Македонија
Девет години од несреќата во Охридското Езеро во која загинаа 15 бугарски туристи
Денеска се навршуваат девет години од трагедијата на Охридското Езеро кога во најголемата бродска несреќа во историјата на Охрид загинаа 15 туристи од Бугарија.
По тој повод, делегации на Општина Охрид, на Амбасадата на Бугарија, претставници на Здружението на граѓани „5 септември” од Охрид, на ротари-клубот од Охрид и граѓани ќе положат цвеќе на споменикот поставен на Кејот на Охридското Езеро.
Несреќата се случи на 5 септември 2009 година, во 10:30 часот, кога потона бродот „Илинден“ со 57 патници кој требаше да патува до Свети Наум. Бродот се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.
Осум од жртвите беа жители на општина Антон, четворица од општина Пирдоп и по еден од општините Златица, Мирково и Рибарица.
Бродот „Илинден“ две седмици по несреќата беше извлечен од езерото. Истиот ден беше одвлечен до каналот Студенчишта, каде по спроведената истрага за неговата техничка исправност се наоѓа и денеска. Капетанот на бродот, Сотир Филески, еден ден по несреќата беше приведен, а речиси две години по несреќата беше осуден на затворска казна од една година. Во отсуство беа осудени и овластениот претставник на германската осигурителна компанија „Лојд“, Бранко Баиќ, поради пропусти при проверките на техничката исправност на бродот, изграден во 1924 година. Судските власти во Бугарија во посебна постапка поради законски пропусти изрекоа парична казна од 4 500 лева, односно околу 2 300 евра на организаторот на патувањето, Борјана Георгиева, како и двегодишна забрана за туристичка дејност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лашкоска: Обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денес ја посети Гевгелија каде заедно со градоначалникот, Андон Сарамандов, се приклучија на акцијата за масовно пошумување и подигање на јавната свест „Да пуштиме корени во нашата Гевгелија“ во рамките на која на месноста Топлик, Гевгелија се засадуваа 6000 дрвни насади.
„Министерството за животна средина ги поддржува активностите за пошумување во државата бидејќи тие се значаен ресурс од повеќе аспекти – заштита на биодивезитетот, подобрување на квалитетот на воздухот, климатските промени, заштита од ерозија и свлечишта и се важен економски ресурс“ изјави Лашкоска на настанот потенцирајќи дека обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво особено во услови кога сме соочени со многу високи летни температури и со сериозно опожарување на шумите на територијата на целата држава.
Таа упати честитки и благодарност до градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов и општина Гевгелија за одлично реализираната акција.
Во рамките на посетата на општина Гевгелија, заменик министерката Лашкоска и градоначлникот Сарамадов направија увид во реализацијата на проектот за намалување на загуби на вода со замена и инсталација на водомери заедно со инсталација и конфигурација на опрема со далечинско отчитување. Проектот го имплементира ЈКПД Комуналец Гевгелија, а е финансиски поддржан од страна на МЖСПП со средства во висина од 5 милиони денари.
Македонија
СДСМ утре на Конгрес ќе избира ново раководство
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија утре ќе го одржи 30. партиски Конгрес, на којшто ќе биде избрано новото партиско раководство.
Од опозициската партија известија дека Конгресот ќе има отворен и работен дел, ќе се разговара за идните, нови политики на партијата и ќе биде избрано новото раководство, однсно членовите на највисиките тела во СДСМ – Централниот и Надзорниот одбор.
На почетокот, ќе има обраќање на Венко Филипче, кој пред пет месеци ја презема претседателската функција од неговиот претходник, Димитар Ковачевски по големиот пораз што го претрпе партијата на парламентарните и претседателските избори.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ контра Кузеска: Оваа Влада вложува во модернизација, претходната потроши 5 милиони евра на службени возила
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ која што вложува во модернизација, професионализација и осовременување на условите за работа во македонските институции, СДС и ДУИ во своето владеење за службени возила потрошиле повеќе од пет милиони евра, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на портпаролката од СДСМ, Богданка Кузеска.
„Очигледно на функционерите од СДС изминатите седум години на власт, најважна им била сопствената комоција, а не и реалните проблеми на обичните луѓе“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека во буџетот за 2025 година предвидено е зголемување на средствата за модернизација на МВР, одбраната, здравството, земјоделието, односно предвидени се зголемени средства за набавка на опрема во сите институции.
Кузеска претходно денес на прес-конференција обвини дека власта ги одби амандманите за поголеми плати, а ќе троши на мебел и скапи автомобили за функционерите.