Македонија
Министерот Бектеши ги додели традиционалните признанија на најдобрите рудари
Дванаесет рудари, номинирани од страна своите работодавци од активните рудници во државата, добија посебни плакети за својата професионална предаденост и постигнатите резултати на свеченоста организирана 11. пат од Министерството за економија по повод Денот на рударите.
„Рударите претставуваат наш бесценет човечки ресурс и должни сме да им обезбедиме што подобри услови за работа“, истакна министерот Бектеши честитајќи им го празникот и додаде дека овој важен стопански сектор, како и придружните што го опслужуваат овој комплекс во нашата земја, бројат над 10.000 вработени.
„Гледано по сектори, рударството и вадењето камен учествува со 8,31 отсто во вкупнато индустриско производство во државата претставувајќи еден од водечките сектори од индустриското производство со големо значење за македонската економија“, рече Бектеши додавајќи дека одредени општини во државата, па и пошироки области, речиси во целост се зависни од работењето на еден рудник.
Претседателот на Македонската асоцијација за рударство, Николајчо Николов, ги поздрави рударите како движечка сила на овој сектор, кој е базата на нашата индустрија, обрнувајќи внимание на потребата од постојано подобрување на нивните услови за работа од страна на работодавците.
Акцентот го стави и на измените на Законот за минералните суровини, предложени од група пратеници во скратена постапка, оценувајќи го како селективен и неприменлив, бидејќи кај законската регулатива секогаш постои можност за подобрување, но со темелна анализа и експертиза. Според Николов, непотребното негативно влијание насочено на рударскиот сектор никому нема да му донесе бенефит, особено затоа што развојот на оваа гранка води до економски раст за државата, а перспективно влијае врз секој сегмент на општеството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Силјановска: Ќе бидам претседателка на сите граѓани, не е време за поделби и триумфализам
Тврдам дека, од овој момент, ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани, на сите етнички групи, партии, оние кои не се во партиите. Нема да заборавам на разноликоста, изјави Гордана Силјановска Давкова во првото обраќање по победата на претседателските избори.
„Не е време за поделби и фалби, триумфализам. Не можете во политиката со емоции, мора рационално. Ќе направам се’ за да ги бранам државните и националните интереси“, рече Давкова.
Силјановска истакна дека за време на кампањата го зборувала она што го мисли, се посветила на целта, а наградата за неа е непроценлива.
„Не сум ги убедувала граѓаните дека сум најдобриот избор, најумна, оставив изборот да го направат тие. Мислам дека направија вистински избор. Има ли поголема инспирација од тоа жена да стане претседател. Со мене, кога ќе се опкружам со жени сличнин на мене, свои, стамени, кои умеат да изразат став на свој начин, тоа е некаков голем исчекор, тоа е за мене реформски чекор“, рече Давкова.
Според неа, да се повика на бојкот на изборите е партиски и политички притисок. Како што рече, немала многу време да го следи говорот на нејзиниот опонент Стево Пендаровски, но фатила неколку инсерти, и смета дека критиката на бојкотот на ДУИ и на обидот да се киднапира избирачкото право, да се одземе нивното избирачко право или да се диригира е добра констатација.
Давкова изјави дека не се согласува со тезата дека гласовите ги добила поради национализам, напротив, вели таа, во тимот имала Албанци, Турци, Роми и ќе ги вклучи во кабинетот. Тоа се луѓе кои зад себе имаат образование и докторати и тоа за неа е суштинскиот елемент, а потоа е припадноста.
Според резултатите од Државната изборна комисија (ДИК) од 80,37% преброени гласови, Силјановска-Давкова освои 439.614 гласови или 64,83% , а Пендаровски освои 198.288 или 29,24%
Македонија
(Видео) Ковачевски му честита на Мицкоски: Денешниот резултат е разочарувачки, на СДСМ му е зададен тежок удар
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва на прес-конференција ја честита победата на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски и изборот на Гордана Силјановска Давкова како иден претседател.
Тој се заблагодари на Стево Пендаровски и поддржувачите на СДСМ.
„СДСМ повторно покажа државотворност и одговорност по стоти пат. Најлесно беше по толку лажни обвинувања и напади на ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизираме нашето членство за гласање на претседателските избори. Не паднавме во таа замка. Покажавме дека Македонија ни е поважна, секогаш ќе биде така. Денешниот резултат е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар, не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата. Во наредниот период детално ќе ги анализираме овие резултати“, рече Ковачевски.
– Не сакам да носам избрзани заклучоци и да посочувам виновници, додаде Ковачевски и кажа дека тој и партиското раководство имаат одговорност, сите именувани и избрани функционери, како и сите партиски функционери на локално ниво и на централно ниво.
Тој повика на нови внатрешни избори на сите партиски тела и на централно и на локално ниво, почнувајќи од претседателот на партијата, раководството, претседателите на општинските организации и сите органи и тела на партијата.
Македонија
Пендаровски: Резултатите се јасни, им честитам на победниците
Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски на прес-конференција вечерва кажа дека резултатите се јасни и им честита на победниците.
„Резултатите се јасни и немам намера подетално да ги разлагам. Согласно резултатите досега им честитам на победниците, да им посакам успешна работа во следните четири, односно пет години. Мојот концепт за мултиетничка Македонија денеска не доби мнозинска поддршка од граѓаните. Јас сум уверен дека само таква Македонија може да биде просперитетна и демократска држава. Мојата совест е мирна, но не сум сигурен дека совеста им е мирна на оние кои тргнувајќи од тесно партиски и лични политички интереси, денеска ефективно спречија илјадници наши граѓани да го земат второто ливче и да гласаат и на претседателските избори“, рече Пендаровски.
„Мојот личен рејтинг ми даде за право да имам надеж дека можам да бидам рамноправен натпреварувач во оваа трка. Ова што денеска се случи значајно ми ги одзеде шансите да бидам рамноправен натпреварувач. Стотици илјади наши граѓани беа оневозможувани, на систематски, плански, организиран начин да земат второ ливче. Јас сум убеден дека оние 330 илјади гласови од петте кандидати кои отпаднаа од првиот круг се далеку поблиску до мојот политички концепт отколку до концептот кој го заговараше противкандидатката. Направија таква калкулација и на организиран начин ги спречија луѓето да гласаат. Со тие претпоставени гласови трката ќе беше далеку понеизвесна“, додаде Пендаровски.
Тој се заблагодари на сите учесници во изборниот процес и на медиумите за соработката изминатите пет години.