Свет
ТАСС: Ангела Меркел разговарала со Путин и Ердоган за ситуацијата во Идлиб
Германската канцеларка, Ангела Меркел, кажа дека разговарала со претседателите на Русија и Турција, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган, за ситуацијата во Сирија и особено во провинцијата Идлиб, пренесува ТАСС, повикувајќи се на интервјуto на германскиот лидер за телевизиските канали Ер-те-ел и Ен-ТВ.
„Должни сме да не дозволиме хуманитарна катастрофа во Идлиб, ова е важна задача”, истакна Меркел. „Зборував за ова со Ердоган и Путин”, додаде таа.
Според неа, ситуацијата во сириската провинција Идлиб е двосмислена, бидејќи таму има радикални групи со кои меѓународните сили треба да се борат, но од друга страна, треба да се заштити и мирното население.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германските угостители не можат да најдат доволно работници за Европското првенство
Германските ресторани и хотелиери очекуваат рекорден број посетители за време на Европското фудбалско првенство, но истовремено стравуваат од недостаток на кадар, пишуваат германските медиуми.
„Речиси е невозможно да се најде персонал на пазарот, ќе мораме да управуваме и да привлекуваме персонал од други гранки преку приватни агенции за посредување за одреден временски период“, вели Сами Нофал, менаџер на паркхотелот Хајнер во Гелзенкирхен во Западна Германија, каде, меѓу другото, се одржуваат натпревари.
Во склоп на хотелот има и голема тераса на која ќе биде организирано јавно гледање на натпреварите на ЕП, кои ќе се одржат во Германија од 14 јуни до 14 јули.
Персоналот „позајмен“ за време на натпреварите ќе чини значително повеќе, но немаме излез“, вели Нофал.
На рестораните низ Германија им е тешко да најдат нов персонал во нивната земја пред Европското првенство, кој делумно ја напушти индустријата за време на пандемијата на коронавирус.
Синдикатот на вработени во хотелиерството и угостителството НГГ смета дека работниците го свртеле грбот на угостителството и хотелиерството и дека во голема мера не се вратиле по пандемијата поради традиционално ниските саатници.
„Ова, како што покажа анкетата меѓу нашите членови, е главната причина поради која персоналот му врти грб на угостителството“, велат од НГГ.
По правило, рестораните им плаќаат на своите вработени околу 13 евра на час за келнери.
Здруженијата на угостители причината за кадровските проблеми ја гледаат пред се во „академизацијата“ на општеството и демографските промени.
Критичарите на социјалната политика на актуелната власт посочуваат дека на овие работни места тешко се придобиваат милионите бегалци кои од 2015 година пристигнаа во Германија бидејќи по правило социјалните бенефиции се повеќе од заработувачката во угостителството. Покрај тоа, бегалците и барателите на азил генерално не зборуваат доволно добро германски за да работат директно со клиентите.
И покрај проблемите со персоналот, рестораните и хотелиерите очекуваат позитивен биланс на претстојното ЕП во Германија и слични поволни ефекти како за време на одржувањето на СП 2006 во Германија.
Свет
Израел го осуди словенечкото признавање на Палестина
Израелското Министерство за надворешни работи ја осуди денешната одлука на Словенија за признавање на независна палестинска држава.
Министерот за надворешни работи Израел Кац рече дека одлуката, која ќе оди на одобрување во словенечкиот парламент, е награда за Хамас за убиства и силувања. Во изјавата Кац вели дека овој потег го зајакнува и Иран, непријателот на Израел и му штети на „блиското пријателство на словенечкиот и израелскиот народ“.
„Се надевам дека словенечкиот парламент ќе ја отфрли оваа препорака“, додаде тој.
Словенечката влада претходно денеска објави дека им се придружува на европските земји кои ја признаваат палестинската државност.
Премиерот Роберт Голоб рече дека неговата влада се согласила со одлуката за признавање на Палестина и најверојатно ќе ја достави мерката до парламентот на конечно одобрување следната недела, објави новинската агенција СТА.
Словенија го следи патот на Ирска, Норвешка и Шпанија. Тие земји официјално ја признаа независна Палестина претходно оваа недела. Шведска го направи тоа пред десет години.
Повеќе од 140 од 193 земји-членки на Обединетите нации ја признаваат Палестина како суверена држава. Западноевропските земји и САД долго време беа исклучок.
Европа
Столтенберг: Украина се уште може да победи, но само со поддршка на НАТО
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека „дојде време“ членките на алијансата да преиспитаат некои од ограничувањата за употребата на оружјето што и се доставува на Украина за борба против Русија.
„Сојузниците ја снабдуваат Украина со различни видови оружје и некои воведоа ограничувања за употребата на ова оружје, тоа се национални одлуки. Но, мислам дека, со оглед на начинот на кој се одвива војната, дојде време да се разгледаат тие ограничувања и да се дозволи Украина вистински да се одбрани“, рече Столтенберг во Прага на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО.
Украина го повика Западот да ги ублажи тие ограничувања, но државите се повеќе се поделени околу тоа дали да и дозволат на Украина да гаѓа цели на руска територија.
Според Столтенберг, Украина сепак може да ја победи Русија, „но само со постојана силна поддршка од сојузниците во НАТО“.
Британија, балтичките земји и Данска тврдат дека тоа е дел од легитимната самоодбрана од инвазија, додека други велат дека оружјето може да се користи само во Украина, изразувајќи стравувања дека нападите врз Русија ќе го вовлечат Западот во конфликтот.
Белгија оваа недела соопшти дека авионите Ф-16 што има намера да ги испорача на Украина може да се користат само во нејзините граници.
Германија издаде слични предупредувања за своите испораки на тешко оружје, вклучително и тенкови Леопард.