Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ги повикува граѓаните на протестен марш во Кичево
СДСМ и Зоран Заев се обидуваат преку манипулации да ги излажат граѓаните на Република Македонија дека нивното криминално и расипничко работење е по европски стандарди. СДСМ свесно поттикнува поделби во општеството со изјаснување кој е за и против НАТО или ЕУ поистоветувајќи ја западната ориентација со поддршката на капитуланскиот договор со Грција со кој што Заев се обидува да го покрие криминалот што го прави, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, договорот со Грција не е ништо друго туку бришење на Република Македонија, македонскиот идентитет, откажување од традицијата, културата и историјата. ,,Договорот со Грција значи менување на Уставот, јазикот и откажување од Македонците не само надвор од границите на државата, туку и во неа. Срамниот договор на Заев е капитулација каква што не прифатил ниту еден политичар до сега. Таков капитулантски договор може да прифати само политичар кој нема ниту капацитет, ниту храброст, ниту образ да ги брани државните и национални интереси. Политичар кој е аболициран за криминал, кој продолжува да работи криминално и кој за да се спаси е подготвен да ја витка кичмата. Тоа не се европски вредности”, се додава во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека не се европски вредности делење на средства од Фондот за иновации на роднини на функционери во Владата. Не е европска вредност доделување на тендери вредни милиони евра на фирми кои се формирани една недела пред да го добијат тендерот
,,Бизнисите за марихуана и доделување на градежно земјиште не се европска вредност кон која треба да се стремиме. Македонија и македонскиот народ нема никогаш да прифатат, ниту да ги поддржат распродавање на националните интереси се со цел прикривање на криминалот. СДСМ и Зоран Заев треба да си заминат од власт. Само така Република Македонија ќе продолжи напред и на тој начин ќе ги достигне европските вредности кон кои се стреми од независноста па до сега. Затоа ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат на протестниот марш кој што го организираме во Кичево во недела со почеток од 13 часот кај кружниот тек кај автобуската станица. Обединети, заеднички и сложно да и кажеме доста е на оваа ненародна власт, доста е со криминалите и доста е со распродавањето на државните и националните интереси”, се истакнува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче да одговори дали има удел во бизнисот на Заев за изградба на 42-катницата во Дубаи, бара ВМРО-ДПМНЕ
СДС продолжува на дневна основа да штанца долги, бесмислени и конфузни соопштенија без никаква суштина, но ги нема збор да кажат за големите инвестиции на Зоран Заев и Венко Филипче во Дубаи, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Долго време зборувавме во јавноста дека Заев и Филипче имаат златни визи за Дубаи, за што и самите потврдија, но не кажуваа на кој начин ги стекнале. До душа, од Филипче имаше неуспешен обид да ја убеди јавноста дека златна виза ја добил откако бил во напредни преговори за работа со некоја болница во земјата, но тоа не ќе да е точно, затоа што до ден денес не видовме никако таков документ. По се изгледа, стекнувањето на златна виза е поради влог во недвижности, за што и Томе Аврамски, кој бил во Дубаи, вели дека и Заев и Филипче таму имаат станови. Освен ова, Аврамски кој е поранешен соработник на Зоран Заев, јавно на телевизиски настап изјави дека во Дубаи гради 42-катница. Но, она што е дилема во сето ова, за што и јавно го прашуваме Венко Филипче, каква е неговата улога во изградбата на 42-катницата на Заев, за која сите слушнавме сведоштво и дали неговата златна виза е резултат на ова бизнис партнерство за градење на згради во Дубаи?“, велат од партијата.
Ако ова е точно, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, следно што треба да одговори од каде му пари на Венко за да си дозволи толку голем влог, со оглед на тоа дека тој самиот цело време потенцира дека досега работел само како доктор и како пратеник?
„Со чесно заработена чиновничка плата, не се стига до милионски инвестиции во ексклузивниот Дубаи. Дополнително, Филипче треба да одговори на чии име се води станот за кој познаникот и поранешен соработник на Заев, Аврамски вели дека е во негова сопственост? За овој случај, освен што треба одговори, потребно е и одговорност. Затоа го повикуваме и Јавното обвинителство да го истражи случајот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Намалена видливост на Ѓавато и во Крушево
Намалена видливост поради магла од 50 до 100 метри утрово има на планинскиот премин Ѓавато и Крушево, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Министерот Стоилковиќ објави видео од канцеларија со импровизирани кревети во кои работеле службеници од ДУИ
Министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, објави снимка на социјалните мрежи на која, според него, е прикажана канцеларија во неговото Министерството, а во која биле службеници од ДУИ кои биле отпуштени на 24 декември.
„Ова е канцеларијата во Министерството за односи меѓу заедниците, инаку претворена во ова што го гледате, во која „работеа“ вчера отпуштените службеници кои, по некоја случајност се од ДУИ. По документирањето на состојбата истите се испратени да си спијат дома. Толку!“, напиша Стоилковиќ.
ДУИ претходно обвини за дискриминација поради тоа што од Министерството биле отпуштени седуммина Албанци.

