Македонија
(Видео) Шекеринска- Бошковиќ: Со членството во НАТО Црна Гора доби значителни позитивни политички и економски ефекти, Македонија е на истиот пат
Министерот за одбрана на Црна Гора, Предраг Бошковиќ, и началникот на Генералштабот на војската на Црна Гора, Драгутин Дакиќ, присуствуваа на Денот на високи гости на Криволак. Тие ги посетија припадниците на Војската на Црна Гора кои на Криволак изведоа боево гаѓање, по што беа во посета и на Центарот за обука на пилоти во касарната Петровец.
Министерката за одбрана, Шекеринска, која го пречека својот црногорски колега во Петровец, ги потенцираше одличните билатерални односи во доменот на одбраната меѓу двете земји, се заблагодари на силната поддршка што Македонија ја добива од Црна Гора на патот кон НАТО и рече дека позитивните ефекти кои ги има Црна Гора по зачленувањето во НАТО, се голем поттик за Македонија да продолжи цврсто по тој пат.
„НАТО-поканата ја чекавме 10 години и овие 10 години видовме што значи запирање во интегративните процеси. Сметаме дека оваа историска шанса со НАТО-покана и можност да ги почнеме преговорите со ЕУ, Македонија нема да ја испушти. Задоволни сме што со членството во НАТО, Црна Гора покажа дека има и позитивни политички, но и економски ефекти и затоа сакаме час поскоро Македонија да стане членка на НАТО. Подигнат животен стандард, држава која се темели на демократски принципи, на владеење на право, на моќни сојузници и пристапување кон развиениот свет. Тоа е шансата која Црна Гора ја искористи, тоа е шансата која Македонија сега нема да ја пропушти“ рече министерката Шекеринска.
Црна Гора има најдобри билатерални односи со Македонија во регионот рече министерот Бошковиќ, кој ја потврди силната поддршка за Македонија да стане 30-тата земја членка на НАТО.
„Црна Гора пред нешто повеќе од една година стана полноправна членка на НАТО и ние се залагаме целиот регион да стане дел од најголемиот воено – политички сојуз. Тоа е најдобар начин регионот да се избори со сите предизвици и да се посвети на економски развој и подобар живот за своите граѓани. А за тоа да се направи, пред сè регионот треба да е безбеден, да се почитуваат човековите и други права, што е единствено можно со полноправно членство на сите држави на Западен Балкан во Северно-атлантската aлијанса. И поради тоа бевме најголеми поддржувачи на Македонија во НАТО и ги ставивме сите ресурси кога е Македонија во прашање. Она што можам да го пренесам на сите граѓани на Македонија е дека Црна Гора во претходната година дена имаше значаен бенефит од членството во НАТО. Од потполно смирување на политичките тензии до економски бенефити кои се многу добри“, рече Бошковиќ и додаде дека е сигурен дека референдумот ќе успее а Македонија многу бргу ќе стане полноправна членка на НАТО.
Центарот за обука на пилоти на Петровец, кој денеска го посетија двајцата министри, претставува еден од најсовремените објекти за изведување ваков вид обука во Република Македонија па и во регионот. Двајца припадници на Армијата на Црна Гора, поранешни питомци на Воената aкадемија во Република Македонија, се првите двајца странски државјани кои ја завршија обуката за пилоти во нашиот центар. Вежбата на Криволак на припадници на Војската на Црна Гора, на која денеска присуствуваше црногорскиот министер, претставува дел од Планот за билатерална соработка со Црна Гора во 2018 година и е во линија со изразената подготвеност на Министерството за одбрана за засилена билатерална соработка со земји членки на НАТО од регионот и пошироко, како и сигнал за квалитетот и условите за обука кои АП Криволак ги овозможува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

