Македонија
Шилегов: Бесплатен превоз за средношколците и нови фасади на училиштата со пари од проектот „Скопје 2014“
Во новата учебна година новина ќе биде бесплатниот превоз за сите ученици во средните училишта на Градот Скопје, независно од оддалеченоста на местото на живеење од училиштето во кое учат, најави градоначалникот Петре Шилегов, при посетата на средното училиште „Орце Николов“ каде што е во тек реконструкцијата на фасадата.
„Досега бесплатен превоз користеле околу 20.000 ученици кои живеат на повеќе од 2,5 километри оддалеченост од училиштето во кое учат. Од оваа учебна година бесплатен превоз ќе имаат можност да користат дополнителни над 2.000 ученици односно сите ученици во средните училишта на Град Скопје без исклучок“, нагласи Шилегов.
Средствата за бесплатниот превоз на ученици се обезбедени директно од Буџетот на Град Скопје, како дел од Програмата за активности на градот за средното образование.
Покрај тоа, градоначалникот додаде дека во тек се реконструкции на фасадите на повеќе средни училишта на територијата на градот.
„Зградите на 23. градски средни училишта спаѓаат во редот на најголемите објекти во градот, а поставувањето енергетски ефикасни фасади во сите нив подразбира огромни заштеди на енергија и значително помали трошоци. Висината на вкупните средства за оваа намена изнесува речиси 60 милиони денари за 19 училишта, кои ќе добијат енергетско ефикасни фасади, санирани покриви, надворешна столарија, подови, електрика и греење. Дел од училиштата започнуваат и со адаптација на тоалети за лицата со посебни потреби. Овие средства ги обезбедивме со пренамена на средствата предвидени за проектот ‘Скопје 2014’“ рече Шилегов.
Во однос на реконструкцијата на фасадата на средното училиште „Орце Николов“, градоначалникот напомена дека се реализирала во консултација со проектантот и Асоцијацијата на архитекти на Македонија, при што се водело сметка фасадата да не трпи визуелни промени, заради задржување на постојниот надворешен изглед на училиштето.
Во гимназијата „Орце Николов“ се работело на промена на внатрешната и надворешната столарија, реконструкција на подовите, партерно уредување, поставување на бекатон на паркингот на училиштето и поставување на нови 5 рефлектори за надворешното осветлување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Амар Мециновиќ: Сега сме веќе движење – вие кои ги знаете пораките и целите, пренесете им на вашите најблиски за заедно да славиме победа
„Сите вие кои ја следите и ја поддржувате оваа кампања, да почнете да агитирате помеѓу вашите најблиски. Многу луѓе не ја знаат уште приказната за ова нашe движење. Затоа, вие кои ги знаете пораките и целите на сè ова, разговарајте со вашите најблиски, со Вашите пријатели, родители, баби и дедовци, за да ја прошириме пораката и заедно да славиме победа“, ваков апел преку видео – порака упатува кандидатот за градоначалник од Левица за Град Скопје, Амар Мециновиќ.
„Имаме идеја како сите да ве инволвираме во кампањата. Ова е повик за колективна акција. Следниот петок пред предизборниот молк, го пешачиме Скопје, затоа што сега сме веќе движење и во овој дел од кампањата ќе бидете инволвирани сите вие“, повикува Мециновиќ.
Тој додава дека заедно со неговиот тим и со сите луѓе кои се приклучија кон ова движење, ги пренесуваат пораките, буквално, до секој скопјанец. Веруваат дека, конечно, под водство на Амар, ќе се случат промени за поквалитетен живот на сите генерации – скопјани со достоинствени услови за живот на секој жител на Град Скопје.
Македонија
Без струја делови од Гази Баба и Ѓорче Петров
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 14.30 часот, корисниците на обејкт на Меркур Македонија. (општина Гази Баба)
· во периодот од 09.00 до 14.30 часот, корисниците на дел од улицата Радушка (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на стабилна воздушна маса следува период на суво и стабилно време. Утринската температура ќе се спушти под нулата, а во одредени котлини ќе има услови за појава на магла.

