Економија
Анѓушев: Ги решивме наследените проблеми, се интензивира изградбата на автопатот Кичево-Охрид
Предлог законот за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патната делница Миладиновци – Штип и патната делница Кичево – Охрид денеска пред новинарите го образложија вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.
На средбата присуствуваа и професори од Градежниот факултет кои учествувале во надминувањето на настанатите состојби при процесот на изградба на автопатот Кичево-Охрид.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, на средбата ја образложи потребата од донесување на предлог измени на Законот, се со цел да се забрза динамиката на изградба на автопатската делница Кичево – Охрид.
Анѓушев потенцираше дека биле наследени огромни проблеми поврзани со непостоење на девет клучки во самиот проект, непостоење на алтернативни патишта, потоа огромен проблем со геомеханичките карактеристики на тунелот и проблеми со косините на трасата, за што се потребни дополнителни финансиски средства за доизградба на оваа автопатска делница.
Исто така тој информираше и дека финансиските средства што ЈП за државни патишта ги исплаќало кон Изведувачот по однос на градежни материјали биле многу повисоки во споредба со реалните пазарни цени.
„Кога денес би требало да се потпишува таков договор, јас лично не би учествувал во таков договор, но морам да кажам дека Владата и сите ние бевме исправени пред една ситуација кога проектот веќе беше започнат. Државата имаше земено одредени обврски и овој проект мора да се продолжи. Денеска во Владата направивме анекс на тој договор што ќе го предложиме во Парламентот, каде што се надеваме дека пратениците ќе го поддржат и со тоа ќе се деблокира градењето на овој автопат во прва фаза со сите дополнителните работи, многу поекономично и по цени далеку пониски од тие што претходно биле номинирани. Со домаќински пристап ќе заштедиме сериозни средства за државата, притоа проектот ќе биде имплементиран и нормално, на крајот државата нема да ја донесеме во ситуација на финансиски потешкотии“, рече вицепремиерот за економски прашања.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, изјави дека донесувањето на анекс на основниот договор е повеќе од потребен се со цел да се забрза изградбата на овој капитален проект, а од друга страна да се овозможат редовни исплати на подизведувачите на овој проект за извршените градежни работи.
„Денеска зборуваме за решение на проблемот. Во самиот предлог на Законот ослободуваме 205 милиони по сите ставки. Ова е значајно за да може да се продолжи со изградбата, а од друга страна да се овозможи нормално плаќање кон домашните подизведувачи. Веќе за еден месец ќе имаме и нов анекс со кој точно ќе ги утврдиме дополнителните средства по сите ставки и една финална сума на средства потребни за доизградба на автопатот”, изјави Сугарески.
Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, најави дека со донесување на овие измени на законот, во наредните месеци ќе се забрза изградбата на автопатот и притоа ќе се изврши препроектирање на сите елементи кои недостасуваат во проектот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

