Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Зад празните ветувања за подобар живот ќе останат празни училници и руинирани училишта

За да тргнат учениците на училиште на први септември со испечатени учебници и со реновирани училишта, кои нема да ги затвора санитарна инспекција, не мора да се потпише капитулантски договор и да се смени Уставот. Доволно е совесно да се работи и да не се чека последен момент за да се крадат парите на граѓаните преку „ургентни” набавки во четири очи, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, за да не умираат деца и родилки по болниците не мора да се потпише договор со којшто ќе се негираат македонската историја, традиција и култура. Доволно е да се прекине со крвавите тендери и наместо парите да одат од ќерка на татко, тие да се инвестираат во здравствениот систем.
,,За БДП да се мрдне од нула и за да се намали задолжувањето не мора да се прифаќаат грчките црвени линии и да се брише името Република Македонија. Доволно е да се престане со расипништвото и хедонизмот и наместо милиони евра да се фрлаат на луксузни лимузини и цвеќиња, парите да се вратат во економијата. Така ќе се подобри бизнис-климата, но ќе мора да секнат тендерите за Вице и за Кочо Анѓушев. Зоран Заев и Никола Димитров со своите погрешни дипломатски чекори капитулираа пред грчките барања само за да ги покријат скандалите со криминалните иновации во кои на снаи на советнички си поделија стотици илјади евра.
Само СДСМ добива со договорот, а на Македонија ѝ се закануваат трајни и непоправливи штети. Во Членот 8 од договорот се предвидува комисија за ревидирање на културата и археологијата и со тоа на Грција ѝ се остава простор доколку нешто не ѝ се допаѓа да ја попречи ЕУ интеграцијата во секој момент. СДСМ го менува институционалниот идентитет на Република Македонија со промена на имињата на државните институции и со тоа го брише и националниот идентитет, е ставот на партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ е природна катастрофа што му се случува на македонскиот народ. Последиците на неспособната и расипничка власт на Заев највеќе ги чувствуваат младите. Младите забрзано се иселуваат и своите семејства ги планираат надвор од Република Македонија. Бројот на новороденчиња е намален за 6,3% во вториот квартал од 2018 година, што е директен удар врз демографијата во Република Македонија. За 6 години во Македонија ќе има помалку запишани деца во прво одделение, што е последица на немање ниту една позитивна мерка која ќе влијае на зголемување на бројот на новороденчиња.
,,Владата нема мерки за да се справи со иселувањето на младите. Зад оваа влада и празните ветувања за подобар живот за младите и 500 евра просечни плати, ќе останат празни училници и руинирани училишта како сцена од хорор филм. Зоран Заев мора да си замине и хоророт за Македонија да престане. Зоран Заев и криминалниот картел мора да бидат поразени и да им се покаже каде им е местото.Македонија е силна и ќе победи!”, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Мециновиќ: Среќен сум со текот на кампањата и сè поверојатно е дека влегуваме во втор круг

Вчеравечер, во рамките на своите народни средби во Аеродром, Центар и Кисела Вода, кандидатотот за градоначалник на Скопје од партијата Левица, Амар Мециновиќ презентираше дел од програмата #СкопјеСЕГА и повторно потсети дека досега се третирале симптомите, наместо изворите на аерозагадувањето.
„Град Скопје го посочува прстот кон сиромашните, како тие да се виновни, наместо да работи на санкционирање на вистинските загадувачи. Мора да се зголеми бројот на инспекторите за животна средина, да се опремат со дронови за поефикасна работа на терен и да се унапреди соработката со Министерството за животна средина,“ истакна Мециновиќ.
Тој информираше дека градот, поради актуелната регулатива, нема надлежност без Министерството да врши инспекциски надзори над индустриските загадувачи, кои се најголем извор на аерозагадување.
Мециновиќ додаде: „Повторно ќе истакнам дека со решавање на проблемот со јавниот транспорт – кој, патем, е главен фокус во нашата програма, ќе се реши поголем дел од проблемите во Скопје, вклучително и аерозагадувањето.“
„Среќен сум со текот на кампањата и сè поверојатно е дека влегуваме во втор круг“ – заврши Мециновиќ.
Соопштенија
Тоневски: Во наредните 4 години ќе инвестираме во патната инфраструктура во Пробиштип

Патната инфраструктура е област во која никогаш нема крај, секогаш има потреба од изградба и реконструкција на уште една улица, секогаш има потреба од нови тротоари како на улицата „28 август“, „Партизанска“, на „Браќа Миладиновци“, на улицата „Кочо Рацин“ и на многу други локации, рече Тони Тоневски, кандидат за градоначалник на општина Пробиштип од ВМРО-ДПМНЕ.
„Но Пробиштип не е само градот, во наредните 4 години ќе инвестираме во секое населено место. Асфалтерките ќе стигнат до секоја населба и секое село. Ќе го изградиме патот до Јамиште, Шталковица, Пестришино, Близанци, Кундино, Костомар, Горни Стубол. Ќе го прошириме и реконструираме патот до Свети Николе, преку Неокази и Мечкуевци, за да добиеме вистински регионален пат каков што доликува на нашата општина. На сите жители ќе им овозможиме нормален и безбеден пристап до нивните домови и села. Заборавени места повеќе нема да има. Направете го вистинскиот избор, за тебе за твоето место, за твојата иднина“, рече тој.
Соопштенија
Ливриниќ: Визбегово како уредна и поврзана населба со нови тротоари, градинка и мини плоштад

Кандидатката за градоначалник на Општина Бутел од СДСМ, Оливера Ливриниќ, оствари средби со жителите на населбата Визбегово, каде што разговараше за секојдневните проблеми со кои се соочуваат граѓаните и ги претстави приоритетните мерки од својата програма за овој дел од општината.
„Во Визбегово кога врне и кога не врне е исто – тротоари немаме. Тоа мора да се промени. Мој приоритет ќе биде изградба на тротоари на сите улици и асфалтирање на улиците и нивните краци, за да имаме уредна и безбедна населба. Планираме и поставување лежечки полицајци на повеќе локации за да ја зголемиме безбедноста на пешаците“, истакна Ливриниќ.
Таа додаде дека грижата за животната средина и за животните мора да биде дел од локалната политика, најавувајќи изградба на стационар за кучиња и програми за уредување на јавните површини.
Како дел од визијата за поквалитетен живот, Ливриниќ најави и мини плоштад во центарот на населбата, опремен со урбана опрема – простор за дружење, културни настани и заедништво на жителите.
„Старото училиште ќе добие нова функција – детска градинка. Визбегово заслужува современ и безбеден простор за нашите најмали“, додаде таа.
Ливриниќ рече дека во соработка со Град Скопје, ќе биде воведена и нова автобуска линија Радишани – Визбегово – Карпош, со што ќе се подобри поврзаноста и ќе се намали сообраќајниот метеж.
„Визбегово ќе го направиме пример за тоа како една населба може да биде уредна, безбедна и пријатна за живеење. Ова не се ветувања, туку план кој заедно со жителите ќе го спроведеме“, порача Оливера Ливриниќ.