Македонија
Акција за чистење на општина Аеродром
Општина Аеродром од денеска почна голема акција за чистење на целата територија во соработка со Град Скопје. Почетокот на акцијата го означија градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, и директорите на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, Абдусамет Шабани и Адриан Муча.
Станува збор за сеопфатна есенска генералка за чистење на улиците и парковите, во која покрај јавните претпријатија се ангажирани и сезонските работници од Општина Аеродром, како и сета расположлива механизација.
„Чистата животна средина е еден од главните приоритети на Општина Аеродром. Најефикасните резултати се постигнуваат токму преку соработка и заеднички акции како денешната“, изјави градоначалникот Марин.
Тој додаде дека Општина Аеродром ангажира околу 120 работници кои се грижат за чистотата на јавните површини и нивното секојдневно одржување и најави набавка на дополнителна механизација, за што веќе се алоцирани средства. Според планот и предвидената динамика ќе се чистат сите градски и општински улици, како и парковите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.

