на возраст до 4 години и 13 деца на возраст од 5 до 18 години го загубија животот во сообраќајни незгоди. Во 2016 година исто така 5 деца на возраст до 14 години и 9 деца на возраст од 15 до 19 години го загубија животот во сообраќајни незгоди. Слична е состојбата и во 2017 година кога 4 деца на возраст до 14 години и 14 деца на возраст од 15 до 19 години го загубија животот во сообраќајни незгоди. Тоа значи дека за период од 3 до 4 години Република Македонија губи цел клас деца, што е ненадоместлива загуба за семејствата и за општеството во целина“, стои во соопштението на РСБСП.
Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во соопштението додаваат дека дел од пораките што ќе бидат испратени во рамките на кампањата се: „Одличен 5 ако дополнително внимаваш на децата во сообраќајот, ако си добар пример за твоето дете, ако внимаваш на пешаците, ако возиш со намалена брзина“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

